ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Јовевски: Работата од дома треба да се воспостави по македонска мера

226views

Голем број од компаниите коишто ја имаат таа можност, планираат и по завршувањето на корона кризата, да ја задржат праксата на работење од далечина, односно работење од дома.

Неодамнешното германско истражување покажа дека најголем број од испитаниците рекле дека работењето од дома е помалку стресно и дека откако започнале да работат од дома станале попродуктивни. Социјалдемократската партија на Германија најави иницијатива за носење на законска регулатива која би овозможила право на оние работниците коишто ја имаат таа можност да работат од дома, но истата наишла на бурни реакции од страна на здруженијата на работодавачи.

Во Македонија за време на пандемијата некои од работниците работат од дома, најголем дел се од ИКТ секторот, но и од секторите каде што постои можност работата да се извршува од дома. Порталот Работник побара став од првиот човек на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров околу преточувањето на работата од дома во законска регулатива.

Димитров рече дека работењето од дома во досегашниот Закон за работни односи е застапено само во еден член и тој дава само некои основни насоки.

„Во склоп на преговорите за нов ЗРО се обидовме да го разработиме овој институт со некои задолжителни одредби од Договорот за работа од дома и некои насоки за спроведување на Законот за безбедност и здравје при работа. За жал по најавата за предвремени парламентарни избори работата на новиот ЗРО запре и неговото донесување е неизвесно“, рече Димитров.

Тој посочи дека во такви услови Организацијата на работодавачи ќе покрене иницијатива за измени и дополнувања на Општиот колективен договор за стопанството од приватниот сектор и заедно со синдикатите ќе се обидат да изнајдат решение за овој проблем.

Според него, проблемот се појавува затоа што во минатото за работота од дома се сметало така нареченото „СИЦ“ каде работодавачот му давал машина на работникот и го снабдувал со репроматеријали а работникот производството го обавувал дома. Но, како што вели, денес, особено по појавата на вирусот КОВИД-19 работењето од дома е многу по застапено и се одвива во скоро сите услужни дејности каде современите алатки овозможуваат работникот да ја обавува работата од дома а интернетот овозможува поврзаност и размена на податоци со колегите и компанијата.

„Овде се јавуваат многу „непознати“ кои е потребно да ги предвидиме. Како на пример сопственоста на опремата, осигурувањето и амортизацијата на истата, безбедноста и здравјето, работното време и многу други проблеми кои произлегоа или во иднина може да се појават“, истакна Димитров.

Професорот по трудово право на Правниот факултет во Скопје, д-р проф Лазар Јовевски за порталот Работник вели дека работата од дома во нашето трудово закондавство е уредена само во еден член во Законот за работни односи и истата досега во пракса многу ретко се користеше. За разлика од кај нас, во европските земји, особено во земјите членки на Европската унија и САД, работата од дома е веќе воспоставена пракса и активно се применува, како од страна на работниците, така и од страна на работодавачите.

Според него, во македонски услови потребно е доразработување и детално уредување на работата од дома, и тоа не само да се уреди кои општи права и обврски ќе ги имаат работниците и работодавачите, туку да се земе во предвид и аспектот на безбедност и здравје при работа. Тоа подразбира што значи работата од дома од аспект на права и обврски на вработениот кон работодавачот и обратно, во делот на основните права, како што се: платата, одморот, работно време, паузите и слично, но исто така во делот на безбедноста и здравјето при работа, треба да се дефинира што ќе се смета за повреда на работно место, а што професионален ризик.

„Така што, оваа проблематика не е ни најмалку наивна и на истата треба да се пристапи многу сериозно, сеопфатно, за да не ни се случат одредени законски празнини коишто во иднина ќе создаваат можности за злоупотреби и пропусти коишто ќе значат штета и за работниците и за работодавачите …“ вели проф. Јовевски.

Тој истакна дека ова е флексибилна форма на вработување и смета дека флексибилизацијата на трудот е позитивна тенденција, но треба добро да се уреди и да се земат во предвид сите аспекти  според кои работата од дома во македонски услови би требало да се практикува. Јовевски наведе дека конечно, треба да се  воспостави „македонска мера“ на уредување на оваа област која што ќе соодвествува на македонските потреби.

Јовевски, покрај другото истакна дека треба да се обрне големо внинамие на работното време и истото да се одреди со законска одредба, за да не изгуби работникот чувство за работното време. Тој порача дека тоа треба законски да се одреди, поради тоа што доколку се остави да одлучат работникот и работодавачот, може да има зголемување во јазот на приватниот и работниот живот.

Порталот Работник испрати прашања и до Министерството за труд и социјална политика, но до моментот на објавување на текстот, не добивме одговори.

Бобан Илијевски