Ралповски: АД ЕСМ сака да испрати вработени на принуден одмор, а во меѓувреме прима нови
Пред се, сакам да кажам дека ние со АД ЕЛЕМ (ЕСМ) во минатото имавме многу проблеми и добивме многу судски пресуди, каде нашите членови беа административно или принудно префрлени во еден друг синдикат. Добивме на суд и судот кажа дека тие се наши членови, треба да ги вратат и да ја платат оштетата кон синдикатот која е направена во овие четири години, рече првиот човек на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, Благоја Ралповски во „Тема на денот“ на Сител Телевизија.
Ралповски истакна дека директорот на АД ЕСМ се става над законот и не ги почитува судските пресуди. „ Со едно негово барање на 03 12 на 24. 12, бара да се изјаснат сите подружници на АД ЕСМ, колку имаат вишок на работна сила. Не е проблемот тоа, туку проблемот е тоа што во 2021 имаме докази дека преку Агенција за привремени вработувања се примени 250 до 300 работници и дека истиот ден кога го прима писмото од подружниците, тој потпишува повторно Указ за тоа дека преку Агенција за привремени вработувања треба повторно да се примат од 250 до 300 вработени“, рече Ралповски.
Законот за работни односи, вели тој, е чист и дециден – вработените преку агенциите за привремени вработувања или договор на дело кога ќе им престане причината за вработување, престанува и нивниот работен однос. Според него оваа причина е зголемен обем на работа. Ова го има напишано, посочи, во сите М4 обрасци на Агенцијата за вработување.
Ралповски заклучи со тоа дека од една страна од АД ЕСМ велат дека треба да се испратат на принуден одмор одредрен број на вработени, а од друга страна примаат нови вработени преку агенции за привремени вработувања, со што директно го прекршуваат Законот за работни односи.

