Обесхрабрени работници: 80% се невработени подолго од една година – интервју со Кристијан Кожески
Во вториот дел од интервјуто со Кристијан Кожески, Докторанд по економски науки од Економскиот факултет при УКИМ, разговараме за активноста на работоспособното население, невработеноста и за тоа какви политики се потребни од страна на државата за подобрување на состојбите на пазарот на трудот.
Новинар: Бобан М. Илијевски
Работник: Активноста на пазарот на труд, според последните податоци, изнесува 52,4 % и истата стагнира веќе подолго време. Како може, според Вас, истата да се зголеми?
Кожeски: Ова е прашањето кон коешто можеби треба да се фокусираат креаторите на економските политики на долг рок. Не само во Македонија и земјите од регионот, туку и во европските земји, поради тоа што ние се соочуваме со ниско ниво на активност на пазарот на труд која стагнира долг временски период. Ова е особено важно за малите економии, како што е македонската, којашто е увозно зависна економија и чијшто економски раст, пред сѐ, е воден од ефективната странска побарувачка и е особено тешко да постигнат поинтензивни стапки на активност на пазарот на трудот.
Одговорот на ова прашање можеме да го водиме во различни насоки, но јас ќе дадам малку пофокусиран одговор за потребите на ова интервју. Оттука, доколку целта е да се зголеми степенот на активност на пазарот на труд, мора првично да ги бараме причините коишто доведуваат до дел од работоспособните лица да бидат надвор од пазарот на труд. За таа цел, мораме да ја погледнеме структурата на овие неактивни лица. Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека во нашата земја во 2022 година согласно главните средства за живот коишто ги добиваат неактивните лица, повеќе од 291,121 лице констатирале дека своите главни средства за живот ги црпат од платите и пензиите на членовите од домаќинството во коешто живеат. Понатаму, високи 48,000 неактивни лица на пазарот на трудот имаат социјални бенефиции и социјална помош, што укажува на тоа дека можеби премногу долго се оди со пасивните политики. Околу 21,000 од потенцијалните работници кои во 2022 година биле неактивни, како примарен извор на приходи констатираат дека тоа им се паричната помош од членовите на домаќинството или роднини што работат во странство.
Дел од овие категории на граѓани имаат висока веројатност да се интегрираат на пазарот на трудот. Во нив лежи потенцијалот за дополнителна работна сила. Сепак, за да се поттикне нивното вклучување потребни се мерки и политики, особено активни мерки за квалификација, преквалификација, стекнување со соодветни вештини коишто се дефицитарни во моментов, но ќе бидат и во наредниот период. Поради ова, потребни се мерки кои ќе влијаат на конкурентноста на работниците, затоа што гледаме дека периодов се организираат разни саеми коишто нудат работа во земјите од Европската унија, што упатува на фактот дека македонскиот работник ги има потребните квалификации и со одредено дообучување или преквалификација може да придонесе за зголемена вредност на пазарот на трудот, но и во економијата, воопшто.
Доколку сакаме да ја подобриме активноста на пазарот на трудот, мора да имаме предвид и еден многу значаен аспект – високиот степен на сива економија во државата . Иако неформалните економски активности се премногу тешки за прецизно да се измерат, во последните истражувања, во кои лично имам учествувано, се вели дека неформалната економија се движи од 24 до 33 % од БДП-то, што значи дека имаме висок степен на неформална вработеност во неформалниот пазар на труд. Податоците покажуваат дека во 2022 година, 84,000 работници биле вклучени во неформалниот пазар на труд. Оттука, само замислете кои би биле придобивките за овие лица, но и за формалната економија и ако сакате за државниот буџет, доколку тие станат дел од формалната економија.
Додека сме кај потенцијалната работна сила, значаен индикатор претставува индикаторот за потенцијалната работна сила на Меѓународната организација на труд, којашто има податоци и за Македонија. Во 2022 година, тие дошле до податок дека изнесува 52,000 работници, од кои 31,000 се со средно образование, 14,000 се со основно образование, а останатите се поделени на другите квалификации согласно степенот на образование. Ова покажува дека Македонија сѐ уште има работници кои може да бидат апсорбирани и интегрирани на домашниот пазар.
Она што според податоците на МОТ е загрижувачки е што околу 17,800 работници коишто имаат средно образование и кои можат да бидат вклучени во најголемиот дел од секторите во Македонија, спаѓаат во категоријата на обесхрабрени работници коишто не веруваат дека ќе најдат работа. Замислете, имаме речиси 18,000 обесхрабрени работници, 84,000 коишто се дел од неформалниот сектор и околу 291,121 лице коишто се неактивни и кои своите средства ги црпат од платите и пензиите на членовите на семејствата. Сите овие работници се еден вид предизвик и потенцијал на македонскиот пазар на труд. Оттука, ваквите податоци мора да се имаат предвид кога ќе се креираат и дизајнираат мерките и политиките на пазарот на труд.
Работник: Невработеноста, како што покажуваат податоците, постојано опаѓа. Пред неколку години таа беше над 30 %, за да сега изнесува околу 12 %, Според Вас, на што се должи ова намалување во најголем дел?
Кожески: Со мали исклучоци, може да се констатира дека невработеноста во Македонија забележува надолен тренд и согласно последните достапни податоци, истата се движи од прилика околу 12 %. Мојот одговор ќе го поделам во неколку аспекти, со цел да ги видиме тековите на работниците, односно демографските трендови.
Иако за да се анализираат и разберат трендовите во економијата, препорачливо е да се користат релативни пропорции, односно да се анализираат процентите, за да се добие повпечатлива слика за состојбата со вработеноста во Македонија, јас ќе се послужам со апсолутните бројки. Треба да се има предвид дека вработеноста, на пр. во 2017 година, била на ниво од 740,648 вработени, додека во 2022 година, истата се намалила на ниво 692,034 вработени, со тоа што во апсолутен износ бројот на работници во Македонија, во овој временски период, забележува тенденција на намалување.
Ваквите тенденции, не се само наша констатација, туку се забележани и во извештајот на Светска банка, којашто нотира дека со исклучок на вработеноста во Македонија, во сите земји од Западен Балкан, истата е на пред кризното ниво во 2020 година. Значи, единствено Македонија не го достигнала нивото на вработеност од пред кризната 2020 година, во поглед на бројот на вработени лица.
Овој увид во состојбата на пазарот на трудот не може да биде направен, без притоа да се анализира движењето на активните деловни субјекти. Согласно последните податоци на ДЗС, бројот на активни деловни субјекти забележува намалување на истите во Македонија. На пр., во 2019 година, бројот на активни деловни субјекти изнесувал 75,914, додека во 2020 година, истиот се намалил на 73,061. Во 2021 година, бројот на активни претпријатија изнесувал 70,424 и најголем број од нив биле микро претпријатија со помалку од 10 работници, што влијае врз нивните капацитети за иновации, апсорбирање на нови технологии, машини итн. Кога претходно спомнав дека политиките треба да бидат насочени кон бизнис заедницата, мислев да се насочат кон подобрување на нивните капацитети за иновации, технологии итн.
Кога сме кај вработеноста, мора да потенцираме уште неколку факти, а тоа е порастот на непродуктивните вработувања. Самиот факт што невработеноста забележува надолен тренд во изминатиот период, истовремено трендот на опаѓање на продуктивноста на трудот преставува солидна основа дека во Македонија доаѓа до пораст на непродуктивните вработувања.
Ниското ниво на продуктивност на скоро вработените работници не треба да биде поврзано со карактеристиките и вештините на овие работници, туку мора да се гледа и поширокиот контекст – предвид да се имаат капацитетите на компаниите; дали тие биле спремни? Дали постоела потреба за дополнително апсорбирање на оваа работна сила? Во Македонија се случува еден феномен на пораст на непродуктивните вработувања што се гледа од намалувањето на невработеноста и од негативните тенденции поврзани со продуктивноста на трудот.
Исто така, во Македонија имаме, би рекол, солидно учество на лицата коишто биле невработени подолго од една година и нивното учество во вкупната работна сила, во 2022 година, се движи околу 11,5 %. Може да замислите што може да значи за човек да не биде вработен подолго од една година – ја губи самодовербата, ја губи навиката, едноставно се обесхрабрува да бара работа. Бројот на долгорочната невработеност забележува надолен тренд, меѓутоа сѐ уште е на тие 11,5 % од 2022 година. Дополнително, процентот на долгорочна невработеност, во вкупната невработеност, изнесува 80 % во 2022 година. Тоа значи дека 8 од 10 невработени лица немале вработување во период подолг од една година. Да објаснам 11,5 % беа во однос на вкупната работна сила, додека 80 % е процентот на долгорочна невработеност – лица кои не биле вработени подолго од една година во однос на вкупната невработеност.
Особено загрижувачки е фактот што во периодот 2006-2022 година, процентот на овие лица во просек изнесувал 81 %, што упатува на тоа дека и покрај намалувањето на невработеноста – нешто што е тенденција во нашата земја, сепак останува загрижувачки фактот што околу 80 % од невработените се невработени подолго од една година. Од друга страна, од овие невработени лица, 60,869 во 2022 година, согласно должината на невработеноста, биле невработени над 4 години, што за нив претставува голем предизвик повторната интеграција на пазарот на труд. Можете да замислете колкав предизвик е за лице кое четири години е без работа, да се интегрира и активно да бара работа. Оттука, иако се забележува намалување на невработеноста, сепак ние мораме да поработиме на одделни групи на невработени лица, коишто забележуваат ниско ниво на пазарот на труд, но и на непродуктивните вработувања.
Работник: Какви политики се потребни за да се поттикне поголема вработеност од страна на државата?
Кожески: Пред сѐ, потребна е конзистентност, посветеност и волја за спроведување на политиките. Треба да имаме конзистентност на политиките кои ќе бидат преземени и мерките кои ќе бидат воспоставени, меѓутоа од исклучителна важност е да имаме и објективни критериуми врз основа на кои ќе може да се увиди степенот на искористеност на конкретната политика, дали таа политика ги дава потребните ефекти, колку средства се наменети за таа политика, дали инвестицијата во тие средства ги оправдува дополнителните корисности коишто доаѓаат од истите итн.
Еве на пр., во 2022 година бројот на неформално вработени лица изнесувал 84,319 работници. Истите преставуваат потенцијална работна сила за формалната економија, за што треба да се преземат јасни мерки и политики за поголема интеграција на овие лица на формалниот пазар на труд, односно оттука доаѓа насоката на мерките. Мерките и политиките мора да бидат насочени кон формализирање на малите и микро претпријатија, кон дополнителна вработеност на овие лица, асистенција или некаков финансиски надомест при вработување итн.
Исто така, активни мерки на пазарот на трудот се потребни и истите треба да бидат насочени кон доквалификација, преквалификација на лицата коишто се надвор од пазарот на трудот, но и на лицата коишто се дел од неформалниот сектор. Треба да се зголеми и опфатот на постоечките активни мерки на пазарот на трудот. Што мислам со тоа? Да се види искористеноста на мерките и да се зголеми опфатот на соодветните мерки. Овие мерки треба да бидат насочени кон обука, практиканство, субвенции за вработување, реализирање на јавни работи, разни видови на помош за самовработување итн. Сума сумарум, мора да се зголеми износот на вкупните средства коишто ќе бидат насочени кон активни мерки на пазарот на труд, особено кога ќе се споредат со пасивните мерки. Оттука, може само да се постави прашањето – дали може да се генерираат одржливи стапки на економски раст без квалитетен човечки капитал?
Производствената структура на Македонија е лика и прилика на капацитетот на македонската работна сила. Самиот факт што само 10 % од БДП-то се создава во земјоделскиот сектор, а значително учество има и градежништвото, упатува на потребата од дополнителна специјализација на македонските работници, односно мерките треба да бидат насочени кон специјализација на работниците од одредени дејности и сектори. Или ќе бидеме специјализирани во одредени сектори или ќе бидеме просечно неконкурентни. Затоа е потребна јасна визија и волја да се реализираат и да се воспостават активни мерки на пазарот на трудот.
- „Еј мајко му стара, абе овој што ми рече пред петнаест години да го ценам работникот во право бил…“ - 06/06/2025
- ЌЕ СЕ РЕШИ ЛИ НЕКОГАШ ПАРАДОКОСТ? Експертите велат дека потребни се законски интервенции и соодветна евиденција во Агенцијата за вработување - 02/06/2025
- (ВТОР ДЕЛ) ИНТЕРВЈУ – „Брзата и ефикасна правна рамка и инвестирањето се клучни во поттикнувањето на растот на платите во приватниот сектор“ - 29/05/2025