- Advertisement -
ИнтервјуаНовостиСветот на работникот

Чкламовска: Работата од далечина за многумина работници нема да биде прифатлива поради нашиот менталитет

Работата од далечина за многумина работници - Работник
627views

Ексклузивно интервју на порталот Работник со Билјана Чкламовска, раководител на правен сектор, човечки ресурси и Compliance Manager во австрската компанија Новоматик АГ во Македонија, во однос на повеќе прашања поврзани со работата од дома (далечина) но и синдикалното организирање.

„Секоја компанија има свои специфики, така што не може однапред во законот да се предвиди кои се прашања можат да бидат предмет на Договорите за работа од далечина и од дома, па ќе се остави можност за дополнителни ставки во нив, кои нема да се косат со законот и со колективните договори“, вели Чкламовска во одговор на едно од прашање.

Во продолжение е целосното интервју: 

Работник: Пандемијата предизвикана од Ковид – 19 вирусот донесе промени во светот на работа, со тоа што голем дел на работници се префрлија на работа од далечина. Во светот, компаниите веќе го менуваат моделот на работа и вработените ги пренасочуваат на работа од дома. Кои се Вашите очекувања за македонските компании? Дали и тие ќе ги испратат, секако онаму каде што е возможно тоа, вработените на работа од далечина?

Чкламовска: Во нашата земја обликот на работа од далечина, пред почетокот на пандемијата, беше многу ретка појава, но и пошироко во светот, овој облик беше специфика на самовработените односно слободните работници (freelancers) и за ИТ индустријата, поради тоа што подразбира употреба на модерната технологија.

Сметам дека и после пандемијата во одредени македонски компании  каде што работата не е врзана со седиштето на компанијата и кои имаат пред се техничко технолошки услови да спроведат работа на далeчина, оваа пракса ќе продолжи.

Сепак за склучувањена Договор за работа од далечина потребна е волја од обете страни- работникот и работодавачот.

Се покажа дека заштедата во однос на трошоците за простор, електрична и топлотна енергија, вода, интернет и сите други трошоци за канцелариско работење, е значајна за работодавачите. Од друга страна најважната придобивка за работниците е: повеќе време за семејниот живот за сметка на времето поминато во припремање и пат до и од работното место и порелаксирана работна атмосфера, па сепак  според анкетите, на работниците на овие простори најмногу им одговара комбинирано работење (2 или 3 дена во канцеларија, 2 или 3 дена надвор од неа). Претпоставувам дека целосното префрлање на работа од дома, односно од далечина, не е прифатливо за поголемиот дел од работниците во регионов заради нашиот менталитет, културните и традиционлните навики и потребата за активен социјален живот, карактеристични за нашиот народ.

Работник: Во сегашниот Закон за работни односи во само три члена се споменува работата од дома (членовите 50, 51 и 52). Овие членови дефинираат само дека вработените имаат право да работат од дома, како и дека треба да имаат еднаков третаман од однос на безбедноста и здравјето при работа. Какви законски одредби се потребни за да поконкретно се уреди работата од далична?

Чкламовска: Во постоечкиот Закон за работни односи, донесен во 2005 година и многу пати дополнуван и изменуван, во трите члена кои ги спомнувате, се регулира само работата од дома, што е само еден сегмент од овој облик на работа.

Работата од далечина може да се врши од било кое место надвор од седиштето на компанијата (од интернет кафе, од кафуле, од планина, плажа….од секаде каде што постои интернет конекција).

Во тек е создавање на нов Закон за работни односи, што би требало да биде прилагоден на новите состојби во работното опкружување и односите помеѓу работодавачите и работниците, и за прв пат во неговата припрема учествуваат повеќе заинтересирани страни, што значи освен МТСП, и претставници на синдикатите, на здруженијата на работодавачите, на невладиниот сектор, на трудовиот инспекторат и професори по трудово право.

Во неговата работна верзија веќе е поделена работата на издвоено место на работа од дома и работа од далечина, а дадени се и определени насоки како да се уредат меѓусебните обврски и права помеѓу работодавачите и далечинските работници, во смисол на решавање на прашањата:

  • кој ќе ги сноси трошоците за простор, електрична и топлотна енергија, вода, интернет (работникот со или без надомест или работодавачот),
  • кој ќе ги обезбеди средствата за работа,
  • како ќе биде распределено работното време, паузите, дневниот,неделниот и годишниот одмор,
  • како ќе се одвива меѓусебната комуникација и соработка помеѓу далечинските работници во компанијата, и помеѓу нив и органите на управување,
  • нивно стручно усовршување и разнвој

Секако, секоја компанија има свои специфики, така што не може однапред во законот да се предвиди кои се прашања можат да бидат предмет на Договорите за работа од далечина и од дома, па ќе се остави можност за дополнителни ставки во нив, кои нема да се косат со законот и со колективните договори.

РабоникЗемено согаласно сегашната пракса на почититување на Законот за работни односи, колку, според Вас би се почитувале и правата на оние кои би работеле од далечина?

Чкламовска: Тешко е да се предвиди, сепак е нова и неистражена материја.

Судејќи според досегашната пракса, во нашата земја, непочитувањето на одредбите од ЗРО и кршењето на работнички права не е воопшто ретка појава, би рекла дури и вообичаена појава, така што не сум голем оптимист дека сега ќе се случи некакво волшебство преку ноќ. Во моментов многу работници работат од дома на свои лаптопи и компјутери, сами си плаќаат струја и интернет,  ниту им бил понуден, ниту пак побарале некаков договор за новонастанатиот работен однос, ниту пак помислиле на тоа. 

Зрак надеж дека можеби на овие работници ќе им се почитуваат правата во поголема мера, ми дава фактот дека, само поголеми и поуспешни компании ќе имаат услови да организираат работа на далечина, и дека само дигитално писмени работници ќе можат да вршат работа од далечина, што подразбира претежно млади луѓе, кои се надевам се поинформирани за своите права од работен однос и се посвесни за фактот дека работата не е само плата.

Работник: Како гледате на синдикалното организирање во Македонија, во јавниот и приватниот сектор во Македонија?

Чкламовска: Јас сум голем поборник на синдикалното движење, и навистина ми е жал што македонските работници ја изгубија довербата во синдикатите и сега треба да се вложуваат огромни напори таа да се врати. За волја на вистината работниците со право не веруваат во моќта на македонските синдикати, бидејќи тие во изминатите години (со ретки исклучоци), навистина не покажаа некоја особена борбеност и посветеност во заштитата на работничките права. Синдикалните раководства, оптоварени со суета и лични интереси, повеќе се грижеа за докажување на репрезентативноста и меѓусебната борба за превласт отколку за главната кауза. Во таа бесмислена војна сите се губитници: синдикатите го изгубија членството, а работниците се справуваат со своите проблеми секој за себе, кој како знае и умее.

Најзагрижувачки е фактот што синдикалното членство во глобала го сочинуваат претежно повозрасни работници.

Во приватниот сектор, ретки се компаниите кои во целост ги почитуваат правата од работен однос, а јавните и државните службеници не се во таа мера изложени на кршење на нивните права, но затоа пак се поизложени на мобинг.

Чкламовска: Што е потребно да се направи за да се унапреди синдикалното организирање во Македонија?

Прво и основно, потребно е синдикалните здруженија да престанат да се врзуваат со одредени политички структури, да се напаѓаат меѓусебно, да почнат да се почитуваат и соработуваат, да креираат политики за унапредување и заштита на човековите и работничките права  и да се поддржуваат кога е потребно тие политики да се одбранат. Секое од нив има право да си го одбере начинот на организирање и дејствување, но и без потценување да го почитува различниот начин на другите синдикални здруженија. Наместо да вложуваат напори во ковање заговори едни против други, и во превземање на членови едни на други, да ги вложат сите свои капацитети во вистинската работа заради која се регистрирани.

Работа, работа и само работа, нема друг рецепт за успех… да се промовира здружувањето и придобивките од тоа, преку широка едукација и работилници, да се застане зад секој еден човек, да се одбрани достоинството и интегритетот на секој еден работник, без исклучок. Македонските работници не се глупави, кога ќе го почувствуваат тоа, кога ќе бидат убедени дека здружување во синдикат им е потребно, и кога ќе можат со слободна волја да одлучат да се зачленат во синдикатот во кого имаат најголема доверба, самите ќе се придружуваат кон синдикатите, ама без политички или било какви други притисоци,.

Искрено се надевам дека ова, еден ден навистина ќе се случи.

Бобан Илијевски