ЕкономијаМакедонија

Ќе се менува моделот за субвенции во туризмот

Ќе се менува моделот за субвенции во туризмот - Работник
329views

Вчерашната прес-конференцијата на Стопанската Комора на Македонија ви ја пренесуваме интегрално:

-Актуелниот модел на субвенционирање на странски туристи кој се применува од 2010 година обезбеди позитивен ефект во раст на бројот на туристи и реализирани ноќевања. Заклучно со 2018 година, реализирани се 1 милион туристи и над 3 милиони ноќевања. Но самиот модел сам по себе има многу слабости, препознаени од бизнис секторот бидејќи, согласно укажувањата, не обезбеди развој ниту поголема додадена вредност на угостителските објекти каде се сместуваат субвенционираните туристи, туку само придобивка за посредниците кои успеваат да го организираат доаѓањето на странските туристи. Во таа насока, а со цел зголемување на учеството на туризмот и угостителството како дејност во вкупното македонско стопанство до 5 % од вкупниот БДП, потребно е да се отвори дебата по прашањето: каков модел на субвенционирање странски туристи треба да се применува во насока на зголемување од ефектите од дејноста, како од аспект на бројот на туристи и ноќевања, така и од подигнување  на квалитетот на услугите и крајно – раст на девизниот ефект, – информираше на прес-конференцијата Даниела Михајловска Василевска.

-Анализите на Комората покажуваат дека изминатите десет години во државава се зголемува бројот на туристи со ноќевања во хотели со четири и пет ѕвезди и оти тие за иста цена добиваат поквалитетна услуга. – Изминатите десет години имаме вредност на ноќевања од 710 до 730 денари во просек. Тоа укажува дека во десет години се зголемила потребата на туристите од поквалитетно сместување, но цената на ноќевањата останува идентична, – потенцира Михајловска Василевска.

Сакаме да укажеме дека е од особено значење комуникацијата и дебатата по ова прашање да започне во најскоро време, имајќи предвид дека Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) веќе има направено анализа за ефектите од досегашното субвенционирање.

Директорот на АППТ, м-р Љупчо Јаневски, посочи дека согласно евиденцијата заклучно со 2018 година приближно 5% од вкупниот број на странски туристи се субвенционирани. Финансиската поддршка по турист изнесува околу 2,1 евро, покажуваат податоците од исплатени субвенции на тур-оператори.

Ваквиот модел, вели Јаневски, го достигна максимумот, оваа година иако имаме раст на бројот на туристи и ноќевања, тој е значително во помал обем од ланскиот раст. Тоа покажува дека треба да се размислува за нови форми на поддршка. Како предлог што многу веројатно ќе произлезе од Агенцијата е во идниот период поддршката да се дава на капацитети според број на ѕвезди, да се изедначи вредноста на доделување субвенции за сите странски туристи подеднакво. Како пример, турските туристи добиваат 15 евра по турист, а ноќеваат 1,6 дена во земјата, а холандските дури 65 евра. Ваквата диспропорција треба да биде надмината. Да се дефинираат субвенции за сезона и надвор од сезона. За да има поголем девизен ефект кој во првите 6 месеци изнесува 154 милиони евра, потребни се нови туристички атракции, алтернативен туризам; вложување во гастрономијата како туристичка атракција, а не помалку важен е визниот режим кој треба да се либерализира со азиските земји, од каде драстично расте бројот на туристи во регионот пред се` на Западен Балкан. Проценките се дека туристичките потенцијали можат да обезбедат девизен приливот од 700 милиони до 800 милиони евра. Фокусот треба да се стави на развивање алтернативен туризам  во тек на целата година, пакети со по три-четири дена, но и да се донесе нова стратегија со насоки за промените што ги бараат туристите.

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, посочи дека со актуелниот систем на субвенционирање и туристичка понуда во текот на една година не можеме да примиме повеќе од 1,5 милиони туристи и повеќе од четири милиони ноќевања.

-Ова е една од рекордните години со странски туристи од мај до октомври. Сезоната треба да се продолжи уште повеќе, да се создадат нови атракции и да се понудат нови пакети, односно од три до петдневни аранжмани, не само кога говориме за нордиските земји, туку и за останатите регионални балкански држави. Престојот на турските туристи во просек е 1,6 дена, а треба да се бориме за ден или два дена повеќе. Се надеваме дека од македонските агенции ќе има понуда за Македонија на три до пет дена. Дополнително се надеваме дека новиот модел на субвенционирање ќе биде базиран на сместувачките капацитети, тоа значи дека ние предлагаме да имаме едни субвенции за хотели со пет ѕвезди, четири и три ѕвездички, додека сите дестинации да бидат исти. Туристот кој ќе дојде од Турција и тој од Холандија да бидат исти, – рече Јаневски.

Славе Сирачевски, заменик претседател на Здружението на угостителството и туризмот, посочи дека постојниот модел на субвенционирање ги даде резултатите, но треба да се работи во иднина на нови форми, стимулирање на девизниот ефект да биде клучно, за оние субјекти кои и сега придонесуваат во дејноста. Секој субјект кој ќе има девизен прилив да биде поддржан преку формите на државна поддршка од Буџетот и тоа ќе биде основ девизниот прилив понатаму да расте, како основа за раст и влијание на одредена дејност на БДП во една држава.  – Треба да се извади процентот на сите носители на девизи  и на тој начин да се стимулираат. Тука не се само малите агенции, туку и хотелите. Многу е битно во Народната банка да видиме кој е носител на девизи. Во тој случај, ние ќе можеме да ги стимулираме сите. Редно е да размислуваме за таков вид на субвенционирање, наведе Славе Сирачевски од Здружението на туризмот и  угостителството.

Извор: Стопанска Комора на Македонија