ЕкономијаСветот на работникот

Како се одразува одливот на работници врз пазарот на трудот во Македонија?

   Време за читање 5 минути

Бобан Илијевски

Со стапувањето на сила на Законот за доселување на стручни кадри од држави кои не се членки на Европската унија, во Германија, македонските квалификувани работници ќе имаат послободен пристап до работа во оваа земја која многумина од граѓаните, особено младите, ја гледаат како надеж за подобра заработувачка, а со тоа и поквалитетен начин на живеење.

Одливањето на квалификувани работници ќе има големо влијание врз пазарот на трудот во Македонија, вели Претседателот на Бизнис Конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков за Порталот Работник.

„Може да се случи да има драстично намалување на вработувањето во македонските компании, а воедно и да се помести цената на трудот“, истакна Бошков.

Претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров за Порталот Работник рече дека младите и оние коишто немаат бугарски пасоши ќе можат полесно да заминат од државата со стапувањето на сила на новиот закон во Германија.

„На пазарот на трудот има се помалку работници, останува работната сила која е со многу ниски квалификации кои воопшто не можат да ја зголемат продуктивноста на стопанството“, посочи Димиторв.

Порталот Работник побара и став од двете организации на работодавачи за тоа што би требале тие да направат, што е во нивен домен,  за да се намали или се спречи понатамошниот одлив на квалификувани работници.

Бошков е со став дека пред се треба да се посоветуваме со стучната јавност и здруженијата на работодавачи за тоа како да ги мотивираат и заштитат работниците низ постојните „алатки“ на трудовата легислатива.

„Да ги вклучат работниците низ процеси на информирање и консултирање, да ги известат за сите услови на работа, адекватно и пристојно да ги исплаќаат работниците, да ги вклучуваат во програмите за професионално усовршување и квалификација и според него, најважно од се, тоа што ќе го ветат и договорат треба да го исполнат“, рече Бошков.

Димитров, пак вели дека работодавачите во нивен домен немаат многу што да направат за да се намали одливот на квалификуваните работници.

„За да даваме поголеми плати мора да ја зголемиме продуктивноста, а таа може да се зголеми само преку набавка на нова софистицирана опрема, со којашто со ист или помал број на работници ќе оствариме поголемо производство на производи кои ќе ни донесат поголема вредност, а со тоа ќе ја зголемиме и продуктивноста“, истакна Димитров.

Тој наведе дека од друга страна мора да се реформира целосно образованието за тоа да одговара на потребите на индустријата, како и да се зголеми квалитетот и нивото на знаењето кај дипломираните студенти и средношколците, бидејќи без знаење и современата опрема нема кој да ја одржува и да работи со неа. Треба да има еден комплексен процес на промена на структурата на стопаноство, за наместо ниска вредност со мануелна работа, да има пософистицирана технологија, за да може да се даваат повисоки плати.

Според него, ова не е процес што може да се направи преку ноќ, туку треба да се види што ќе се случи во наредните 15 години.

Димитров истакна дека доколку падне бројот на вработени во стопанството, тоа негативно ќе се одрази врз фондот за ПИО, бидејќи нема да има кој да плаќа придонеси и да исплаќа пензии и ќе има проблеми со фондот за здравствено осигурување, поради тоа што ќе не можат да се обезбедат ниту лекови, а нема да има ниту доктори. Тој вели дека ќе има проблеми и државната администрација, бидејќи не може само нивниот број да расте. Ако се намали бројот на вработените во индустријата, мора да се намали и бројот на вработени во јавниот сектор.

Тој порача дека треба да се започне да се преземаат мерки за да не ни се случи оваа непосакувана ситуација за 15 години.

Имено, најмногу се очекува од 1 март да заминат градежниците, занаетичиите, информатичарите и здравствените работници, за кои во Германија има најмногу огласи.

На Германија потребни се над 1 милион квалификувани работници од погоренаведните дејности, а да може да ги прилагодат на нивните услови, германските власти највија дека ќе започнат интеграција на работниците, започнувајќи со учење на германскиот јазик.