МакедонијаПравдаСветот на работникот

Што мислат просветните работници за тоа како треба да се одвива учебната година?

Што мислат просветните работници - Работник
2.8Kviews

Во понеделник Владата ќе донесе протоколи за тоа како ќе се одвива учебната 2020 – 2021 година. Во сите овие случувања наставниците и децата ја имаат најважната улога во образованиот процес, па нивното мислење во овој случај е од исклучителна важност.

Порталот Работник се обрати до двајца просветни работници и побара нивен став околу тоа како треба да се одвива наставата во учебената година која претстои.

Професорот во средното гимназиско училиште СОУ „Гостивар“ во Гостивар, Тафа Ахмети рече дека негов став е да се воведе комбинирана настава. Како што тој појасни, тоа значи дека онаму каде што може, односно каде училиштата имаат можност наставата да се одржува на класичен начин, со физичко присуство на учениците и наставниот кадар, додека онаму каде што нема можност наставата, како што вели, треба да се одржува онлајн. Потенцираше дека неопходно е да се почитуваат мерките за заштита од Ковид – 19 и од учениците и од страна на наставниот кадар. 

„Сметам дека комбинираниот модел би бил најдобро решние. Онаму каде што има помалку ученици наставата би можела да се одвива со нивно физичко присуство, додека во училиштата каде што тоа не можно, наставата да се одвива онлајн“, вели Ахмети за Работник.

Тој посочи дека во средното училиште каде што тој работи постои можност да се изведува настава со физичко присуство на учениците, бидејќи има помал број на ученици во паралелки. 

Ахмети рече дека ќе биде тежок предизвик за учениците да ги почитуваат мерките за заштита од Ковид – 19, но доколку раководствата на училиштата изнајдат решение за ова, може да се погрижи децата да ги почитуваат мерките за заштита. 

Негово мислење е и дека наставниот кадар кој ќе предава онлајн, да работи од училиште, за да има организација во работата.

Анета Велкоска, одделенски наставник во ОУ „Браќа Миладиновци“ во Скопје вели дека од моментот кога започна пандемијата со Ковид -19, наставниците ја реализирале онлајн наставата како знаеле и умееле.

„Секој наставник се снаоѓаше со свои ресурси, материјали, технички помагала, интернет за реализација на наставата. Соработувавме, си помагавме и споделувавме идеи и онлајн алатки за учење на далечина. Се појавија потешкотии со користење на разновидни платформи за онлајн учење бидејќи немаше унифицирана, немаше организирани обуки за наставниците и прилагодена наставна програма“, посочи Велкоска.

Таа вели дека сето ова требало да се направи во изминатиот период и сега вработените во училиштата ќе имаат јасна претстава и ќе знаат како ќе работат во новата учебната година. Истакна дека тие се соочиле со многу предизвици, но тоа, како што вели, не можело да се спореди со учење во училница и физичко присуство на наставниците и учениците.

„Немавме јасна претстава за тоа колку учениците ги стекнаа знаењата и ги постигнаа целите. Во тој период, најголем дел од родителите се соочија со проблеми околу нивната улога како што ја нарекуваа на ‘наставници’ за да се посветат на домашните активности на своите деца, посебно со оние на помала возраст. Затоа, кога сме на прагот на новата наставна година се наметна прашањето како да продолжи наставата. Родителите кои се противеа на онлајн учење, сега се противат на идејата наставата да се реализира во училиште“, вели Велкоска

Нејзино лично мислење, со кое, како што вели, не мора да се согласаат сите, е дека учењето во училница е незаменливо и дека учениците треба да се вратат во училишните клупи. При тоа, вели таа, ќе биде потребно да се почитуваат сите препораки и да се постапува според протоколот за работа и упатството од Министерството за образование и наука, Бирото за развој и други вклучени субјекти.

Според неа, во училиштата ќе треба да се обезбеди  заштитна опрема за сите ученици и вработени, средства за дезинфекција, лична и колективна хигиена и поголем број технички персонал за одржување на хигиената на највисоко ниво. 

„Учениците ќе треба да ги стекнат навиките за одржување на хигиената и заштита уште од дома бидејќи имаа доволно време да ги научат, а ние како наставници да продолжиме да им ги развиваме тие навики. Доколку се создадат потребните услови во училиштето за одржување на хигиената, доколку се обезбедат потребните ресурси за работа и се подготви унифицирана скратена програма полесно ќе ги надминеме препреките и стравот кој што постои кај сите и постепено ќе се врати нормалниот тек на реализирање на воспитно-образовниот процес“, истакна Велкоска. 

Вели дека ако не оваа година, следната би постоел истиот страв и размислувања дали да се почне или не со настава во училиште. Посочи дека никој не знае, ниту може да претпостави колку години ќе трае сето ова, а еден ден ќе мора да се започне со одење во училиште. Групирања постојат секаде, вели Велкоска, вирусот може да се пренесе на било кое место.

Потенцира дека треба да се размислува и за згрижување на ученици од помала возрасна група чии родители се на работа. Сите родители, наставници, ученици, вработени подеднакво, ќе треба да ги почитуваат правилата и мерките кои ќе важат во училиштата. 

„Ние, како наставници, имаме благородна професија и грижата за здравјето учениците ни е на прво место, бидејќи и ние сме родители на нашите деца. Нашата посветеност кон учениците е најголема за што сведоци се самите ученици и нивната желба да продолжат во училиште. Секако, тука би ги ослободиле од настава хронично болните ученици и наставници. Сведоци сме на најразлични информации, коментари, мислења но најголем дел од наставниците го поддржуваат стартот на учебната година во училиште“, смета Велкоска. 

Бобан Илијевски