МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

Јовановски: Обуката на затворските полицајци е круцијална за унапредување на професионалноста

Јовановски: Обуката - Работник
665views

Бобан Илијевски

Недоволната обука на новите кадри на затворската полиција е причината за ниската професионалност на КПУ Затвор – Скопје, вели Претседателот на синдикатот на Затворите, Стојче Јовановски ексклузивно за порталот Работник.

Тој смета дека тренинг центарот кој се наоѓа во Идризово, иако е отворен од 2008 година, не е доволно функционален за да ги обучи новите кадри. Сите нови кадри треба да поминат прво низ тренинг центарот, па потоа да влезат на работа. Според него, некои од новите затворски кадри веднаш се распоредуваат на одделенија каде што се притворени високоризични притворени лица, а тие не знаат како соодветно да одговорат на работната задача.

„Со првото влегување на работа, тие веднаш започнуваат со работните обврски, без притоа да се подготвени за истите. Јас вината ја наоѓам во Управата за извршување на санкции која има задача да ги обезбеди сите потребни механизми за да можат новите кадри во затворската полиција соодветно да се обучат“, вели Јовановски.

Тој потенцираше дека и покрај недоволна обука, затворските полицајци успеваат да се справат со огромните работни обврски.

„Морам да напоменам дека и покрај тоа што немаат доволна обука, младите колеги се справуваат со работните обврски и покрај тоа што ни фалат 30 до 40 проценти на затворски полицајци. Ни самиот не знам како успеваме да ја завршиме целата работа“, вели Јовановски.

Тој смета дека би требало на долгорочен рок да се воведе средно училиште каде би учеле оние коишто за своја професија ќе ја изберат затворската полиција, како и дека истото би можело да се направи и во високото образование.

„Мое мислење е дека треба да се воведе средно училиште за изучување на професијата затворски полицаец или пак на полициската академија да се воведе посебна насока за оваа професија. На тој начин секој оној којшто сака да биде затворски полицаец, би имал соодветно образование, а со тоа и знаење кое ќе му помогне да се справува со секојдневните работни обврски. Можеби државата ќе биде дополнително финансиски оптеретена, но мислам дека овој потег вреди да се направи “, истакна Јовановски.

Негов став е дека треба да има континуирана обука за сите вработени и дополнителна доквалификација, курс или обука за оние коишто сакаат унапредување во кариерата.