ИнтервјуаНовости

30.000, 40.0000, ПА СЕГА ДУРИ И ПОВЕЌЕ: Митровски открива за колкава плата нашите работници би останале во Македонија

   Време за читање 11 минути

Бобан Илијевски

И оваа сезона голем број на македонски угостителски работници заминаа да работат во Хрватска. Во 2021 година бројката на работници изнесувала над 5,000, во 2022 се зголемила на 10,000, а оваа година истите се многу поголеми. Синдикатот за угостителство и туризам во 2021 година потпиша Меморандум со синдикатот за туризам и услуги на Хрватска преку кој на нивните членови им се овозможи да работат кај работодавачи со кои хрватскиот синдикат има потпишано колективни договори, а со тоа да добијат и правна помош доколку истата им е потребна.

За тоа колку угостителски работници заминаа на работа во Хрватска оваа година, колку поплаки имале од работници кои „заглавиле“ во оваа држава и за други прашања, во ова интервју разговараме со Претседателот на Синдикатот за угостителство и туризам на Република Македонија, Роберт Митровски.

Работник: Пред две годни го потпишавте Меморандумот за соработка со Синдикатот за туризам и услуги на Хрватска кој на Вашите членови им овозможува да бидат под синдикална заштита од тамошниот синдикат. Тогаш голем број на луѓе заминаа да работат како ваши членови. Ме интересира Вашата проценка, колку луѓе заминаа на работа во Хрватска како Ваши членови оваа година?

Митровски: Мислам дека во Хрватска оваа година заминаа околу 100 членови на Синдикатот за угостителство и туризам на Република Македонија, со тоа што мислам дека бројот на наши членови коишто заминаа таму беше најмал. Најмногу работници имаат испратено агенциите за вработување и поединците кои огласуваат работни места преку социјалните мрежи. Тука сакам да напоменам дека тоа се најризичните ситуации во кои работникот бара работа во Хрватска.

Ние имаме потпишано Меморандум за соработка и со Црна Гора, но таму е помал одѕивот, бидејќи се помали платите. Нашето искуство покажува дека сите членови коишто заминаа да работат во овие земји, се немаат пожалено од работните услови. Инаку на работниците (кои во најголем заминаа во Хрватска) им се гарантира платен превоз до работното место и назад, два или три оброци, работна дозвола, пријавени се од првиот ден и најважното од сѐ, што не го добиваат на ниеден друг начин, е правната и адвокатска помош. Морам да напоменам дека ние како синдикат, за разлика од агенциите, не му наплаќаме на работодавачот одредена сума за тоа што сме нашле соодветен работник, што не е случај со агенциите и посредниците за вработување.

Со самото заминување на сезонска работа, работникот кој оди преку нас потпишува пристапница за хрватскиот синдикат за туризам и услуги и тој уште пред да стигне во Хрватска е заведен и при самото влегување во земјата тој е член на синдикатот и ги ужива истите права како и хрватскиот работник.

Ние имавме ситуации каде што наши работници беа заглавени во Хрватска; спиеја во шупи, во еден стан петнаесет луѓе, непријавени, па газдите им ги чуваа пасошите. И ова се случува константно. Моето мислење е дека нашиов народ сака да оди на несигурна работа. Јас не велам дека сите агенции за вработување манипулираат, има многу од нив што соработуваат со сериозни компании.

Работник: Колку поплаки имавте од работници кои заглавиле во Хрватска за време на сезоната?

Митровски: Имавме многу барања за помош. Во 2021 и 2022 година, заедно со синдикатот за туризам и услуги на Хрватска има помагавме на овие работници. Тоа го направија на начин што им средија документи и ги префрлија кај работодавачи со коишто имаат потпишано колективни договори и кои ги почитуваат работничките права. Но оваа година кога имавме такви проблеми, тие ни рекоа дека не се должни да го прават тоа и дека можат да помагаат само на членовите на македонскиот и хрватскиот синдикат. Со тоа сакаа да ни укажат дека ако веќе луѓето отишле на несигурно работно место, тогаш самите треба да ги сносат последиците. Ние им дадовме премногу задачи, бидејќи премногу наши луѓе се јавија за помош и тие им помогнаа на многу од нив, но со оглед на тоа што и тие си имаат нивни проблеми, не можат да постигнат да им помагаат на сите.

Инаку, повеќето од нашите работници во Хрватска кои побараа помош од нас беа вработени во мали угостителски фирми, каде што работат од 15 до 20 луѓе и каде што работодавачот народски кажано е обичен преварант кој едно ветува на телефон, а на лице место приказната е сосема поинаква. Се работи по 15 часа, луѓето се до море, а не можат да одат и да се избањаат, едноставно баш се како робови.

Работник: Со самото тоа што угостителските работници наголемо заминуваат на сезонска работа во Хрватска, Црна Гора, Бугарија итн., македонските угостители остануваат без работна сила. Колку според Вас, ова ќе влијае врз нив да сфатат дека треба да овозможат подобри работни услови за да ги задржат работниците?

Митровски: Ние мораме да признаеме дека веќе и се работи на тоа. Не само во угостителскиот сектор, туку и во другите гранки. Еве да ги земеме маркетите. Таму платите стигнуваат до една солидна почетна плата, а имаат и услови за напредување. Тие работодавачи го увиделе тоа и наместо постојано да бараат нови вработени, сакаат да ги задржат постојаните. Има и газди на кои не им е гајле дали работникот треба да биде заштитен при работа, дали треба да биде добро платен; едноставно така ноншалантно си ги тераат нивните бизниси, но овие газди не зависат од тоа. Влегле во угостителството за да се пофалат во фелата или за некој свој ќеиф. Оние што живеат од тоа се придржуваат стриктно до правилата и сакаат да ги почитуваат сите права на работникот. За жал, таквите работодавачи се многу ретки, но јас се надевам дека понатаму ќе ги има во поголем број, затоа што ако оваа година или минатата заминаа отприлика 10,000 работници во Хрватска, тогаш бројката може само да се зголемува доколку не се поправат работните услови во Македонија.

Работодавачите не се единствените виновници за целата ситуација. Виновни сме и ние синдикатите, како и самите работници коишто не ни знаат дека постои синдикат. Еве, во нашите анкети кои ги правиме работниците кои се на возраст до 30 години не знаат што е синдикат или пак знаат само дека родителите нивни земале канти сирење од синдикатот. Неинформираноста е навистина многу голем проблем кај нас.

Има и луѓе чии сметки им се замрзнати од извршител и кои немаат друга опција освен да работат на црно или пак да заминат во друга држава каде што ќе остварат приход.

Работодавачите се свесни за целата ситуација, и иако има напредок, сепак тој не е доволен. Интересно е што работодавачите во Хрватска реагираат на нашите забелешки и гледаат истите да ги применат, додека добар дел од нашите воопшто не ни ги земаат забелешките предвид.

Морам да напоменам дека и Малта, Грција и Словенија се многу заинтересирани за македонските работници, бидејќи истите се познати како вредни и добри. Овие држави пополека сакаат да се оддалечуваат од работниците кои се од другиот крај на планетата и да се фокусираат на тие во регионот.  

Работник: Помеѓу работниците кои заминуваат во Хрватска, како што веќе ми кажавте, спроведувате анкети за колкава плата би останале да работат во Македонија. Колкава плата бараат?

Митровски: Прво морам да кажам дека ние самите ги анкетираме работниците кои ќе дојдат на нашите презентации, односно анкетата не е финансирана од никого. Таа е наменета токму за луѓето кои се од туристичко – угостителскиот сектор и што се на возраст од 18 до 70 години. Она што е многу интересно е што првата година (2021) најголемиот број од анкетираните на прашањето „за која плата би останале во Република Македонија“ заокружиле од 30 до 40,000 денари, за да последнава година, повеќето од нив заокружат 50,000 или над 60,000 денари. Тоа се должи на поскапувањето на основните прехранбени производи и на тоа што народот не може да живее со сегашните плати. Поради ова ние сметаме дека следната година на анкетите работниците ќе наведат многу поголема сума за да останат да работат во Македонија. Колку работодавачите се подготвени да платат за луѓето да останат да работат тука е нивен проблем. Нас како синдикат најдобро ни е работниците да ни останат тука. Тоа најдобро е и за нашата економија и општество.

Тука морам да додадам дека има и многу наши работници коишто бараат работа надвор за преку цела година, што не беше пример пред две години кога почна нашата соработка со хрватскиот синдикат. Дури и хотелските компании каде што некои од нашите работници работат преку летната сезона, им нудат да работат во нивните хотели во Австрија и Германија за време на зимската сезона, што значи дека на истите им се отвораат можности да работат преку цела година.

Ние како синдикат имаме идеја за тоа колкава треба да биде платата во угостителскиот сектор. Според нас таа треба да изнесува 60,000 денари. Ние истата ја споделивме јавно, но никој не дојде од другата страна да разговара со нас за оваа сума. А ако мене ме прашаат или некој од моите пријатели, за 60,000 денари би останале да работиме во Македонија. Може да се работи на тоа поле, но мора да се има желба и волја од сите страни.

 

 

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси