Јаневска за Работник: Поплаки од работниците постојано пристигнуваат, од приватниот и јавниот сектор
Работниците се повеќе ја чувстуваат тежината на кризата предизвикана од страна на Ковид – 19. Приватниот сектор е најмногу погоден, но не е ништо подобра ситуацијата и во јавниот сектор. Порталот работник околу овие прашања направи мини интервју со Даниела Јаневска, раководител во адинистративно -правниот сектор на Конфедерацијата на слободни синдикати.
Во продоложение ви го пренесуваме интервјуто:
Работник: Дали стигнуваат поплаки до Вас од страна на работници, за добивање на откази, испраќање на принуден неплатен одмор…? Доколку да, од кои индустрии во приватниот сектор?
Даниела Јаневска: До Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија стигнуваат многу информации, како од наши членови така и од многу работници од различни сектори. Претежно поплаките кои пристигнуваат се од вработени во дејноста трговија на мало, вработени во производство, кои впрочем во моментов се и со најголема работна активност. Поплаките се однесуваат на непочитување на мерката за ослободување на родител на дете до 10 годишна возраст од работните задачи, потпишување на бланко изјави, потпишување на бланко откази, непродолжување на договори на определено време заради чување на дете до 10 годишна возраст, непочитување на мерките за лична безбедност и заштита, намалување на платите во приватниот сектор, принуден неплатен одмор и сл.
На сите работници им стоиме на располагање и ги упатуваме до надлежните институции каде што може да поднесат пријави, а секако и ние ги вршиме пријавите до надлежните институции, во случаи кога се прекршуваат правата од работен однос.
Навистина со жалење морам да напоменам дека во овој момент, а и во периодот кој следи понатаму работниците чувствуваат и ќе чувствуваат голема потреба од некој кој ќе ги заштити нивните права од работен однос, ќе ги застапува пред работодавачот, да не бидат манипулирани, заплашувани, а синдикалното организирање во приватниот сектор, особено во малите и средните претпријатија речиси и да не постои.
Работник: Каква е состојбата во јавниот сектор? Има ли жалби за кршење на одредени работнички права?
Даниела Јаневска: Во принцип државните институции ги почитуваат мерките од Владата. Досега поплаките кои пристигаат од нив најчесто се однесуваат на немање доволно опрема за лична заштита, проблем со канцеларии од океан систем во кој се концентрирани голем број на работници, барање за одвојување на вработените со растојание од 2 метри или работа во посебни канцеларии, немањето на протоколи во судовите и затворите, но ете и тоа се реши по реакциите.
Работник: Што Вие како синдикат правите за да им помогнете на овие работници?
Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија како одговорна организација, соочена со светска пандемија која за секогаш го смени светот во кој живееме, сметаме дека е наша должност да ги ставиме на располагање нашите ограничени ресурси и знаења во борбата за секој човечки живот се со цел да им помогнеме на сите работници да не дојде до губење на работните места, но и да не дојде до финански колапс. Затоа преку предлози и мерки за надминување на кризата се обраќаме до Владата, согласно текот на ситуацијата. Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија и Македонското здружение за заштита при работа иницираа креирање на платформа на синдикати, организации на работодавачи, граѓански организации и асоцијации кои здружено со своите капацитети и експертизи би делувале и би го кренале својот глас во името на сите работници кои се во првата борбена линија, оние на кои ќе им се прекршат правата, како и оние кои ќе сносат најтешки финансиски последици. Будно ја следиме состојбата и ќе делуваме согласно нашите капацитети и ќе ги искористиме сите легитимни начини на проактивно делување.
На крај сакам да истакнам дека се наоѓаме во исклучително тешка ситуација со бројни предизвици предизвикани од ширењето на корона вирусот (COVID-19), како и со здравствени и економски последици кои оваа пандемија ги носи со себе. Пред нас како синдикат претстои многу напорен период во кој ќе се соочиме со потешкотии да ги зачуваме работните места, да ги зачуваме колективните договори и да го задржиме економско – социјалниот статус на работниците.
Бобан Илијевски
- Ристески: Потребно е рационално и разумно решение за висината на минималната плата - 20/01/2025
- Вработените на Nvidia стануваат мулти-милионери: Колку тоа го чини приватниот живот? - 20/01/2025
- РАБОТА СО ПОЛНО РАБОТНО ВРЕМЕ И ПОКРАЈ ИНВАЛИДСКАТА ПЕНЗИЈА – под овие услови во Германија тоа сепак ќе биде возможно - 20/01/2025