ЕкономијаМакедонија

9 од 10 анкетирани фирми не планираат свое целосно затворање ниту пак отпуштање на работниците

Стопанска комора - Работник
85views

Денес ги објавуваме преостанатите наоди од најновата Анкета на Стопанската комора на Македонија за последиците од кризата предизвикана од корона вирусот за македонската економија и очекуваните ефекти од економските мерки на Владата. Оваа анкета имаше за цел да овозможи увид во регистрираните последици за компаниите -членки на Комората во март и очекувањата за април 2020 година. Како што посочивме и вчера, Анкетата е направена во периодот од 7 до 14 април. Анкетата вклучува одговори на компании што минатата година заедно имале вкупни приходи од 94,4 милијарди денари или 1,53 милијарди евра.

Речиси половина или 48% од анкетираните фирми се изјаснија дека нема да ги пратат работниците на принуден одмор, 19% дека ќе ги пратат на принуден одмор, 19% дека веќе ги пратиле на принуден одмор, а 13% размислуваат за друга можност.

Во однос на прашањето за отпуштање на работниците, 86,2% се изјаснија дека нема да ги отпуштат вработените, 13% дека ќе ги отпуштат, а само 0,8% дека веќе ги отпуштиле. Ова потврдува дека стопанствениците се свесни за важноста на работната сила, во која патем е и инвестирано за успешно натамошно работење на претпријатијата, а соодветно на тоа и за потребата колку што е можно повеќе да ги задржат работниците во редовен работен однос.

Во однос на финансиите, 44% од анкетираните фирми немаат проблеми со ликвидноста, додека 56%, очекувано, имаат проблеми со ликвидноста. Притоа, 65% од фирмите имаат кредити за отплата, а 35% немаат кредити за отплата.

Вкупно 81% од анкетираните фирми пријавиле одреден процент на откажување на договорените аранжмани или работа на претпријатието. Притоа, 35% од фирмите пријавиле дека процентот на откажување на договорените аранжмани или работа е поголем од 50%.

И покрај проблемите со кои се соочуваат претпријатијата во однос на производството, извозот, увозот, прометот и синџирот на добавувачи, радува сознанието дека 71% не размислуваат за затворање на претпријатието, а дополнителни 21% размислуваат за затворање само на еден дел од претпријатието. Ова може да се поврзе со фактот што дури 79% од анкетираните претпријатија работат повеќе од 10 години на пазарот. Според анкетата, 8% од анкетираните би го затвориле претпријатието во целост.
Во рамки на Анкетата, фирмите се изјаснија и во поглед на тоа која од економските мерки на Владата планираат да ја искористат.

•    Најголем дел од анкетираните фирми, 30% од нив, планираат да ја користат мерката – 14.500 денари месечно по вработен за април и мај, за компании погодени од кризата или 50% од трошоците за придонеси за секој вработен.
•    За користење на мерката – задолжително користење на првиот дел од годишниот одмор се изјасниле 26% од претпријатијата.
•    Мерката – одложување на кредитите кај банките и пролонгирање на отплатите, репрограмирање, грејс период, поповолна каматна стапка и слично, ќе ја користат 12% од анкетираните претпријатија.
•    Мерката – дополнителни бескаматни кредити за фирмите од нови 8 милиони евра од Развојната банка на Северна Македонија ќе ја користат 7% од претпријатијата.
•    Исто толку, 7% од анкетираните фирми се изјаснија за користење на мерката – 50 милиони евра евтини кредити од Развојната банка на Северна Македонија.

Извор: Стопанска комор на Македонија