Интервјуа

ЈА: Интервју со првиот Административец од научната фела Професор д-р Борче Давитковски

Интервју со првиот Административец од научната фела - Работник
407views

Доколку сакате да дознаете за која реформа треба да се воведе во Јавната администрација односно во која насока треба да оди Јавната администрација, Процесот на вработување на административните службеници, Нивната заштита и правата од работен однос, Балансерот за етничка припадност при процесот на вработување, Овластување за извршување на работни задачи за друго работно место надвор од работно место на кој е вработен, Непотизмот при вработување, Политички партиски реваншизам – распоредувања, овластувања, класичен мобинг на работно место, Престанок на работниот однос во Јавната администрација, Примената на Колективните договори и Синдикатите во Јавната администрација, Кој е најсоодветен и најдобар од Законот за административните службеници, Законот за вработените во јавниот сектор, Законот  за работни односи, Ако е прв човек на Администрацијата односно Министер за информатичко општество и администрација која реформа, закон или новина би ja направил, Најдобрата и најлошата реформата во сегашната Јавна администрација, Предностите и недостатоците на новиот Закон за висока раководна служба и за најавената ,,Метла” од страна на Владата и Премиерот Заев во Јавната администрација.  Прочитајте

1. Доколку добиеме датум на преговори за влез во Европска Унија или доколку не добиеме, според вас која реформа треба да се воведе во Јавната администрација односно во која насока треба да оди Јавната администрација?

Ние реформите во јавната администрација треба да ги правиме заради доброто на нашите граѓани, а не за добивање односно недобивање на датум за влез во Европската унија. Значи, реформите треба да одат во насока на департизација, деполитизација, во насока на професионализација и создавање на мала, ефикасна, пазарно-ориентирана, демократска администрација која исклучиво ќе биде во функција на остварување на правата и обврските на граѓаните (да биде сервис на граѓаните), а да не биде како што е сега – во функција на актуелната политичка власт или на сите политички гарнитури кои до сега биле на позиција.

2. Во процесот на вработување на административните службеници што би вовеле или промениле од научен аспект?

При вработувањето на службениците треба исклучиво да се применува мерит-системот, односно да биде примен оној кој ги исполнува условите (образование, положи соодветни тестови и постапката да биде јавна и транспарентна) и да не се остава на арбитрерноста на раководниот кадар (министер, директор и слично) да тој конечно го бира кандидатот.

3. Во однос на заштита на правата од работен однос и заштита на административните службеници што би вовеле или промениле од научен аспект?

Согласно важечките прописи, административните службеници имаат поголема заштита отколку оние во реалниот сектор. Сепак, таа заштита би требало повеќе да се однесува на партиските влијанија коишто раководните лица можат да ги вршат врз административците, односно носителите на власта (министри и други јавни функционери) треба да ги спроведуваат политиките, а административните службеници треба да ги спроведуваат законите при решавањето за правата и обврските за граѓаните. Доколку овие функции се одделат тогаш не би требало да има влијание, а со тоа ќе има и заштита на административните службеници.

4.  Дали според вас правилно се применува Балансерот за етничка припадност при процесот на вработување во Јавната администрација во однос на тоа дека Припадници од една етничка националост се вработуваат како административните службеници каде за работно место е предвидено друга етничка припадност?

Балансерот за етничката припадност мислам дека воопшто не се употребува бидејќи практиката покажа (барем во изминатите години) дека припадници на одредена етничка заедница во пакет (500 до 1500) се примаа само во Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор (кој сега по ново стана Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците), а некои се уште (од 2010 и 2011 година) не одат на работа и чекаат да бидат прераспределени. Тука исто така треба доследно да се примени мерит-системот без разлика на етничката припадност на кандидатите.

5.  Што мислите за поимот – Овластување за извршување на работни задачи за друго работно место надвор од работно место на кој е вработен  административниот службеник и дали правилно се применува или има злоупотреба од страна на министрите и директорите во Јавната администрација?

Согласно новиот Закон за општата управна постапка (член 13 и член 24) треба во секој јавен орган да се формира посебна организациона единица (сектор или одделение) или да се определи овластен административен службеник којшто ќе биде надлежен да води управна постапка, односно да решава во управна постапка и сам да го потпишува тоа решение со што овие таканаречени „овластувања дадени од министерот“ конечно треба да бидат надвор од нашиот правен систем. Иако Законот е три години во сила, сепак, скоро ниту едно министерство илли друг јавен орган нема формирано вакви организациони единици иако и Владата во месец фебруар донесе заклучок до сите јавни органи доследно да се примени овој пропис. Се надевам дека конечно оној којшто ја води управната постапка сам ќе си го потпишува решението, а не како што е сега случајот да го носи кај министерот или од него друг овластен административен службеник на потпис.

6. Кој е вашиот метод или начин за отстранување или ставање на минималност на поимот Непотизам при процесот на вработување на админстративните службеници, влез на Партиската структура која е на власт во Јавната администрација, општо за сите години до сега?

Како што истакнав и порано, само доследно почитување на мерит-системот при регрутирањето на административните службеници и доследна примена на важечките законски прописи (Закон за административни службеници и Закон за вработените во јавниот сектор)  би можело да стави крај на непотизмот при вработувањето. Но, практиката оваа констатација, како по правило, ја демантира.

7.  Колку се почитуваат и се заштитуваат  правата  на административните службеници – Државни и Јавни службеници познавајќи го нашиот политички партиски реваншизам – Со распоредувања, овластувања, класичен мобинг на работно место, престанок на работниот однос? Ваше мислење и начин и предлог како да се отстранат?

По правило, секојпат кога се менува одредена владеачката гарнитура (нова Влада) почнувајќи од 1998-2002-2006 и 2018 се менуваат од три до четири илјади раководни структури во јавниот сектор. За жал, во оваа бројка спаѓаат и раководни државни службеници кое нешто се остварува преку измена на правилниците за систематизација и организација во секое министерство (со укинување на сектори, одделенија и додавање на нови) и на тој начин постоечките се разрешуваат, а на новите се ставаат државни службеници од својата политичка провиниенција. Очигледно, ова стана дел од македонскиот фолклор – да едни добри законски решенија на ваков начин се девалвираат.

8.  Дали според вас се применуваат Колективните договори во Јавната администрација и дали треба да имаат поголема правна сила од законите бидејќи согласно член 32 од Уставот на Република Северна Македонија, каде е наведено ,,Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори”?

По правило, колективните договори многу ретко се применуваат во јавниот сектор. Така, имаме еден стар општ колективен договор за јавниот сектор, но всушност во сите законски прописи (од Законот за државни службеници во 2000 година до последниот Закон за административни службеници од 2014) доста прецизно е регулиран начинот на утврдување на платата на вработените така што малку се остава простор за колективно договарање во јавниот сектор. Исто така треба да се потенцира и слабата реакција на синдикатите кои би требало да бидат поенергички кога се работи за примена на оваа уставна норма, односно да инсистираат на донесување на што повеќе колективни договори во секоја сфера на јавната администрација.

9. Кој од наведениве законите: Закон за административни службеници, Закон за вработените во јавниот сектор, Закон за работни односи, кои директно влијаат во Јавната администрација би ги промениле во моментов и причините ако може на кратко да ги објасните?

Според мене, од сите овие закони јас би се вратил на стариот Закон за државни службеници од 2000 година кој исклучиво ќе го утврдува статусот на класичните административни / државни службеници, а во сите материјални закони кои регулираат прашања од јавната сфера и со кои се засегнати административните службеници во тие сфери би се регулирала и нивната правна положба. Впрочем, ваквиот однос веќе е направен во новиот Закон за високо образование од мај 2018 година каде администрацијата во високото образование потпаѓа под режимот на Законот за работените односи.

10. Доколку сте прв човек на Администрацијата односно Министер за информатичко општество и администрација која реформа, закон или новина би ja  донеле во моментов?

Како прва дејност што треба да се направи со цел вистинска реформа – треба Законот за организација и работа на органите на државната управа од 2000 конечно да ги утврди надлежностите на сите јавни органи, потоа да се направи еден „ветинг“ односно целокупната државна администрација да се подведе под едно тестирање и тоа со тестови за секое ниво. Оној што ќе го положи тестот ќе го задржи своето место, а оној кој не ќе биде префрлен на работно место, односно ниво согласно неговите покажани знаења. И конечно, да се стават стручни, квалитетни кадри особено на соодветн раководни функции (државен советник, раководител на сектор, раководител на одделение и слично) коишто треба да бидат и столб на секој јавен орган.

11. Која реформа според вас е најдобра а која најлоша во сегашната Јавна администрација?

Јас до сега не видов ниту една реформа, но би кажал дека најавите дека ќе се направи трансфер од јавен во приватен сектор ќе бидат промашена работа бидејќи партиските кадри ќе си останат, а другите, способни, можеби ќе направат трансфер. Понатаму, со „неотпуштање“ бидејќи и понатаму се трупа јавниот сектор со кадри, а бенефитот го нема односно ефикасноста секоја година се намалува. Постои општа перцепција на граѓаните дека не добиваат соодветни услуги од јавниот сектор.

12. Што се предностите а што се недостатоците во новиот Закон за висока раководна служба и со неговото донесување што би се променило во Јавната администрација?

Јас не го поддржувам донесувањето на нов Закон за висока раководна служба бидејќи според мене и во досегашните закони (Закон за јавни претпријатија, Закон за установи, Закон за инспекциски надзор и тн и низа lex specialis кои го регулираат статусот на дадена служба) прецизно и јасно се дадени условите за избор на раководните лица. Прашање е на политичка волја зошто до сега овие закони не се спроведуваа, а овој закон мислам дека само ќе ги усложни работите за оваа тематика.

13. Во однос на најавената ,,Метла” од страна на Владата и Премиерот Заев во Јавната администрација според вас кој е најслаб дел или област во сегашната Јавна администрација?

Колку што разбрав „метлата“ ќе се однесува на министри и директори (односно на политички функционери, а не на вработените во јавната администрација), така што ова е политичко прашање и најдобро премиерот знае кој е „најслаб“ јавен функционер од моменталниот состав на Владата и другите јавни органи.

Извор: Javnaadministracija