- Advertisement -
ИнтервјуаНовостиПравдаСветот на работникот

Ампева: Апелиравме дека дел од работодавачите нема да можат да одолеат, а да не ја злоупотребат државната помош

Ампева: Во Југоистичниот регион ситуацијата - Работник
2.05Kviews

Ексклузивно интервју на порталот Работник со претседателката на Здружението на текстилни работници „Гласен Текстилец“ Кристина Ампева, во кое таа зборува за тоа што се случува со исплаќањето на К-15, неисплаќањето на платите, како и на други теми.

Целосното интервју следува во продложение:

Advertisement

Работник: Колку пријави има досега за неисплатен К-15 и од кои гранки на приватниот сектор се работниците коишто пријавиле?

Ампева: Од 02.01 до сега има пријави за компании на ниво на цела држава во врска со исплата на регрес за годишен одмор (К15). Опфатени се околу 80 компании кои воопшто не исплатиле или исплатиле помал износ од утврдениот. Во истите тие фирми има над 2000 вработени.

Advertisement

Во дата базата на здружението 24 фирми воопшто немаат исплатено регрес за годишен одмор , 9 фирми не исплатиле на поединци вработени, а 1 фирма нема исплатено на 50 вработени иако истите се стекнале со правото на исплата на К15. Бројот на оние кои не добиле ни денар К15 е 1307 вработени.  

Истите се однесуваат најмногу за текстилната и чевларската индустрија, градежништво, трговија… Во истите тие претставки кои ги поднесовме како здружение, од Државниот трудов инспекторат бараме да се исплати К15 таму каде што не е исплатено, а во фирми каде имало помала исплата на К15, да се провери спогодбата меѓу претставник на работниците и работодавачот, како и начинот на кој е избран тој претставник. Но повторно да споменам, дека ваквите злоупотреби и исплати по 100, 1000, 2000 денари ќе се случуваат се додека Сојузот на синдикати на Македонија го остава на слободно толкување и манипулација тој дел од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството кој вели дека работодавачот може да исплати помал износ на К15 доколку фирмата имала потешкотии во работењето, а притоа не давајќи точен износ. Па, важно е да се знае дека институциите не се виновни за помалите износи за исплата, туку единствено оние кои го дозволиле ова.

Работник: Постојано како Гласен Текстилец реагирате за тоа дека на некои работници им се исплаќаат мали суми на плати. Како според Вас би требало да се надмине овој горлив проблем на работниците?

Ампева: Реагираме на помала исплата на минимална плата за редовно работење уште пред 4 години, бидејќи оттогаш имаме јасно дефиниран Закон за минимална плата и прецизно утврден минимален износ кој важи за сите. Но посебно сега реагираме, бидејќи државата даде финансиска помош за исплата на минимална плата и таа помош треба да стаса до вработените. Апелиравме и предупредувавме за таа помош да се исплаќа на сметката на вработените бидејќи знаевме дека дел од работодавачите нема да можат да одолеат, а да не злоупотребат државни пари, а со тоа ги злоупотребат и правата на своите вработени. Имавме од март минатата година десетици пријави до Државен трудов инспектораат за исплата под минимална плата. Исто, испративме наши сознанија и до Управата за јавни приходи за фирми каде е земана државна помош, има решение од инспекторатот дека се најдени неправилности, но работодавачот се жалел до второстепена комисија која ја уважила таквата жалба поради технички причини во решението на инспекторот, а не се земало во предвид дека работодавачот де факто злоупотребил државни пари и им ускратил права на вработените. Во дел од тие пријави е постапено, во дел имам сознанија дека вработени од Управата за јавни приходи влегле во фирмите да го проверат работењето. Се надевам ќе има во скоро време разврска и се даде до знаење дека ете, ние имаме како држава добри закони, имаме институции, имало јасно утврдени насоки за користење на помошта и дека е предвидено доколку ова се случи, да биде најстрого санкционирано.

Започнавме комуникација со УЈП и се надевам дека ќе има скоро епилог, особено пред петиот сет на мерки да биде донесен и спроведен. Исто многу случаи се доставени до Јавното обвинителство, а од таму сеуште и по неколку месеци нема одговор. Случаите се чисти, фактичка состојба е таа, видлива по изводи од банки и прилив на средства од државниот буџет. Значи не е квантна физика, јасно е и истото е видливо и од обичен лаик, а не пак од обвинители. До сега требаше да има разврска и истото прашање и јавно го поставуваме. Дали треба да има нови злоупотреби или да се реагира навремено преку системот кој треба да превенира и санкционира вакви скандали со злоупотреба на народните пари?

Работник: Пред еден месец, работничка од Куманово доби пресуда во нејзина полза. Сметате ли дека оваа пресуда ќе ги охрабри и другите работници чиишто права се прекршени да тргнат по стапките на работничката?

Ампева: Во врска пресудата на работничката од Куманово, сметам дека треба да значи охрабрување на другите жени кои според нашите искуства и информации од терен, не се во мал број, напротив. Но конкретно со овој случај олеснителна околност е што таа цело време се консултираше и беше решена дека ќе ги искористи мерките за ослободување од работа бидејќи се плашеше за своето здравје и здравјето на своето, тогаш неродено бебе. Таа ги користеше правните механизми и ја почитуваше секоја постапка за известување до работодавачот. Затоа и се докажа дека е грубо кршење на нејзините права од работен однос и класична дискриминација на дело. Но она што е важно е да се напомене дека нас ни е потребна вистинска заштита на бремените жени. А тоа моментално го немаат доколку се на договор на определено работно време.

Македонското законодавство, или поточно Законот за работни односи вели дека бремените жени се заштитени а од друга страна се смета дека не е дискриминација или прекршување на права ако не ви се продолжи договорот за вработување иако во таа фирма сте над 2 или 3 години. Се надевам дека сега со новиот Закон за заштита и спречување од дискриминација, новиот Закон за работни односи, но и избраната нова Комисија за заштита од дискриминација, ќе донесе до поголеми резултати во делот на заштита на бремените жени на работно место. Драго ми е дека луѓе кои ги знам, со кои соработувам и ги почитувам, се дел од новата Комисија и верувам дека истите ќе дадат се од себе да имаме вистинска пракса, вистинска заштита и позитивни исходи во постапки кога луѓето се соочуваат со дискриминација. Особено мене ми е важно за дискриминацијата на жените на работно место која и те како е застапена.

Работник: Дали според Вас и работниците носат вина за прекршувањето на нивните права? Како да се крене нивната свест за да можат да се изборат за нив?

Ампева: Па не мислам дека работниците имаат вина. Сметам дека ситуацијата е таква каква што е поради дамнешната приватизација и стравот за егзистенција. Воедно, ние во 2016 го кренавме гласот и започнавме со јавно укажување на проблемите на вработените, прво за текстилната индустрија. Кој пред тоа збореше за тоа? Како да се чекаше едно здружение од работнички од текстил да почнат да зборат, па да се јават и оние кои не требало да дозволат да дојде до оваа ситуација. Еве сега ќе чуете и видите дека одеднаш темава почнаа да ја отвараат сите, па кампањи се прават, па се напаѓа здружението од разни субјекти кои збор не кажале додека ние сме работе по 60 часа неделно за плата од 7000 денари под мобинг и ужасни услови. Ми смета лицемерието на одредени субјекти, се знаат добро кои се.

Да заклучиме, немаат работниците вина, немаат ни работодавачите, тие гледаат како да дојдат до поголем профит. Криви се оние кои требало да застанат на патот на беззаконието, неспроведувањето на закони, непостапување на институции, недокажани и лоши законски регулативи. А биле тука цело време неми и глуви пред лошите политики и прекршување на правата на вработените од приватниот сектор. Поради тоа децениско немо гледање, ние имаме исплашени работници, институции кои не постапувале, алчни работодавачи и грубо кршење на права и закони од страна на добар дел на работодавачи. Вработените се охрабруваат и тоа беше особено видливо пред оваа ситуација со корона вирусот, но и сега. Свеста на вработените не би била на ова дереџе доколку некој во минатото си ја работел работата и ги застапувал работниците. Но тука сме, имаме соработници, ќе дадеме се од себе како и до сега, да ги менуваме работите во позитивен смер, во корист на работниците и работничките. Особено сега кога е започната соработка меѓу граѓанските организации како Гласен Текстилец со институциите. Треба само неколку примери за да се види јавно моќта на законот и санкционирање за оние кои не го почитувале, за да се изродат нови синдикати, доверба во нашите институции. Сметам дека постојано работиме на подигање на свеста на вработените во врска нивните права, но едноставно штетата е преголема, децениска. Сепак зголемениот број на пријави од година во година, тоа што сами се упатуваат во институции, тоа што бараат и праќаат барања до работодавач, се гласни и на социјалните мрежи, мене ми е доволен поттик и мотив дека ете, сме смениле многу работи. Но многу допрва ќе бидат сменети.

Работник: Постојано апелиравте и на тоа да работниците не потпишуваат никакви листови кои им се даваат од страна на работодавачите. На што се должи Вашата постојана реакција? 

Ампева: Потпишувањето бланко листови или секакви изјави, решенија, спогодби, договори, е една од тие појави кои ги препишувам на стравот за егзистенција и страв од откази. И тоа се случува децениски. Но сега особено е изразен, односно, од март минатата година кога започна и оваа криза поради корона вирусот. Во текот на изминатите 10 дена се случија спогодбени раскини на договори за вработување во фирма во јужниот дел од државата која е со грчки капитал. Добивме сознанија дека сите вработени во фирма во Гевгелија потпишале изјави за неплатено оправдано отсуство. Во кочанско , исто – спогодби,  но таму вработените не потпишале ништо, туку дознале од Агенцијата за вработување дека не им следува никаков надомест. Таму каде своерачно ќе потпишат со цело име и презиме, датум и скратен потпис за спогодбен отказ, тешко ќе е и на судот да одлучи во нивна корист бидејќи спогодбениот отказ ги содржи сите елементи и свесно е потпишан. Ние знаеме дека тоа е бидејќи се приморани, но институциите и законот не го гледаат тоа низ нашата призма. Меѓутоа, доколку тие велат не се потпишавме, а се одјавени со спогодбен раскин на договор, можеме да ја вмешаме полицијата и јавното обвинителство да постапува. А фалсификување на потписи е кривично дело. Веќе во постапка ни е еден таков случај. И да прецизирам. Доколку се на договор на неопределно работно време, работодавачот може да ги отпушти, но причината треба да е поради деловни причини. Така им следува опремнина согласно стажот кај работодавачот, па подоцна да се пријават во Агенција за вработување и доколку не можат да најдат работа, да го искористат надоместокот во случај на привремена невработеност и имаат здравствено осигурување во времетраење на надоместокот. Немаат потреба од страв и да се осеќаат приморани да потпишат нешто што е на нивна штета и останат без работа, без опремнина, без надомест и без здравствено осигурување во време на здравствена криза. Тоа е исходот од спогодбен отказ. Може да спречиме и да помогнеме само доколку ни јават на време или не потпишуваат нешто што ќе биде штетно по нив. Сметам дека сиот овој период благодарение на вас новинарите и новинарките бевме застапени во медиумите и алармиравме, објаснувавме и дававме информации како да се заштитат од несовесни работодавачи. Значи  – НЕ за бланко потписи, НЕ за спогодбени откази.

Бобан Илијевски

Advertisement