ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

29.000 работни места во угостителството се загрозени – угостителите бараат помош од Владата или ќе ги одјават работниците

29.000 работни места - Работник
138views

Малите и средни претпријатија до 50 вработени, семејните компании и претприемачите се најпогодени од новите состојби предизвикани од Ковид-19. Субјектите со претежна дејност угостителство, ставија клуч на врата по донесената уредба од Владата за затворање како резултат на опасноста од ширење на вирусната инфекција. Здравјето на граѓаните е најважно, но не смее да се дозволи да пропадне оваа дејност и луѓето вработени во овој сектор сред здравствена криза да останат без никаков приход за да се прехранат, е пораката од денешната прес конференција на Туристичко угостителската комора која изнесе предлог мерки за ублажување на последиците од оваа состојба.

Мартин Ангеловски од Групацијата за Угостителство вели дека сите здруженија на угостители низ градовите во земјава се во иста позиција, покрај заканата од Ковид 19,  под дирекна закана се и во  борбата за зачувување на работните места и овие мали претпријатија да не пропаднат.

„Здравјето е најважно, но без помош, секој изминат ден е трошок кој веќе не можеме да си го дозволиме од сопствени извори на финансирање. Овие субјекти се микро и мали, а поради уредбата имаме нула приходи во дејноста и поради тоа не можеме да ги покриеме трошоците. Повеќето од нас користат кредити од комерцијалните банки,  за кои се уште нема одлука за мораториум како во другите држави.  Сите се трудиме да бидеме дел од решението на проблемот, но со секој изминат ден реалноста ни укажува всушност колку сме финансиски немоќни да го издржиме овој временски период до евентуално искоренување на Ковид 19. Би биле презадоволни доколку за нашата дејност може да се изнајде начин да се донесат конкретни мерки кои ќе нѐ одржат во живот. За таа цел се консултиравме меѓусебно повеќе од 1000 угостителски објекти во целата земја во сектор кој вработува повеќе од 29.000 луѓе, доколку го вклучиме и бројот на нивните семејства претставува сериозна бројка, која не сме во можност да ја издржиме, без адекватни мерки на Владата и Банките. Се надеваме дека оваа пандемична криза нема економски да ја загрози егзистенцијата на граѓаните кои живеат од овој сектор“, рече Ангеловски и додаде дека целта на мерките за потребата од помош од државата, не е за спас на изгубени добивки, туку да се успее да се преживее оваа агонија на неизвесност и на штети настанати од оваа светска пандемија, која секој ден се повеќе врши притисок да се затворат овие деловни субјекти и да останеме без работа.

Предлог мерките на угостителите се следни:

– Субвенционирање на минимална бруто плата за вработените, во периодот додека траат превентивните мерки,

– Oдложување на наплатата на даночни обврски и аконтации во наредните 6 месеци,

– Замрзнување и репрограм на обврски по кредити и камати како и други доспеани обврски према банките до завршување на кризата.

-Да профункционира итно и без одложување отварањето на кредитните линии со субвенционирана камата.

Исто така, предлог е и да не се применува Законот за финансиска дисциплина во наредните 3-5 месеци, да има одложено плаќање на сите режиски трошоци до завршување на пандемијата, да не се исклучува поради неплаќање вода, струја и други основни услуги, да не се наплаќа персонален данок и ДДВ за кириите.

Од Туристичко угосителската комора велат дека последиците не се само здравствени и економски, туку дека се носи и огромен психолошки товар на одговорност кон сите лица кои се вработени и не треба да ги изгубат своите работни места и да останат без приход во време на криза.

Моментално предложените мерки не ги решаваат проблемите и не само што нема да ни помогнат да ги надминеме финансиските проблеми, туку дополнително ќе не задолжат.  Дополнително веќе 10 дена се најавува но нема ништо конкретно, ни каде да се јавиме ни како да поднесуваме апликации за да се помогне. Предложениот пакет на мерки ќе стапи на сила од април, а ние веќе повеќе од половина месец сме без  никакви приходи. Ова немаше да е проблем да се преброди кризата ако заврши утре или ако знаеме што ќе се случува и во кој рок. Ние моментално имаме проблем со платата за мар,  бидејќи нема никакви приходи, ни останаа залихи, задолжени сме со кредити, а не знаеме како мислат надлежните да се најдат средства да се платат придонесите за април и за мај. Имаме големо разбирање за моменталната состојба и сме подготвени да помогнеме во рамки на нашите можности, како на пример  со залихи со храна и обезбедување оброци за лицата што се во изолација, за полициските пунктови кои ќе бидат неопходни за спроведување на полицискиот час и секаде каде ќе има потреба. Се што е во наша можност, ставаме на располагање за доброто на сите. Доколку нема предвидена помош со која ќе можеме да се одржиме, потребно е веднаш да ни биде соопштена таа одлука, за да може вработените кои ќе  бидат одјавени и ќе останат без работа заклучно со 31.03, да аплицираат навремено за други мерки за помош за да не останат без никаков приход. За оние што ќе опстојат кога ќе помине кризата, кога ќе се отворат услови за рестартирање солидарно сите повторно ќе бидат пријавени на работа. “ додаде Ангеловски.