Finance Think: 41 % од граѓаните очекуваат цените да растат со посмирено темпо
Резултати од анкета за очекувањата на граѓаните сврзани со цените
Целта на анкетата е да даде индикативен приказ за очекувањата на граѓаните за движењето на цените на краток и среден рок, вклучително и перцепција за изворите на таквите очекувања.
Според граѓаните, инфлациските очекувања остануваат подигнати на краток рок, односно до крајот на оваа година. На прашањето што граѓаните очекуваат да се случува со цените до крајот на 2023 година, 41% одговорија дека очекуваат цените да растат но со посмирено темпо, додека една третина одговорија дека очекуваат да растат со забрзано темпо (Графикон 1).
Графикон 1 – Очекувања за цените до крајот на 2023
Една третина од испитаниците, како главна причина за очекувано зголемување на цените на краток рок го наведуваат однесувањето на трговците (33.2%) (Графикон 2). Сепак, потезите на Владата за управување со ценовниот притисок, или нивното отсуство, е високо-рангирана главна причина. Имено, 17.2% од испитаниците одговориле дека очекувањето за повисоки цени им се должи на тоа што Владата неодамна го покачи ДДВ-то за група производи; 15.5% одговориле дека освен замрзнувањето на цените, Владата не прави ништо друго за да ги заузда поскапувањата, додека 13% очекувањето за раст на цените го темелат на фактот дека цените вообичаено ќе скокнат кога ќе престане замрзнувањето на цените.
Графикон 2 – Главна причина за очекуван понатамошен раст на цените до крајот на 2023
Според овие наоди, замрзнувањето на цените на клучни производи од прехранбената и сврзаната потрошувачка, без да биде познат датумот за негово завршување, е клучно за смирување на инфлациските очекувања.
Од граѓаните кои очекуваат слични или пониски цени до крајот на оваа година, чиј број е значајно помал, најчеста причина за ваквото очекување го истакнале постојното и очекувано забавување на економијата (Графикон 3). Сепак, исто така важна причина за формирање на ваквото очекување е фактот што пикот (највисоката точка) на инфлацијата помина во октомври 2022, поради што граѓаните сметаат дека е логично таа да продолжи по патеката на стабилизација.
Земено севкупно, граѓаните сметаат дека Владата и трговците се најодговорни за растот на цените годинава (Графикон 4), што е во линија со погорниот наод дека потезите на трговците и на Владата ги формираат очекувањата на граѓаните за понатамошен раст на цените до крајот на оваа година (Графикон 2). Овој наод укажува и на тоа дека почетниот импулс врз цените, кој скоро во целост беше зададен од избувнувањето на Руско-Украинскиот конфликт од почетокот на 2022 година, во голема мера е исцрпен до втората половина од 2023 година, и изворите на инфлацијата, во значаен дел, се префрлени на домашен терен.
Оттука, неопходно е Владата да избегне потези на фискалната политика, како неодамнешното зголемување на стапката на ДДВ за одредни производи, кои ги зајакнуваат наместо да ги смируваат инфлациските очекувања, без оглед што се проценува дека порастот на ДДВ-то за одредени производи беше наткомпензиран од намалувањето на цените преку замрзнувањето во склоп на проектот „Гарантирана цена“.
На крајот од анкетата, граѓаните се произнесоа и во поглед на нивните очекувања за цените во среднорочна перспектива, односно за периодот 2024-2025 година. Половина од граѓаните очекуваат дека цените ќе продолжат да растат забрзано, над 3-4% годишно во оваа временска рамка, додека една третина сметаат дека ќе продолжат да растат во нормални рамки од 1-3% годишно (Графикон 5). Сепак, незанемарлив дел од граѓаните, 9.2%, одговориле дека очекуваат цените да се намалуваат, но дека нема да ги достигнат преткризните нивоа.
Според тоа, инфлациските очекувања започнуваат да се вкотвуваат на среден рок. Централната банка неминовно ќе треба да ги одржи каматните стапки релативно високо во подолг временски период од она што иницијално се чинеше.
Анкетата е спроведена преку интернет, на хетероген примерок од 334 испитаници, во периодот 16 – 25 октомври 2023 од страна на Finance Think. Анкетата е од индикативен карактер.
- Ова е можеби најодалечената, но и најслатката работа на светот: Потребни се луѓе за броење на пингвини на Антарктикот - 13/10/2024
- Боинг укинува 17.000 работни места и ја одложува испораката на 777X - 13/10/2024
- Неделков: Колективните договори ќе се потпишат најдоцна до 20 февруари, платите кумулативно ќе се зголемат за околу 50 % - 12/10/2024