МагазинНовости

76 – годишен Струмичанец со бастун во рака ги мотивира младите да даруваат крв

76 - годишен Струмичанец - Работник
73views

Седумдесет и шестгодишниот Панче Николов, кој досега дарувал крв над 120 пати, со бастунот во рака се уште ја продолжува својата хумана мисија која ја почнал уште како средношколец. Тој од претседателот на Општинската организација на Црвен Крст-Струмица, д-р Васил Тунев, доби благодарница за неговата мисија за мотивирање на граѓаните да даруваат крв.

-Панче е многукратен дарител на крв, но тој и неговото семејство се и фамилијарни крводарители. Лани, неговиот брат Симе доби општинската награда за крводарителство. Тој, и покрај поодминатите години, е многу активен и ние се чувствуваме должни да му оддадеме признание. Продолжи со бастунчето да одиш меѓу младите и мотивирај ги, исто како што брат ти Симе оди во Одделението за трансфузиона медицина во Струмица и ги моли луѓето да ја даруваат најдрагоцената течност, истакна д-р Тунев.

Како што вели Николов, крв почнал да дарува уште од ергенско време.

-Уште како средношколец во техничкото училиште почнав да давам крв два пати годишно и тоа го правев се до пензионирањето. Досега имам дарувано над 120 пати. Одевме на тогашните младински работни акции, а ние како крводарители одевме и по селата и организиравме крводарителски акции, вели Николов.

Последен пат дарувал крв во 2005 година. Вели дека сакал да продолжи да дарува, но заради годините не може повеќе.

-Најубаво е да даруваш крв, бидејќи организмот се ослободува. Во сегашната состојба најдобро е да даваш крв за да се променат крвните зрнца и да се обноват капиларите. Тоа е најголемо богатство, а чувството дека некому спасуваш живот со подарената крв е највозвишено, порачува Николов.

Се потсетува дека најубаво се чувствувал кога во еден случај дарувал крв непосредно на друг на масата за операција.

-Директно од мене се даваше крв на друг на операција. Јас лежев на креветот и крвта одеше до тој што го оперираа. Тоа не се опишува и нема награда што може да биде дадена за чувството дека некому спасуваш живот, се присетува дедо Панче.

Интересно е неговото објаснување зошто помладите треба да даруваат крв.

-Јас им објаснувам за придобивките од крводарувањето, но нема кој подобро да ги организира. Мене лично многу ме погоди короната, бидејќи не можам да се движам слободно и да ја ширам мојата мотивирачка мисија. Но, кога можам постојано им велам да не се групираат, да не одат по кафеани, да избегнуваат алкохол и пушење и да даруваат крв. Кога даваш крв самиот организам се ослободува и добиваш здравје и тоа е мојот совет до младите, рече еден од најстарите мотиватори за дарување крв во Струмица.

На заминување од скромната свеченост од просториите на струмичкиот Црвен крст уште еднаш порача дека се додека го држат нозете ќе ја исполнува својата мисија за подигнување на свеста од дарување крв.

Advertisement