- Advertisement -
ЕкономијаМакедонија

Јаневска: Инвестирањето во поединецот треба да биде значајна придобивка на една земја

Јаневска: Инвестирањето - Работник
899views

Инвестирањето во поединецот треба да биде значајна придобивка на една земја. Општеството (државата) инвестира во образованието и обуката на поединецот, во развојот на неговите вештини и компетенции, го поттикнува неговото критичко размислување, креативност, претприемачки дух и неговиот капацитет за иновации. Додадена вредност на ова вложување се отсликува во економскиот и општествениот раст и развој на земјата.

За да се постигне ова, важна алка во целиот процес треба да е дуалното образование, преку кое ќе се мотивираат учениците за стекнување стручни вештини и ќе се подобрат можностите за вработување.

Advertisement

Практичната обука во компаниите е втората значајна алка во процесот која ќе им помогне на учениците да ги стекнат вештините што им се потребни за да се снајдат на работното место. Истовремено ќе ја поттикне нивната продуктивност.

Но праксата покажува дека работите кај нас одат многу бавно. Се изработија стандарди на занимања и стандарди на квалификации и се донесоа нови наставни планови и програми според потребите на бизнис-заедницата. Сепак, останаа отворени многу прашања за кои пишував во претходните текстови.

Advertisement
Advertisement

Тука сакам да пренесам практики што направија соседните земји, како Србија и Црна Гора, кога станува збор за дуалниот систем на образование?

1. Воведувањето на дуалното образование во Србија беше реализирано во партнерски однос помеѓу Стопанската комора на Србија, Владата на Република Србија и образовните институции. Но не дебатираа, туку работеа секој во својот домен.

Ø Донесоа законска регулатива за дуалниот систем на образование. Го регулираа бројот на часови поминати за практична обука во компанија, што изнесува 6 часа дневно или 30 часа неделно. Тоа значи дека учениците реализираат еден до два дена практична обука во компанијата во зависност од видот на квалификацијата. Ја задолжија бизнис-заедницата да вклучува ученици за практична обука во своите компании.

Ø За мотивација и вклучување во дуалниот систем на образование, учениците за реализација на практичната обука во компанија, добиваат надоместок од работодавачот на крајот од месецот, за секој поминат час во компанијата во нето износ од најмалку 70 % од минималната плата, што сега изнесува 91 динар на час. Трошоците за осигурување ги плаќа локалната власт.

Заклучок: Денес дуалниот модел на образование во Србија се реализира во 80 училишта и дури 880 компании. Запишани се околу 6.100 ученици во еден од 35-те образовни профили, почнувајќи од моден кројач, индустриски механичар, механичар за моторни возила, дигитална графика и техничар за дизајн на интернет и електротехничар за информатичка технологија до техничар за мехатроника. Дуалното образование е 10% од вкупното средно стручно образование и обука, додека 18% од училиштата имаат профили преку дуалното образование во својата понуда

2. Во Црна Гора, дуалното образование е регулирано во Законот за стручно образование и обука. Вклучени се: Министерството за образование, Центарот за стручно образование и обука и Стопанската комора на Црна Гора.

Ø Учениците се вклучени во дуалниот систем за образование во првата година кога имаат еден ден практична обука во компанија, два дена во втора година и три дена во третата.

Ø Учениците добиваат надоместок како мотивација за да се вклучат во дуалниот систем на образование. Трошоците за надоместок на ученичката работа се поделени и регулирани со договор помеѓу Министерството за образование и Стопанската комора. Министерството за образование ги покрива платите на учениците во првите две години, и тоа, во првата година 10% од минималната нето плата, а во втората година 15%. Работодавачите ги покриваат платите на учениците во третата година најмалку 20%. Паричниот надоместок изнесува 50 евра за ученик во првата година, 75 евра во втора година и 101 евро во третата година.

Заклучок: Во дуалното образование во Црна Гора се вклучени 800 ученици, а најмногу ги има од секторот за угостителство и туризам.

На крај, би завршила со една позната изрека на Вистон Черчил: ,,Тајната на успехот во животот не е дека човекот го прави она што го сака, туку дека го сака она што го прави“.

Затоа, мора да почнеме да го сакаме она што треба да го правиме, ако сакаме да имаме успех.

Advertisement