ПравдаСветСветот на работникот

„Никогаш повеќе нема да дојдам во Германија. Ни на одмор, ни во посета. По никоја цена“

Германија - Работник
152views

Неколку месарници и земјоделски имоти во Германија во последно време станале жаришта на ширење на коронавируост.

Причината за тоа се лошите услови во кои работат и живеат нивните работници. Властите најавуваат поостри контроли.

„Никогаш повеќе нема да дојдам во Германија. Ни на одмор, ни во посета. Ни по ниедна цена!“ Маријана Костеа два месеци работела на еден селски имот во Баварија. И не можела повеќе да издржи. Неплатени прекувремени часови. Валкани сместувачки капацитети. Без заштитни мерки против коронавирусот. „Не сакав да прифатам осум луѓе да спиеме во една соба, осум луѓе да делиме еден тоалет, а 30 – иста кујна“, вели за Дојче Веле оваа сезонска работничка од Романија.

Во еден минибус со осум седишта секое утро по 14 или 15 лица се превезувале на полето на кое се работело, а навечер се враќале „дома“, вели таа. Правилата за заштита од корона во Германија всушност изгледаат сосема поинаку – и би требало да важат за источноевропските сезонски работници.

Се е веќе одамна познато

Маријана Костеа е само еден од случаите. Изминатите недели и месеци бројни источноевропски работници собрале доволно храброст јавно да зборуваат за невозможните услови за работа и живот во германските претпријатија – во месната индустрија, курирските фирми, во секторот грижа, градежништвото или во земјоделството.

Тоа е ситуација која, како што признава и сојузниот министер за труд Хубертус Хајл, е веќе одамна позната: „Короната е како лупа – поради неа гледаме и работи кои и порано не биле во ред“, рекол Хајл на прес – конференција во Берлин.

А за тие „работи“ за ДВ зборува и Алекс Б. Тој сака да остане анонимен, бидејќи се плаши од можните репресии. Две години работел во погонот на Тенис, најголемиот произведувач на месо во Германија: „Тие ни ги крадеа работните часови. Наместо осум часа плус 45 минути пауза, работевме и по 10 до 13 часа дневно. После тоа си готов, па и психички“.

„Тие“ – се претпријатија кај кои формално се вработени поголемиот дел на источноевропските работници. И Романецот Алекс Б. не потпишал договор директно со Тенис, туку со друга фирма која „посредува“ за вработување на странски работнци. Таа била една екстерна фирма која во месарницата презела еден дел од производството. Тие работници не се вработени од страна на Тенис, туку под условите на кооперантот. Одговорноста за работните услови поради тоа ја носи коопореантот – а не германскиот производител на месо.

Поголемиот дел од тие луѓе всушност не се платени на база на одработено време, туку по однапред дефиниран учинок. А таа количина на работа едноставно не е можно да се заврши за осум часа. Тоа е систем на експлоатација, вели Алекс Б. Оној кој ќе протестира против тој систем, брзо останува без работа – германските правила на работа во тие услови не вредат, вели Алекс. 

А и практично нема заштита од короната – преку 1,500 од вкупно 7,000 вработени во Тенис на локацијата Ред – Виденбрик, на почетокот на јуни биле позитивни на Ковид – 19. За целиот регион на Гитерсло бил прогласен карантин. И сега Државното обвинителство води истрага против Тенис како и цела низа на произведувачи – поради сомнежите дека го прекршиле Законот за заштита од заразни болести.

Тешко е сето тоа да се контролира

Системот на произведувачи и посредници кои често се земјаци на источноевропските работници, изгледа како нетранспарентна мрежа која многу тешко се контролира. Зарем во социјална држава како што е Германија не може редовно да се контролира под какви услови работат и во какви услови се сместени тие луѓе? Теоретски – да, вели Маријус Хангану од проектот „Чесна мобилност“ за ДВ. Тој е роден Романец и во име на германските синдикати ги советува сезонските работници од југоисточна Европа.

За проверка на тие услови е задолжена германската царина, односно Заводот за јавно здравје, вели Хангану. Но, контролите не поминуваат секогаш успешно. Како пример ја наведува Баварија: „Биле најавени три царински контроли. Интересно е тоа што во една таква институција како што е царината да постои протекување на такви информации“. И тоа нема врска со некоја регионална дирекција на царината, туку со вишите управни нивоа на кои тие информации се собираат, додава Хангану.

Тоа е прилично тешко обвинување. ДВ упатил прашање до Генералната управа на царината, за тоа дали им се познати случаите дека некој најавил контрола од страна на царениците и добиле краток одговор: „Немаме за тоа никакви сознанија!“.

Вестите за порастот на случаите на заразени од коронавирусот на сезонските имоти и во месарниците ги принудиле политичарите да донесат одредени мерки. Од 1 јануари 2021 година, договорите за вработување на работници преку произведувачи би требало да се забранат – барем во месната индустрија. А тоа конкретно значи дека во иднина во најголемите германски месарници нема да има вработување на други работници. Министерот за труд Хајл предложил нацрт закон за кој во Бундестагот би требало да се расправа после парламентарната летна пауза. Зошто овие мерки не се спроведуваат и во другите области каде што постојат слични проблеми? На тоа прашање Хубертус Хајл сеуште конкретно не одговорил: Имаме и други области, се работи за контрола на заштитата при работа. Ние ќе ги заостриме обврзувачките правила за да можеме поинтензивно да ги надгледуваме загрозените подрачја“, – ова бил одговорот на министерот на прашањето на ДВ.

Короната како шанса?

Едно актуелно жариште на корона во Баварија повторно во фокусот на јавноста ја изнело дискусијата за слабите мерки на заштита и недостатокот на контрола. На еден земјоделски имот во Маминг (кај Штраубинг) повеќе од 170 (од 500) сезонски работници се позитивно тестирани на Ковид – 19 и целата фарма е ставена во карантин. Поголемиот дел од сезонските работници се од Романија, неколку од нив се од Бугарија, Унгарија и Украина.

Свесното кршење на хигиенските концепти и важечките правила е една од причините за масовната инфекција, рекол баварскиот премиер Маркус Зедер на прес – конференција во понделеникот. Тој побарал поостри контроли „дење и ноќе“, а истите треба да бидат ненајавени. Во случај на кршење на важечките првила за хигиена, казните би требало да бидат зголемени од сегашните 5,000 евра на 25,000 евра. Освен тоа, најавил баварскиот шеф на Владата, сите сезонски работници во таа сојузна покраина би требало да бидат тестирани на коронавирусот. Не ја исклучил ниту можноста за воведување на карантин за комплетниот регион во кој се наоаѓа тој имот.

Подготвил:

Бобан Илијевски