ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Честото менување на мерките создава неизвесност која негативно се одразува

Мерките за справување со Ковид - 19 - Работник
73views

Владата вчера донесе одлука угостителските објекти да работат до 21 часот, на што некои од нив изреагира бурно со оглед на тоа дека намалувањето на работното време ќе значи и намалување на работните места. Од друга страна, туристичките агенции најавија дека ќе има отпуштања на работници доколку не се одблокира нивната работа.

Во однос на намалувањето на работното време до 21 часот, од Туристичко – угостителската комора при Сојузот на стопански комори на Македонија за порталот Работник велат дека здравствено-економската криза предизвикана од вирусот Ковид 19 покажа дека нема да заврши наскоро, поради што и мерките кои се креираат за справување и намалување на штетните последици мора да бидат дизајнирани така што ќе може да се применуваат долгорочно, односно да може да го дадат очекуваниот ефект и на подолг рок.

„Затоа и сметаме дека најдобро решение е воспоставување на прецизни протоколи за сите дејности и развивање на систем за нивно строго контролирање. Искуството покажа дека целосно затворање даде краткорочен резултати, а доколку нема ефикасен систем на контрола и најрестриктивните мерки нема да се почитуваат. Исто така честото менување на мерките создава дополнителна неизвесност и непредвидливост која негативно се одразува на и така тешкото функционирање на претпријатијата“, велат од Туристичко – угостителската комора при ССК.

Вчера беше изгласан ребалансот на буџетот, со што ќе започне да се реализираат економските мерки од четвриот пакет мерки вреден 470 милиони евра. Голем дел од македонските медиуми пишуваа дека задоцнетото носење на ребалансот на буџетот може да направи проблем во исплатата на октомвриските плати во приватниот сектор.

Од Туристичко – угостителската комора велат дека нивните очекувања се да час поскоро се изгласаат и предлог – законите кои се неопходни за да почне реализацијата на мерките од четвриот пакет.

„Исплатата на платите за месец октомври треба да се реализира до 15 ноември, а надлежните институции треба да ги преземат сите потребни мерки за претпријатијата кои се погодени од кризата да ја добијат потребната помош во предвидениот рок“, велат од комората. 

Во четвриот пакет на мерки имаше издвоено и една мерка која ги опфаќа рестораните за свадби, за што имаше повеќе реакции во јавноста за тоа дека таква мерка треба да има за сите видови угостителски објекти.

Од Туристичко – угостителската комора истакнаа дека тие доставиле барање за обезбедување на грантови за сите дејности кои се уште се затворени со владина одлука, како и оние кои добиле протоколи за работа пред еден месец. 

„Овие дејности практично беа целосно затворени или се уште се затворени и се наоѓаат во понеповолна позиција во однос на другите кои иако отежнато, сепак можат да работат согласно протоколи“, велат од комората. 

Во однос на најавните отпуштања во туристичкиот сектор, од комората истакнаа дека во економијата подобро е да се вложат напори да се одржи активноста на некое претпријатие, дејности или слично, отколку да се дозволи да замре, бидејќи потоа за нејзино повторно активирање потребни се многу повеќе ресурси, напор, време.

„Така е и со задржувањето на работните место. Затоа комората во континуитет бара економските мерки да се насочени кон продуктивниот дел на економијата, односно средствата да се вложуваат онаму каде ќе креираат додадена вредноста, ќе создадат дополнителни средства и ќе отвораат нови работни места или барем ќе ги задржат постоечките“, велат од Туристичко – угостителската комора. 

Бобан Илијевски