Петте професии на иднината ќе бараат професионалци од различни области, вклучително и од хуманистичките науки
Во рамките на проектот на Еразмус + наречен „Индустрија 5.0 – професии на иднината“, учесниците имале за задача да се фокусираат на пет професии кои допрва ќе стануваат актуелни. Една од учесничките е и мојата долгогодишна соработничка Катерина Златановска – Попова, советник за развој на кариера.
Со Златановска – Попова разговарав подетално за овие професии. И морам да признаам дека сум навистина вчудоневиден од дел од нив.
„Сите сме сведоци дека во моментот се случува огромна промена на состојбите на пазарот на трудот. Огромен број на гиганти-компании се одлучуваат на тоа да ги отпуштаат своите вработени, кои најчесто се од професии кои се засегнати со вештачката интелигенција, констатираше мојата соговорничка на почетокот на разговорот.“
Целата идеја на проектот е луѓето да се поттикнат да размислуваат за новите професии на иднината кои, или се во зачеток или пак допрва ќе се родат.
„Поентата е некако да им дадеме можност на луѓето да почнат да размислуваат кон иднината, но со поинаква перспектива – дека таму некаде за луѓето постои работа, бидејќи многу погрешна е идејата дека сега со вештачката интелигенција повеќе луѓето ќе немаат што да работат“, рече Златановска – Попова.
Златановска – Попова посочи дека разработиле пет професии на иднината. Во листата вклучени се компетенциите кои ќе бидат потребни, кои вештини ќе бидат потребни (тврди и меки), како и каде тие професии можат да се учат и која е кариерната патека за да се стигне до таа професија.
„Сето тоа го спакувавме во едукативни материјали кои се достапни на платформа за онлајн учење“, истакна мојата соговорничка.
Петте професии на иднината
1. Етичар за вештачка интелигенција
Според Златановска – Попова, оваа професија допрва ќе станува многу актуелна. Се’ повеќе владини институции на европско ниво, заедно со донесувањето на Актот за вештачка интелигенција, се ангажираат да работат како надгледувачи на етичноста на ВИ.
Практично, етичарот за вештачка интелигенција има улога да се грижи за етичноста во користењето на вештачката интелигенција. Неговата задача е да ги проверува информациите кои ВИ ги создава, начинот на кој ги создава и дали тоа е воопшто етично.
Интересно за оваа професија, како што вели соговорничката, е тоа што не е поврзана со кодирање, односно не бара човекот што ќе ја работи да има ИТ позадина. Таа отвора можности да се вклучат: психолози, филозофи, социолози, луѓе кои се од правните насоки итн.
Прочитајте и: Кои се најбараните занимања во Македонија за 2025
2. Верификатор на длабоки фалсификати (deepfake)
Со оглед на тоа дека потребата од оваа професија станува се’ поголема, таа станува и се’ поактуелна. Личноста којашто ќе се бави со оваа професија, вели Златановска – Попова, ќе треба да ги проверува фактите и да ги поставува условите
Како и за претходната, така и за оваа професија, ги развивме сите чекори како може човек да се обучи или што треба да изучува и кои се кариерните чекори кои треба да ги направи за да може да стане дел од оваа професија.
3. Инженер за терраформирање
За професијата, нашата соговорничка смета дека е една од најчудните и најневообичаените професии кај нас.
„Првпат слушнав за неа кога започнав да работам на проектот. Задачата на овој инженер е да работи на прилагодување на условите на Марс, но и на другите планети во вселената за идно населување на луѓето на нив“, рече Златановска – Попова.
Оваа професија е една од најинтердициплинарните, бидејќи не е строго поврзана само со индустријата која се занимава со истражување на вселената, туку внатре во оваа професија можат да бидат вклучени биолози, климатолози (луѓе кои се занимаваат со климатските промени), архитекти, био-технолози, роботичари итн.
„Во моментот НАСА заедно со Европската вселенска агенција вработуваат вакви професионалци кои, како што споменав, доаѓаат од различни полиња. Во однос на кариерната патека, интересно е тоа што многу малку универзитети во светот нудат студии поврзани со терраформирање. НАСА и Европската вселенска агенција се отворени за експерти од полињата кои веќе ги споменавме.“
4. Инженер за роботика
Во суштина, личноста којашто ќе ја работи оваа професија ќе биде „папочната врвка“ помеѓу луѓето и машините. Задачата на овој инженер е и фокусот на Индустријата 5.0 – како да се направи врска помеѓу машините и луѓето.
Златановска – Попова е децидна дека мора да се помириме со фактот дека во Индустријата 5.0, луѓето и машините ќе работат едни до други.
„Колку и да звучи чудно, тоа е реалноста“, вели таа и додава: „Инженерот за роботика нема да биде само создавач на нови роботи, туку ќе биде оној кој ќе ги прави роботите да бидат поблиски до луѓето, и обратно – луѓето да можат полесно да се прилагодат на тоа да ги гледаат роботите како алатки кои се тука за да им бидат поддршка во секојдневните и комплексните работи.“
5. Главен куратор на податоци
Дигитализацијата наметна една клучна дилема- како и каде ќе се менаџираат податоците? Кои ќе се грижи тие да бидат безбедни? На чиј дофат се? За да се реши оваа дилема, потребно е да има куратор на податоци.
„Оваа професија е многу невообичаена, интересна и една од оние кои допрва ќе добиваат своја вредност. Нејзина цел ќе биде да ги штити дигиталните ресурси.“
Мојата соговорничка додаде дека она што засега се’ уште не е видливо или не ни е опипливо, веќе започнува да се креира.
Прочитајте и: Флексибилно работно време: Што значи и зошто е важно?
Ќе има и вебинари
Проектот вклучува и серија на настани – два вебинари на македонски јазик (14 и 28 ноември) и Меѓународна телеконференција (на англиски јазик) на 21 ноември со експерти од Македонија и Полска, посветени на професиите на иднината во ерата на индустријата 5.0.
Инаку, проектот е реализиран како соработка помеѓу компанијата ФУТУРАМА 4П од Македонија и невладината организација Knwoledge Up од Полска, а е финансиран од Европската унија.
Фото: Приватна архива/Canva

