НовостиСветот на работникот

ШТО ДА НАПРАВИТЕ АКО НЕ НАОЃАТЕ „ЗАЕДНИЧКИ ЈАЗИК“ СО ШЕФОТ? ЕВЕ 6 ЧЕКОРИ КОИ ЌЕ ВИ ПОМОГНАТ

   Време за читање 15 минути

Многумина се прашуваат како да разговараат со шефот во моменти на започнување на кариерата или несогласување. Било да започнувате да ја градите кариерата или да сте во деловниот свет долги години, големи се шансите дека понекогаш ќе се прашате како да разговарате со шефот бидејќи тој едноставно – не ве разбира.

Ако имате среќа, вашиот шеф е разумен и сам знае дека некогаш бил на ваше место, знае дека се трудите и исто така знае колку е потребно за навистина да се заврши работата. Но што доколку тоа не е случај? Што ако соработувате со шеф кој не разбира што работите или, уште полошо, не сака да се потруди да дознае?

Пред да започнете да паничите, размислете. Не е неопходно вашиот шеф да работел на иста работна позиција, за да ве разбере. Всушност, што повеќе напредувате во кариерата, поголема е веројатноста дека ќе испадне дека не ја работел вашата работа.

Постои веројатност дека вашиот шеф единствено е стручен во друго подрачје. На пример, можеби има врвно знаење за создавање на Ексел табли, но нема лична фејсбук страна, а камоли знаење за изработка на кампањи на социјални мрежи. Од друга страна, тоа е нешто во што сте вие стручни. И тоа е сосема во ред.

Поголем проблем настанува ако вашиот шеф воопшто не е заинтересиран за она што го работите, не ја цени вашата работа, не верува дека ќе процените што треба да направите за да успеете или не разбира како придонесувате кон исполнување на целите на компанијата.

Од вас може да се очекува да ја извршувате вашата работа без доволно потребно време или ресурсите кои ви се потребни. Долгорочно гледано, може да дојде до фрустрирачки однос со вашиот шеф и другите колеги и потенцијално да ја стагнира вашата кариера.

Сосема сигурно, тоа може да ве деморализира. Но, запомнете дека вашиот шеф можеби нема лоши намери. Можеби за првпат се наоѓа на раководна позиција и треба да му помогнете да ја разбере работата која ја извршувате.

Ова можете да направите да биде игра во која сите победуваат – не за да го натерате вашиот шеф да разбере што работите на пониско ниво, туку да го натерате да ве поддржи вас, вашата работа и вашата кариера.

Кога размислувате како да разговарате со шефот, земете ги предвид овие шест работи кои можете да ги направите за да го промените односот кога се сомневате дека вашиот шеф не ве разбира.

Бидете сигурни

За почеток, немојте да претпоставувате. Само затоа што вашиот шеф можеби нема практично искуство со најновите дигитални алатки или не ве фали за работата која ја извршувате, не мора нужно да значи дека не знае што работите и дека не го цени вашиот труд. Работата на вашиот шеф е да ја согледа пошироката слика.

Поради тоа, одвоите време за да сфатите дали се работи за тоа дали вашиот шеф навистина не го разбира она што го работите или како се вклопувате. Еве неколку начини како да го направите тоа.

Истражете

Пред да разговарате со шефот – гуглајте го. Кое е неговото досегашно искуство? Може да има повеќе практично искуство на позиција која е слична на вашата. Или не. Во секој случај, овие информации ќе ви бидат од голема корист и ќе можете да ги искористите за тоа како да разговарате со шефот.

Прашајте ги колегите

Колегите кои веќе работеле со вашиот шеф би можеле да ви дадат увид. Искористете ги тие ресурси. Можете да ги прашате на овој начин: „Здраво, според твоето искуство, кој е најдобриот начин да го запознам шефот и да добијам негово прифаќање и поддршка?“

Осврнете се на изворот

Како менаџер, вистинско освежување е да имате подреден кој ќе ви рече: „Знам дека работиш на важно работно место, па не сакам да го губам времето на детали кои веќе ги знаеш. Слободно запри ме ако навлегувам во такво подрачје“ или „Знам дека ме вработи да работам на (работните задачи) и се надевам дека притоа ќе можам да го искористам твоето искуство.“ А кога ќе го привлечете неговото внимание, објаснете што е вклучено во она на што работите.

Побарајте помош на вистинскиот начин

Запомнете, во ред е ако вашиот шеф не е запознаен со најситните детали на вашата работна позиција. Она што е уште поважно е што може да ви помогне и да ве поддржи со тоа што ќе ви даде повеќе ресурси, отстрани други обврски за да ви овозможи да се сконцентрирате на главните приоритети или само да ве ислуша и да ги реши проблемите со вас. Но треба да знаете да прашате на вистинскиот начин.

Комуникацијата е клучна. Клучно е да му пристапите на вашиот шеф кога е слободен и отворен да ви го посвети своето внимание. Закажете состанок еден на еден од 15 до 30 минути. Поканете го на кафе вон канцеларија и погрижете се другите приоритети да не ви го попречуваат заедничкото време.

Напишете ја „домашната работа“ пред да одите на состанокот. Одберете една работа која ја работите – специфична и сложена задача која очигледно е потребна за да се постигнат поголемите цели на вашиот шеф – за која, на некој начин, ви е потреба помош.

Вежбајте претставување на проблемот во траење од 30 секунди и притоа поставете си себеси јасни прашања: Не сте сигурни по која од двете насоки да тргнете? Дали ви треба некаков придонес од другите членови на тимот? Дали ви треба ден без состанок за да се посветите на нешто што изискува фокус? Што и да е, бидете сигурни дека можете да бидете прецизни.

Вашиот шеф ќе одговори на еден од овие два начини:

  1. Ќе ви поставува прашања и ќе покаже желба да дознаете повеќе за да можете навистина подобро да ја разберете темата што ќе ви помогне во насочувањето. Може да ви понуди предлози, но и да признае дека не знае за што зборувате, што е во ред. Овој одговор е идеален за вас, за да преку разговор ги разработите деталите. Секогаш имајте на ум зошто тоа долгорочно е важно. Ваша работа е да им помогнете да ве видат вас и вашата вредност.
  2. Ќе се вознемири и ќе ви рече самите да пробате да сфатите – не затоа што не сака да ви пружи шанса за професионален развој, туку затоа што нема храброст да признае дека не знае и не му е доволно грижа да се обиде да разбере. Кога шефот не сака да ви понуди ништо во смисла на совет или дури не е ни љубопитен, можете да бидете прилично сигурни дека работите за шеф кој не го разбира тоа и не сака да сфати.

Бидете свесни како вашата работа придонесува кон целите на компанијата

Вашиот шеф исто така има наредби од повисоките врвови и се обидува да даде сѐ од себе за да постигне резултати. Добрите лидери мораат да знаат да ги одредат приоритетите, да планираат и комуницираат. Постои цел за она што го работат и како тоа го работат. Вашата работа е да научите што им е важно на шефот, шефовите на вашиот шеф и на севкупната компанија, а потоа да се погрижите тоа да го постигнете.

Со други зборови, погрижете се да разберете како она што го работите придонесува кон целите.

Секоја компанија има сеопфатна мисија. Што вие правите за да ја остварите?

На пример, ако мисијата е да „станете водечки на одреден пазар“, вашата компанија може цели кон тоа да ја зголеми продажбата за 10 % во однос на минатата година. Ако сте задолжени за финансии, можеби сте одговорни за тој дел.

Ако сте инженер, вашиот тим може да придонесе кон целта која продажната страна може да ја користи за зголемување на продажбата кон постоечките клиенти и да се фокусира на привлекување нови.

Продолжете да работите на истражувањето за да дојдете до јасни, делотворни и достижни цели на кои можете да се сконцентрирате.

Истакнете се со своите достигнувања

Не е доволно само да знаете колку она што го работите е важно за вкупниот успех на вашиот тим и компанијата. Морате да бидете сигурни дека и вашиот шеф го знае тоа. Значи, не смеете да се срамите од вашите достигнувања и би требало ги ставите во рамка која покажува како придонесуваат кон остварувањето на целите на организацијата.

Само-промоцијата можеби не е најдобра работа и сите се надеваме дека другите ќе го забележат нашиот придонес, без да треба да се „фалиме“. Но вистината е дека ако ја работите работата одлично, но никој не знае за тоа, таа може да ви помогне да  напредувате во кариерата.

Ако вие и вашиот шеф не се состанувате редовно, било еднаш или два пати неделно, започнете да го правите тоа веднаш. Запишете се во неговиот календар и договорете состанок.

Ако имате наведени цели, употребете ги тие факти да започнете разговор еден на еден: „Мило ми е што се најдовте со мене, (името на шефот). Знам дека компанијата очекува (резултати) до крајот на годината. Како што знаете, нашиот оддел ја поддржува таа цел, а јас работам со мултифункционален тим на постигнување на истата. Составив презентација со некои од досегашните бројки и возбуден сум (наведете зошто сте возбудени).“

Немојте тоа само да го изговорите и да го оставите така. Запишете го тоа јасно, во содржински документ кој ќе го споделите со својот шеф во текот на состанокот или во мејлот кој ќе го испратите по разговорот.

Наведете ги севкупните цели на компанијата, придонесите на вашиот тим и што како поединец сте направиле за да помогнете во остварување на тие цели. И немојте само да ги набројувате дневните задачи кои ги извршувате. Морате да ги ставите во рамка на мерливи достигнувања. Како вашите задачи придонеле? Како сте ги рационализирале процесите? Како сте помогнале во намалувањето на трошоците или сте ја стимулирале тимската работа? Насочете го својот шеф кон тоа да ја види вредноста во она што го работите и колку го покажувате во одлично светло.

Замолете ги своите колеги да ги пренесат своите пофалби

Ако вашиот шеф не е волен да ве слушен, вашиот следен чекор е да организирате други да зборуваат наместо вас. Искористете ја моќта на своите интерни мрежи и мислењата на оние кои гледаат што работите од прва рака.

Кога и да работите на проект и некој колега ќе ве пофали, замолете го да ги сподели своите размислувања со вашите надредени. Направете го истото со клиентите и надворешните соработници.

Едноставно речете нешто како: „Хеј, фала ти. Сакам да работам со тебе и со твојот тим. Мислиш ли дека на мојот шеф би можела да му испратиш порака за тоа колку добро соработувавме и што постигнавме? Тоа многу ќе ми значи.

Било да му дадат или не дадат изјава на вашиот шеф во ваше име, приберете ги сите признанија и држете ги при рака. И немојте да го чекате годишниот преглед на успешноста за да ги споделите. Нека ви стане пракса секој месец да разговарате за тоа како соработниците во вашата компанија го ценат вашиот труд. Ако не можете да договорите редовни состаноци еден на еден (или сте биле неуспешни во организација на тие состаноци), доставете им новости по пат на кратки мејлови.

Бидете реални

Што ако сѐ уште никој не ве забележал, не можете да го натерате вашиот шеф да ве разбере, помогне, цени или дури да се грижи за она што работите?

Единствената личност која можете да ја промените сте вие. Ако сте направиле сѐ што можете за да му помогнете на својот шеф да разбере што работите, а сѐ уште не можете да го натерате да ги признае вашите заслуги, не му е грижа за вас и за она што го работите, можеби е време да размислете да продолжите понатаму и да дадете отказ. Немојте да продолжите да работите за оние кои не ве заслужуваат.

Неупатените шефови и компании без вистински лидери се реалност. Но тие не мораат да бидат ваша реалност. Некои луѓе никогаш нема да го разберат или ценат она што го добиваат од вработените. Тоа е вистината за која тешко можете да бидете свесни, но е нешто што мора да се направи за да другите ве ценат. Тешко е да се започне од почеток и да се најде друга работа, но уште потешко е да ги натерате другите да видат колку вредите.

Затоа длабоко вдишете и започнете да барате компанија која ќе ве цени, каде ќе можете да ја продолжите кариерата. Напишете мотивациско писмо, а откако ќе ве повикаат на разговор за работа бидете внимателни. Добро проценете ја културата на компанијата и стилот на управување на вашиот иден шеф пред да ја прифатите понудата за работа. На долг рок ќе бидете благодарни самите на себе што сте продолжиле понатаму. А вашата нова компанија и шеф ќе бидат благодарни што ве пронашле.

Извор: Zaposlena.hr

Фото: Pixabay

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси