Анализа: „Влијанието на Ковид-19 врз земјоделието, вклучувајќи и родова анализа“

Денес Нациналната федерација на фармери (НФФ) и Центарот за истражување и креирање на политики (ЦИКП) организираa виртуелна средба на која беше претставена анализата под наслов „Влијанието на Ковид-19 врз земјоделието, вклучувајќи и родова анализа“, изработена од  ЦИКП со НФФ. Во периодот мај – јуни 2020 година, беше спроведено електронско истражување во кое беа обработени одговорите на 70 фармерки и фармери од земјата. Анализата има за цел да го утврди влијанието на ковид-19 кризата врз земјоделскиот сектор и нуди конкретни препораки кои ќе бидат искористени за развој на јавни политики согласно потребите на засегнатите страни во земјоделствто и руралниот развој.

Анализата потврди дека пандемијата од ковид-19 има значително влијание врз обемот на работа на фармерите од земјата. Имено, повеќе од 61% од фармерите велат дека состојбата предизвикана од пандемијата се одразила врз обемот на нивната работа. За најголем дел од македонските фармери (52.9%) влошувањето на општите состојби со појава на пандемијата негативно се одрази врз нивната работа, особено преку откажување на пласманот и договорениот откуп за земјоделските и сточарските производи, а во значаен дел и поради страв од намалено конзумирање свежи земјоделски и сточарски производи (заради праксата на локдаун на почетокот од кризата и несигурноста на кој начин вирусот се пренесува – каплично, , преку воздух и/или нетермички обработената храна). За 30% од фармерите значаен проблем е тоа што со кризата се зголемиле и цените на репро-материјалите, но и поради отежнетиот пристапот до нив  како поселдица на затворените граници за спречување од ширење на вирусот. За 10% од фармерите појавата на вирусот резултирала со намален обем на работа, пред сè како последица од појавата на нови обврски во рамки на домот (грижа за деца и стари лица, дезинфекција и чистење со средства за превенција од ширење на вирусот и слично). Речиси 46% од фармерите сметаат дека кризата предизвикана од ковид-19 многу влијаела врз нивната заработувачка.  

Вреди да се напомне дека состојбата предизвикана од пандемија на вирусот придонесе кон зголемување на обврските кои ги имаат земјоделките во домаќинството, а сето тоа негативно се одрази врз нивната посветеност кон работата. Имено, повеќе од 21% од жените велат дека го намалиле обемот на работа заради потреба од дополнителна грижа во домот. Ова најмногу ги засега жените заради родовите улоги кои сè уште опстојуваат, а се особено изразени кај руралното население Тоа значи дека со воведување на рестриктивните мерки и затворање на училиштата, обврските во домот и грижата за децата кои не одат на училиште се претежно на товар на жената која воедно е и земјоделка. Дополнително, овде спаѓаат и обврските за грижа за стари лица, зголемена посветеност за одржување хигиена и дезинфекција во домот за заштита од инфицирање со новиот вирус и слично. За разлика од нив, само 5.8% од мажите велат дека во периодот по појава на вирусот имале намален обем на работа заради потреба од дополнителна грижа во домот.  

Автори на анализата „Влијанието на Ковид-19 врз земјоделието, вклучувајќи и родова анализа“ се Марија Ристеска и  Кристијан Трајковски. 

На самиот почеток на конференцијата се обрати Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери која истакна: „Корона кризата во земјоделството ја истакна важноста и потребата од стабилен систем на храна што функционира во секакви околности и што е во состојба да обезбеди до потрошувачите доволно и континуирано снабдување со квалитетна храна по достапни цени. Пандемијата исто така ја истакна улогата на земјоделските производители во ланецот на снабдување со храна. Малите земјоделски производители се најранливата категорија, бидејќи тие истовремено мора да се справат со шокот предизвикан од корона кризата, како од здравствен и  социјален, така и од економски аспект. Глобалната криза всушност ги продлабочи проблемите со кои и онака се соочуваат земјоделците, особено оние кои се на работ на одржливост. Ковид кризата само го зголеми обемот на работа на жените во руралните средини, а нивниот труд и понатаму не е вреднуван“. 

Марија Ристевска, извршна директорка на Центарот за истражување и креирање на политики  потенцира дека „…кризата предизвикана од ковид- 19 претставуваше можност државите да ги помогнат домашните производители во услови кога ланците на набавка се скратуваа. Македонија сакаме да ја нарекуваме земјоделска земја, но анализата на мерките за справување со вирусот покажа дека земјоделците не беа и не се на агендата на Владата, а кризата не се искористи да се зајакне нивната улога. На пример, целосно отсуствуваа мерки за индивидуални земјоделци кои ги има во најголем број во земјата. Жените земјоделки заради историската дискриминација имаат помалку сопственост на свое име и помалку шанси да пристапат до финансии, но и помалку заштеди со што се поранливи да ја преживеат кризата. Дополнително,ниту една од мерките на владата директно и специфично не се однесува на нив. Ова мора да се исправи”. 

На виртуелната средбата се обратија и Ѓултен Мустафова од Секотор за еднакви можности при Министерството за труд и социјална политика и Синани Абдилгафар од Секторот за земјоделство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. 

На настанот присуствуваа претставници од институции, амбасади, организации и земјоделци од сите региони на Република Северна Македонија.