ПравдаСветот на работникот

Што носи новиот Закон за доселување на стручен кадар во Германија?

   Време за читање 2 минути
Од 1 март 2020 година на сила стапува новиот германски закон за доселување на стручен кадар. Со новиот закон ќе бидат проширени веќе постоечките одредби за вселување, било соопштено од Амбасадата на Сојузна Република Германија.
Законот се применува на државјаните на сите земји ширум светот и се однесува првенствено на лицата со стручна или академска квалификација. Важно е високообразованата или стручната квалификација претходно да се признати во Германија. Според новиот закон за вселување, првиот чекор е поднесување на барање за признавање (нострификација) на квалификациите во Германија. Доколку е издадена потврда за признавање на квалификациите, следниот чекор е поднесување на барање за виза во Амбасадата.

Што е ново од 1 март?

Доколку постои понуда за работа и ако е извршена соодветната нострификација на квалификациите, во иднина ќе можат да се доселат и стручни работници од сите области на трудот. Се укинува правилото по кое само за одредени, јасно дефинирани, дефицитарни професии постоела можност за доселување. Освен тоа, кај овие барања нема повеќе да се применува правилото на проверка по кое предност при конкретно вработување имаат стручните кадри од Германија или Европската унија.

Лицата со призната стручна квалификација можат да поднесат барање за виза со цел барање на работа: Работното место мора да биде во согласност со образованието и квалификацијата.

И за младите луѓе кои сеуште не стекнале стручна квалификација овој закон отвора нови можности: лицата помлади од 25 години во иднина можат да поднесат барање за виза, за да во Германија побараат место за стекнување на стручно образование и таму да го стекнат своите комплетно образование.

Неопходното познавање на германскиот јазик се докажува со предочување на сертификат за положен испит.

Нема старосна граница. Меѓутоа, лицата постари од 45 години мораат да достават доказ за минималната плата.
Новиот закон не влијае на Правилото за земјите од Западен Балкан.
За лицата кои немаат високо или стручно образование и понатаму важат постоечките правила за доселување во Германија. И понатаму ќе останат на сила првилата за проверка на предност при вработување. Во иднина и во Правилото за земјите од Западен Балкан ќе се применува одредбата да лицата постари од 45 години мораат да предочат доказ за минималната плата.