МакедонијаПравда

Ако ситуацијата се влоши, градинките пак ќе се затворат

56views

Градинките може повторно да се затворат ако состојбата со коронавирусот се влоши. Комисијата за заштита од заразни болести не ја исклучува можноста за ваква одлука, вели д-р Виктор Исјановски, кој што е член на Комисијата.

„Да, можно е повторно затворање на градинките, можно e и да се преземат одредени мерки и да се дадат насоки од Комисијата кон Владата“, вели Исјановски.

И од ресорното Министерство за труд и социјала велат дека на дневно ниво се следи состојбата со вработените и децата во градинките и врз основа на тоа ќе се носат одлуки во иднина.

Дел од родителите пак стравуваат дека бројот на заразени во градинките ќе се зголемува, бидејќи следната недела се враќаат и децата на родителите кои што користеа продолжено породилно отсуство, откако Владата ја укина оваа мерка.

Министерката Шахпаска тврди дека протоколите дозволуваат во една група да се сместат и до 12 дечиња на возраст до 2 години. Истовремено убедува дека има и слободни места за згрижување. Ако некаде пак се јави недостаток, тогаш вели дека општините треба да најдат алтернативни решенија како да обезбедат престој во градинка.

„Дали децата ќе бидат сместени во училници, дали ќе бидат сместени во Дом на култура или други места јасно е прецизирано во Правилник. Ова е препорака од страна на Владата како треба општините во рамки на својата општина да обезбедат места за дечињата“ – рече Шахпаска.

Родителите на поголемите дечиња пак се во исчекување дали ќе стартува целодневниот престој во училиштата. Од Комисијата за заштита од заразни болести велат дека утре ќе дискутираат за ова прашање, по што ќе ја информираат јавноста дали и кога ќе се почне со целодневна настава.

Опозицијата пак критикува. Од ВМРО-ДПМНЕ денеска ја обвинија Владата дека си поигрува со родителите и дека се носат несоодветни протоколи на градинките со кои што се загрозува здравјето на најмладата популација, но во партиското соопштение освен обвинувања кон власта, нема предлог решенија од страна на опозицијата.