ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

214 луѓе лани се вработиле во Алкалоид

   Време за читање 7 минути

АЛКАЛОИД со инвестиции во износ од 1,2 милијарди денари, со 214 нови вработувања во земјава и со раст на консолидираниот профит од 12 % во периодот јануари – декември 2021 г.

Приходи од продажби

Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – декември 2021 година продажбите достигнуваат 9.559.754.748 денари, што е за 4 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 12.794.180.346 денари, што е за 5 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.

Продажби според региони

Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 4 %, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 6 %. Од вкупните консолидирани продажби 35 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 65 % се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 32 %, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 19 %, во Русија и во другите земји од ЗНД се остварени 13 %, а на другите пазари е остварен 1 % од вкупните консолидирани продажби.

Најголем пораст кај извозните пазари бележат продажбите остварени во Германија (раст од 160 %), Полска (раст од 131 %), Украина (раст од 47 %), Русија (раст од 45 %), Унгарија (раст од 30 %), Бугарија (раст од 16 %), Чешка (раст од 12 %) итн. За првпат во сегментот фармација се реализираа продажби во Германија, Австрија, Португалија и на Кипар, а во сегментот козметика се реализираше првата поголема продажба на колекцијата Becutan во Саудиска Арабија.

Продажби според групи производи

Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 88 %. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со удел од 21 %, препаратите ОТЦ со 20 %, кардиолошките препарати со 14 %, невролошките препарати заземаат 13 % од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 12 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемијата учествува со 2 %, козметиката со 8 %, а билкарството учествува со 2 %.

Инвестиции 

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – декември 2021 година изнесуваат 1.186.124.984 денари.

Резултати од работењето

Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 2.190.776.155 денари, бележи зголемување од околу 12 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 1.281.405.704 денари и е зголемена за 12 %.

Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 2.302.590.062 денари и бележи раст од 11 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 1.304.959.925 денари е зголемена за 12 %.

При извршувањето на оперативните активности АЛКАЛОИД АД Скопје ангажираше 1.055 домашни добавувачи.

Вработени

Во периодот јануари – декември 2021 година во АЛКАЛОИД АД Скопје се реализирани 214 нови вработувања во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2021 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата, во висина од 100 % од просечната исплатена нето-плата од работник во претходните три месеци во РС Македонија. Исплатениот надомест од вработен е во износ од 31.167 денари бруто, односно 28.050 денари нето. Во декември 2021 Управниот одбор по повод Јубилејот 85 години АЛКАЛОИД, одобри исплата на награда за вработените во нето износ од 28.000 денари. Групацијата АЛКАЛОИД брои 2.528 вработени, од кои 1.942 се во базата во Скопје, а 586 се вработени во подружниците во странство.

Податоци за акциите

Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонска берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – декември 2021 година се движеше од 13.300,00 денари до 18.501,00 денари, или просечно 15.799,55 денари за една акција, што претставува раст од 29,8 % во споредба со просечната цена во истиот период од 2020 година. На 31.12.2021 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 5.170 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 26,4 милијарди денари.

Бизнис-план за 2022 година

Бизнис-планот за 2022 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на 29.12.2021 година, предвидува инвестирање на околу 14 % од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 8 % на консолидираните продажби во однос на 2021 година, како и раст од 7 % на консолидираниот профит пред оданочувањето во однос на 2021 година.

Бизнис-планот за 2022 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи, достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2022 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат во однос на прикажаните во бизнис-планот.

Очекувања за претстојниот период

Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици, генерирани од пандемијата на КОВИД-19. Презедовме голем број мерки во досегашниот период, со цел неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрози здравјето на вработените и успешното работење на друштвото.

Во согласност со очекувањата, во текот на 2021 година здравствената криза се претвори и во економска а со тоа се појавија и нови предизвици во работењето. Она што како тренд веќе започна уште во 2021 година, а ќе доминира во 2022 година е забележителниот раст на цените на голем дел од влезните суровини и материјали, енергенсите, како и порастот на цените на транспортот на глобално ниво, а особено и значителните пролонгирања на роковите за испорака. Сето ова веќе започна да влијае и на стапката на инфлацијата што веројатно како тренд ќе биде уште понагласен во 2022 година. Земајќи го предвид конфликтот помеѓу Русија и Украина, започувајќи од 24 февруари 2022 година, АЛКАЛОИД АД Скопје превзема неопходни мерки за заштита на инвеститорите, купувачите и вработените обезбедувајќи им сигурни услови.

Како најголем предизвик и прв приоритет за периодот што доаѓа и понатаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност, на финансиската стабилност и остварување на планските цели.