- Advertisement -
ЕкономијаМакедонијаНовости

Шекеринска: Буџетот за одбраната за 2021 продолжува да расте, покажавме дека на нашиот збор може да му се верува

Шекеринска: Буџетот за одбраната - Работник
68views

„Буџетот за 2021 година е буџет за одбраната на земјата како членка на НАТО Алијансата. Годинава покажуваме дека обврските, стандардите, критериумите кои што сме ги прифатиле како земја членка на НАТО ги почитуваме. Затоа Северна Македонија и оваа година го зголемува буџетот за 0,2%  од БДП, движејќи се кон посакуваните 2%, но годинава за првпат целосно ја исполнуваме и втората обврските на земјите членки на НАТО која што произлезе од Самитот во Велс – а тоа е повеќе од 20% од буџетот за одбраната да се издвои за опремување и за модернизација“, рече министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, на денешната прес–конференција на која го презентираше одбранбениот буџет за 2021 година, кој трета година по ред расте и во 2021 година ќе достигне 1,57 посто од бруто домашниот производ, односно над 11 милијарди денари.

Со буџетот за 2021 година ќе го продолжиме процесот на опремување и модернизација на Армијата, за што се обезбедени 38 посто повеќе средства отколку во буџетот за 2020 година.

Со овој буџет добиваме и ново подмладување на Армијата, подобрување на стандардот на армиските припадници, квалитетна логистичка поддршка, реконструкција на армиските објекти, подобри услови на нашиот најголем полигон и Криволак и стабилно финансирање на Армија која е дел од Алијансата.

„Кризната состојба со КОВИД–19 во која што се наоѓаме најдобро покажува дека инвестирањето во Армијата е инвестиција во безбедноста на сите граѓани. Во овие три години, порастот на буџетот за одбраната ни овозможи да добиеме мотивирана, подобро обучена и подобро опремена Армија. Денес тоа не е само Армија на Република Северна Македонија, денес тоа е и армија на земја членка на НАТО. Подготвена да одговори на секој предизвик како што во моментов и помага на државата во справувањето со кризата“,информираше министерката и додаде дека во однос на овогодинешниот буџет, одбраната во 2021 година ќе има повеќе  средства за речиси 10 проценти во однос на буџетот за 2020 година.

Министерката истакна дека изминатите три години фокусот на вниманието беше ставен на состојбата со персоналот, особено во Армијата каде платите беа зголемени за најмалку 16 проценти, а во некои категории и повеќе, и преземени беа и конкретни чекори како измени во Законот за служба во Армијата со цел, преку зголемување на интересот за воената професија, да се обезбедат квалитетни професионални војници и да се зајакне и подмлади старешинскиот кадар. Продолжува и исплатата на станарина за припадниците на Армијата која започна од први март годинава.
 
Пример за успешното зголемување на интересот, рече министерката, е последниот конкурс за професионални војници каде за едно место се пријавија 10 кандидати, споредено со конкурсите од претходните години кога за едно место имаше пријавено во просек по само 1 до 1,5 кандидати.

Министерката истакна дека до крајот на 2020 година ќе имаме вкупно 270 нововработени професионални војници, и најави дека следната година овој број ќе се зголеми за уште дополнителни 200 со што значително ќе се подмлади армискиот кадар, особено во делот на професионалните војници.

Продолжува и инвестирањето во човечките капацитети – во 2021 година се планира прием на 54 нови офицери, дел од Воената академија, но и од граѓани кои претходно завршиле цивилен факултет, а се од критични специјалности важни за Армијата.

По цели 11 години пауза, започнува процесот на обновување на подофицерскиот кадар, кој е ’рбетот на Армијата, истакна Шекеринска и додаде дека заради 11-те години без курс за подофицери во моментов има дури 456 подофицери помалку од потребниот број.

„Неодамна заврши конкурсот за избор на кандидати и во следниве четири месеци ќе имаме два курса во кои што по 60 професионални војници ќе добијат шанса да бидат подофицери на нашата Армија. Со тоа, во овој дел навистина ќе решиме еден проблем кој што траел една декада“, порача Шекеринска.

Како што беше најавено, од 2021 година започнува и стипендирањето на студенти за критичните специјалности во Армијата, што е потврда дека вложуваме во луѓето и во нивните знаења и вештини кои и се потребни на Армијата.

Го зголемуваме и нашето меѓународно присуство. 2021 ја започнуваме со 73 мировници, а ќе ја завршиме со 199. Ќе останеме да придонесуваме кон мирот и безбедноста во мисии предводени од НАТО, ЕУ и Обединетите Нации. Во моментов нашите припадници се во Авганистан каде во одредена мера се намалуваат бројките, а ќе го зголемиме присуството во КФОР на Косово, ќе продолжиме да бидеме дел од АЛТЕА во БиХ, во УНИФИЛ во Либан, а наскоро со двајца штабни офицери ќе започнеме да даваме свој придонес и во мисијата на Европската Унија во Централноафриканската Република. Очекуваме следната година наши старешини да се приклучат и  во НАТО – мисијата за обука во Ирак и во рамките на т.н. „Зајакнато истурено присуство“ на НАТО во реонот на Балтикот.

„За припадниците на Армијата во овие меѓународни мисии и операции, во буџетот имаме 447 милиони денари од кои најголемиот дел – 6 милиони евра се за плати и надоместоци, а останатиот дел за логистички трошоци“ рече министерката и дополни дека со тоа исполнуваме уште една задача во споделувањето на товарот на земјите членки на НАТО, а тоа е придонесот во меѓународни операции, кој го зголемуваме.

Дома, продолжуваме да ја подобруваме и логистичката поддршка на Армијата – ја снабдивме Армијата со униформи, чизми, материјални средства и муниција и не само што го решаваме само наталожениот проблем, туку „правиме систем во кој тој проблем не смее веќе никогаш да се појави“.

„Со средства во буџетот од 2021 година ќе обезбедиме целосен континуитет на редовно снабдување со потребните материјали, замена на униформи, чизми, ќе набавиме свечени униформи и комплетирање на целиот тој комплет. Даваме дополнително спортска целосна опрема која што ќе ги зајакне капацитетите и ќе ја зајакне кондицијата во нашата Армија. Но, се разбира обезбедуваме и опрема и муниција од секаков вид за вежби, со главен фокус на подготовка на нашата НАТО декларирана единица Лесната пешадиска борбена група“, рече министерката. 

Но, главниот дел и многу важен дел од нашата работа во 2021 година, порача, ќе биде да го продолжиме процесот на опремување и модернизација на Армијата, за што се обезбедени 2,8 милијарди денари или 25 посто од одбранбениот буџет.

„Навистина инвестираме во следна генерација опрема, следна генерација вооружување, обезбедување на техника, обезбедување на соодветна опрема која што  ќе доликува на земја членка на НАТО“, рече Шекеринска. Со повеќегодишни договори набавуваме нови оклопни возила, неборбени возила, логистичка опрема за декларираните единици, информатичка опрема и опрема за сајбер безбедност, опрема за пешадија, артилериски средства.

Продолжуваат и капиталните инвестиции и тоа со забрзано темпо – за реконструкција на објекти и инфраструктура во 2021 година ќе има 25 посто повеќе отколку во 2020 година, кога беа успешно завршени повеќе вакви проекти, меѓу кои и реновирањето и опремувањето на објектот во Куманово каде сега е сместена командата на Бригадата на Југоисточна Европа, како и целосното реновирање на два големи објекти во касарната „Илинден“.

Министерката информираше дека планираните 328 милиони денари за оваа намена ќе се инвестираат во реновирање на нови објекти, на патната инфраструктура и објектите за сместување и обука на полигонот „Криволак“, кој, рече, е еден од клучните капацитети со кои Северна Македонија дава придонес кон колективната безбедност на НАТО.

„Уште во 2021 очекуваме  повторно на ’Криволак’ да бидеме домаќини на една голема воена вежба ’Одлучен удар 21’ каде што навистина ќе покажеме дополнително кои се капацитетите, кои се можностите на овој полигон, не само за нашата Армија, туку и за сите сојузници“, рече министерката. Додаде дека инвестициите и осовременувањето на овој полигон, ќе ни даде шанса не само да придонесеме во колективната безбедност, туку и да имаме некакви бенефити за нашата економија и за нашиот буџет.

„Со предложениот буџет за 2021 година во одбраната за нови 0,2 проценти од БДП, со издвојувањето на 25% за модернизација, покажавме дека на нашиот збор може да му се верува. Дека продолжуваме со исполнување на обврските како и во периодот кога чекавме на членство во НАТО. Тоа не го правиме, сета оваа инвестиција, вложување во луѓе и во опрема, не го правиме само за НАТО туку пред се го правиме за својата држава, за нашите граѓани и за нивната и наша заедничка безбедност. Добра држава значи и добра Армија, а во добра Армија треба да се инвестира. Она што го покажавме минатите години, ќе продолжиме да го правиме и во 2021. Да инвестираме таму каде што резултатите  веќе се гледаат “, заклучи министерката.

Advertisement
Advertisement