Колумни

Што ли уште оваа корона криза ќе и приреди на македонската работничка класа?

Додека некои заработуваат двојно - Работник
444views

Анкетата на Организацијата на работодавачи на Македонија покажа дека 40,000 работни места се доведени во прашање, поради пандемијата на корона вирусот, односно неговиот удар врз економијата на Македонија. Според анкетата, 82 отсто од компаниите навеле дека ја чувствуваат кризата причинета од пандемијата. Тие се во девет сектори и во нив се вработени две третини од вкупниот број на работници во приватниот сектор.

Анкетата покажала и дека доколку кризата продолжи со ова темпо, најголемиот дел од компаниите, кои патем речено се средни и мали претпријатија, нема да можат да ја преживеат кризата. Ми се чини и дека Телевизија Сител пред некое време имаше прилог во кој беа прикажани затворените локали во Скопје кои и пред корона кризата тешко преживувале. Овие податоци, мислам дека треба да ги натераат креаторите на политики во оваа држава да стават „прст на глава“ и час поскоро треба да почнат да овозможуваат уште посилни мерки, за да им помогнат на овие загрозени компании.

Имено, Агенцијата за вработување на 4 јуни објави дека за само три месеци поради корона кризата во земјава без работа останале над 15,000 луѓе, бројка што е реално голема. Инаку податоците на Агенцијата за вработување покажуваат  дека на крајот од мај оваа година, во земјава имало 121,187 невработени граѓани, што е за 15,371 повеќе, во однос на крајот на февруари оваа година. Бројката на невработени и пред кризата беше голема, но според овие податоци може да се заклучи дека истата се зголемува. Гледано според месеци, во мај без работа останале 6,425 граѓани, во април, 7,030, а во март месец 1,916 граѓани. Повеќе од 15,000 невработени за три месеци, значи дека и толкав број на семјества останале без приход помалку. Искрено, не знам како ќе продолжи да се одвива ситуацијава. Она што најмалку сакам е да звучам обезжсхрабрувачки, но фактите го говорат спротивното. Уште кога во предвид ќе се земат оние коишто работеле во неформалната економија, мислам дека бројката на невработени би била многу поголема (ова е само моја претпоставка).

Синдикатите пак велат дека некои од компаниите кои се корисници на државната помош во висина од 14,500 денари, колку што е и минималната плата, со злоупотреба на Законот за работни односи, на своите вработени им исплаќаат понизок износ на плата од она што го добивале како помош. Одредени газди отсекогаш гледале да профитираат на сметка на работниците, па од нив не може да се очекува ниту во ек на криза да покажат солидарност и да постапат праведно кон своите вработени, кои жртвувајќи го своето сопствено здравје, продолжуваат да ги извршуваат своите работни задачи.

И КСС во едно свое соопштение посочи дека во одредени дејности на јавниот сектор платите се скратени за 25 %, додека во образованието за 5 %, што покажува дека ситуацијата во јавниот сектор не е баш најдобра, како што многумина мислат. Постои перцепција дека на вработените во јавниот сектор поминуваат полесно, но овие податоци го покажуваат спротивното. Според ова, може да се види дека работниците, било да се тоа од јавниот или приватниот сектор, се соочени со проблеми кога се работи за нивната заработка.

На средните и малите компании треба да им се овозможи најмногу помош, бидејќи тие се најмногу погодени оваа криза, а воедно вработуваат и голем дел од работниците во приватниот сектор. Добро, Владата рече дека ќе има финансиска помош и за оние коишто ќе останат без работа, како и за оние од неформалната економија, на кои ќе им се дава по 7,000 денари месечно, сума којашто можеби ќе им помогне да преживеат. Од Министерството за труд и социјална политика истакнаа дека на 16,012 невработени лица и стечајци им е исплатена сума од над 156 милиони денари. Тие посочија дека ќе им биде исплатен и паричен надоместок на сите оние коишто останале без работа од 11 март до 30 април. Во ред, сите овие мерки се добри и барем малку ќе им помогнат на невработените, но бројката на невработени постојано се зголемува, па ќе треба да се прошири и регулативата во однос на оние кои допрва ќе останат без работа за да можат и тие да бидат опфатени со овие мерки.

Како и да е, народот е во страв. Да, за своето здравје, но и за својата економска положба која и пред кризата беше кревка. Да не бидам погрешно разберен, јас не велам дека Владата не прави ништо. Таа прави, но дали е тоа доволно е сосема друго прашање. Она, што според мене не се зема во предвид е куповната моќ на македонскиот народ, односно проблемот со малата вредност на парите, ете тоа не се зема во предвид. Влегуваш со 500 денари во продавница, си земал три работи и упс – ти снемале пари. Проблем е што и пред кризата и тоа зборувам години пред кризата, Македонскиот народ беше и сеуште е специфичен по тоа што  вработените, се на прагот на сиромаштија. Си викаш: „ех да му се сневиди, работам, а заработката не ми ми стига за ништо“. Е, поради овие работи економските штети се уште подлабоки. Се додека креаторите на политиките во државава не ги увидат вистинските проблеми и навремено не ги решат, било да е во криза или надвор од криза, економската положба нема да се подобри, туку ќе стагнира. Затоа треба помалку популистички, а повеќе практични мерки.

Ставовите изразени во колумната, во ниеден случај не ги изразуваат официјалните ставови на Порталот Работник

Автор: Бобан Илијевски