Ќе стане ли неработната недела работна за малите трговци во туристичките центри?

По барањата на охридските и струшките дуќанџии недела да биде работен ден министерството за економија достави до Собранието Предлог за измени и дополнувања на Законот за трговија со кои се дава предлог во туристичките места сите трговци на мало да можат да работат во недела и за време на празници.

Измените се доставени до партениците за нивно разгледување и усвојување во Собранието.

-Со овие измени се дава можност на сите туристички места што се пропишани со Закон за туристичка дејност, продавниците и дуќаните во кои се врши трговија на мало да можат да работат и во деновите кои се третираат за неработен ден и државни празници во текот на целата година, посочуваат од министерството за економија.

Надоместокот од 100 проценти дневница за работа во недела и празници останува за трговците на мало во туристичките места да ја платат на работниците.

Дуќанџиите во неколку наврати реагираа дека трпат огромни загуби а сликата која ја оставаат пред туристите кои доаѓаат за викенд, со затемнети излози и затворени дуќани во чаршија, е недозволива.

Дуќанџиите добија поддршка од Општините, Здружението на туристички водичи, Хотелската асоцијација (ХОТАМ), Здружението на угостители и Регионалната занаетчиска комора.

Извор: Сител