ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Падот на приходот на компаниите ќе одлучи за тоа колку државна помош ќе земат

   Време за читање 2 минути

Поддршката за исплата на плати, една од мерките во четвртиот пакет мерки, ќе се врши скалесто, во зависност од тоа колку компаниите ги чувствуваат последиците од корона кризата. Односно, оние кои имаат поголем пад на приходите ќе добијат поголема поддршка, рече денес вицепремиерот Фатмир Битиќи, на заедничката прес конференција со министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на која зборуваа за мерките кои во неделата беа донесени на седница на владата.

Така, компаниите кои ќе прикажат пад на приходите од 30 до 40 отсто ќе добијат 14.500 денари поддршка за исплата на плати, оние со намален приход од 40 до 50 отсто ќе добијат поддршка од 15.950 денари по вработен, за 50 до 60 отсто поддршката ќе изнесува 17.410 денари, за 60 до 70 проценти ќе добијат 18.865 денари, а најмногу ќе добијат компаниите кои имале намален приход од 70 до 80 отсто – 20.320 денари, како и оние со пад од над 80 проценти за кои поддршката по вработен во наредните три месеци ќе изнесува 21.776 денари, појасни Битиќи.

Периодот кој ќе се земе во предвид за пад на приходите е од април до август, споредено со истиот период од минатата година.

Осврнувајќи се на досегашната поддршка за компаниите по истата основа, Битиќи рече дека биле поддржани преку 20.000 компании и околу 120.000 вработени.

„За оваа мерка сметавме дека е важно, покрај солидарноста да бидеме свесни и за правичноста, па затоа има и мали измени во методологијата за добивање на помош за исплата на плати“, рече Битиќи, објаснувајќи дека новината се состои во скалестата помош што ќе ја добиваат фирмите.

Одговарајќи на новинарско прашање зошто поддршката не се дава директно на вработените, Битиќи рече дека одговорност за исплата на платите е на компаниите и дека поинаку би се нарушил пазарниот принцип.

Битиќи рече дека досега преземените мерки дале резултати, за што потврда се и најновите податоци на Заводот за статистика за индустриското производство, според кои во август годинава покажува сериозни знаци за закрепнување, по првичниот удар.

Тој очекува позитивниот тренд да продолжи и во наредните месеци.