„Goldman Sachs“ планира големи отпуштања, бизнисот забавува

„Goldman Sachs“ планира големи кратења на работни места за да се спротивстави на остриот пад на бизнисот.

Инвестициската банка ќе отпушти 4.000 вработени од почетокот на следната година – до 8% од нејзината светска работна сила.

Деталите за тоа како ќе бидат засегнати различни канцеларии и делови од бизнисот сè уште се финализираат, соопшти „ВВС“.

Главниот извршен директор Дејвид Соломон постојано изразува загриженост за економската перспектива во последниве месеци, нагласувајќи дека клиентите се претпазливи и тоа го тера да биде внимателен во трошењето.

Приходите од инвестициското банкарство паднаа оваа година бидејќи економската несигурност и падот на пазарот ги попречија спојувањата и ИПО-то.

Вкупните приходи на „Goldman Sachs“ паднаа за 20% во деветте месеци од годината во споредба со истиот период минатата година кога бизнисот цветаше. Профитот падна уште поостро.

Една од најстарите инвестициски банки во светот, која вработува приближно 49.000 луѓе, веќе укина стотици работни места претходно во оваа година.

Годинава се очекува и бонусите да бидат помали.

„Продолжуваме да гледаме спротивставени ветрови на нашите трошоци, особено во блиска иднина. Воведовме одредени планови за намалување на трошоците, но ќе биде потребно извесно време за да се реализираат придобивките. На крајот на денот, ќе бидеме флексибилни во нашиот сет на способности“, истакна Соломон.