АСОМ: 54.000 индиректно и директно вработени ќе останат без приход ако се донесе неевропскиот закон за игри на среќа
Предлог Законот за игри на среќа не е ништо друго освен директна интервенција на државата со која повеќе од 10.000 директно вработени и 54.000 индиректни работници ќе останат без приход и работа- порача претседателот на АСОМ Васко Илијевски денес пред Собранието на РСМ.
Таму Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија- АСОМ и Асоцијација на приредувачи на игри на среќа во автомат клубови и казина – АПИС во придружба на дел своите вработени испратија апел до пратениците од Комисијата за европски прашања да го отфрлат предлог Законот за игри на среќа кој ќе значи крај за легалната индустрија на игри на среќа.
„Секој еден од овие луѓе кои ни се придружија денес директно ќе бидат погодени со губење на работното место ако се донесе овој неевропски, неуставен и монополски закон. Луѓето плаќаат кредити, голем дел од нив се родители кои ја планираат иднината на своите деца, сите тие се луѓе кои ќе бидат оставени без приходи во време на инфлација и економска криза. “-истакна Васко Илијевски претседател на АСОМ.
Двете асоцијации апелираа до пратениците и Владата да ги сфатат многу сериозно и потенцираа дека апсолутно се неприфатливи предлог измените кои предвидуваат дислокација на објектите, забрана за приредување игри на среќа на Интернет за лиценцираните приредувачи, како и зголемување на давачките и надоместоците.
„Покрај тоа што законот е направен со цел уништување на легалната индустрија, тој е подготвен исклучително непрофесионално, со низа небулози спротивни на пазарната логика. Тоа е така затоа што со години Владата и сите институции воопшто не се консултираат со нас како легитимни претставници на 95% од лиценцираните компании во државата. Далеку од очите на јавноста, далеку од експертите и познавачите, Владата си скроила апсурден закон кој не смее и нема да помине. “- потенцираше Илијевски.
Од АСОМ посочија дека додека под маса со европско знаменце и без дебата се носи овој катастрофален закон, Владата паралелно распишува незаконски огласи за 3 нови приредувачи на игри на среќа на интернет со улови срочени за странски компании, посочувајќи дека тоа е нечесно, подмолно и лицемерно.
„Додека од една страна се носи закон за затварање на индустријата и уништување на домашните лиценцирани компании, Владата се ќе се ортачи со странски компании кои ќе имаат по еден или два вработени тука и на големо ќе ги промовира игрите на среќа на интернет. Има ли поголемо лицемерие од ова? Освен бизнис логика, друга логика во овој потег не може да се види. И токму затоа јасно кажуваме – ова нема да помине.“- истакнаа од АСОМ.
АСОМ и АПИС порачаа дека денешниот собир е симболичен приказ за нивниот став во однос на предлог Законот за игри на среќа, истакнувајќи дека доколку нивните апели не се слушнат подготвени се на масовни протести и сериозна борба со цел да го спречат донесувањето на овој деструктивен закон.