Ќе бидат известени преку мејл: Половина вработени во Твитер ќе заминат од компанијата

Компанијата Твитер најавила отпуштања на вработени, неколку дена откако Илон Маск, еден од најбогатите луѓе на светот, станал сопственик на оваа социјална мрежа, пишува BBC.

Се шпекулира дека без работа можат да останат дури половина од 8,000 вработени.

Компанијата во интерен допис навела дека намалувањето на бројот на вработени е „обид Твитер да се извади на здрав пат“.

Канцелариите ќе бидат привремено затворени, а сите вработени – и оние кои остануваат на работа и оние кои ќе заминат – ќе добијат мејл во текот на денот.

Мултимилијардерот Илон Маск станал извршен директор на Твитер бидејќи минатата недела ја купил компанијата за 44 милијарди евра.

„Ќе поминеме низ тежок процес на намалување на бројот на вработени ширум светот“, се наведува во мејлот на Твитер.

„Сфаќаме дека ова ќе влијае на многумина кои дале голем придонес на Твитер, но овој чекор, за жал, е неопходен за да се обезбеди успех на компанијата“, стои во мејлот.

Соопштено е дека пристапот до канцелариите ќе биде веднаш ограничен „за да се осигура безбедноста на секој вработен, како и Твитер системот и податоците за клиентите“.

Сите вработени треба да добијат емаил со наслов „Вашата улога во Твитер“ во петок (денеска) до пет часот по средноевропско време.

Вработените кои нема да останат без работа, исто така, ќе бидат известени преку мејл, истакнаа од Твитер.

Оние кои ќе добијат отказ ќе добијат известување за „наредните чекори“.

„Со оглед на природата на нашата распоредена работна сила и нашата желба да ги известиме погодените поединци што е можно побрзо, комуникацијата за овој процес ќе се одвива по пат на мејл“, наведува Твитер.