Колумни

Ќе имаат ли работничките права место во изборната кампања?

Ќе имаат ли работничките права - Работник
189views

Автор: Бобан Илијевски

Како што денот по утрото се познава, така и изборните кампањи се познаваат како ќе тераат уште од првиот ден – негативно. Ќе се повторуваат исти работи за тоа кој колку направил, колку ќе направи. За криминалите на одредени партиски струкури и како ќе има судење и апсење на тие што се огрешиле пред законот. Ќе се зборува за тоа дека ќе имаме правна држава, со независно обвинителство и судство. Ќе се зборува и за тоа кој колку странски инвестиции ќе донесе. Нема да видиме ништо ново, освен ако не им текне да кажат што ќе преземат за работничките права кои особено во текот на пандемијата се кршеа постојано, како и за тоа што ќе преземат околу запирање на мобингот, бркањето од работа на бремени жени, давање на плати помали од минималната која е пропишана со закон и уште многу други девијации кои се случуваат на работните места. Има една партија која ги спомена работничките права уште од првиот ден на изборната кампања, но поради тоа да не излезе дека рекламирам некого или дека му собирам политички поени, нема да го споменам името на партијата.

Пред некое време напишав колумна за тоа дека треба да се прават дебатни емисии околу работничките права, но со оглед на изборната кампања ми дојде идејата работничките права да ги ставам во конотација на кампањата. Океј, ветуваат дека ќе отвораат работни места, но никој ништо не зборува околу тоа што ќе биде за работниците кои се двигателите на оваа држава и кои во текот на пандемијава го изедоа најголемиот стап, и тоа ни криви ни должни. Што ќе се направи за да се санираат последиците кои ги претрпеја поради пандемијата? Можеби за работнички права се зборува само кога е неопходно, за ете колку да не поминат неспоменати, но тој фушерајски начин на третирање на работниците нема да им донесе ништо добро . Работниците не можат да се залажуваат само со одредени суми кои им се даваат како помош, туку треба да се дадат конкретни предлози за тоа како ќе се решаваат нивните проблеми, за кои верувајте ми многумина знаат дека се горчливи и тешки, особено, кажувам по стоти пат, најмногу поради сегашната корона криза. Исто така потребно е и да се даде програма во којашто ќе се дадат решенија за работниците од неформалната економија кои се најголеми жртви и постојно се мета на отпуштања, кратења на плати и слично.

Треба во предвид да се земат и оние коишто се најмалку платени сите и припаѓаат на трудоинтензивната дејност, а тоа се текстилните, кожарските и чевласките работници кои исто така премногу страдаа за време на паднемијава. Видовме што се случи во Штип и колку текстилни работници се заразија од Ковид – 19 поради немарноста на сопствениците на фабриките, да ги заштитат работниците. Добро нив на прво место им е профитот, а не здравјето на работниците. Има уште многу области од приватниот, но и јавниот сектор за кои треба да се најдат конкретни решнија кои треба да се вклучат во изборната кампања.

Не можам, а да не го споменам и Синдикатот на клинички центар кој пред некој ден излезе со соопштение за тоа дека нема ни „п“ од покачувањето на платите на специјалистите во висина од 100,000 денари, како и на медицинските сестри. Мислам дека крајно невкусно и срамно е да не им се дадат покачувања на платите на оние коишто се на првиот фронт во борбата против коронавирусот. Тие ги заслужуваат овие плати, а не само празни ветувања.

Уште од кога започнав да се бавам со информирање на јавноста околу работничките права, сфатив дека тие не се третираат во јавноста доволно, но тоа е поради фактот што самите работници се плашат да проговорат јавно за нивните проблеми. Поради тоа, треба да им се овозможат начини преку кои ќе можат да ги искажат и јавно своите проблеми, а идната Влада треба да работи на тоа да не дозволува нивните права да се газат, туку заедно со социјалните партнери да работат на нивно унапредување.

Колумната се базира на ставови на авторот и во ниеден случај не ги изразуваат официјалните ставови на Порталот Работник