- Advertisement -
ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Битиќи: Креираме политики кои ќе овозможат предвидливо бизнис опкружување и привлекување на капитално интензивни инвестиции кои ќе се се дел од домашниот и глобалниот вредносен ланец

Новите инвеститори ќе понудат - Работник
158views

Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денес учествуваше на панел дискусија која беше дел од настанот на кој беше презентирана публикацијата „Потенцијалот на извозно-ориентираните компании да придонесат за економското закрепнување по Ковид-19 во Северна Македонија”, како дел од проект кој го спроведе тинк-тенк организацијата „Фајнанс тинк”, со финансиска поддршка од Владата на Велика Британија и британската амбасада во нашата земја. 

Пред почетокот на настанот во изјава за медиумите вицепремиерот Битиќи укажа дека Владата активно ја следи состојбата и преку реализација на соодветни економски мерки, со кои се зачувани работните места, се одржа ликвидноста на компаниите, а се стимулираше и понатамошен развој на бизнис субјектите, со што се успеа да се ублажат негативните ефекти, пришто падот на трговската размена стигна до -10%, а бруто домашниот производ во рамките на проекциите, од -4,5%.

„Извозно ориентираните компании се оние кои ќе имаат голема улога во економското закрепнување.Токму затоа преку четвртиот и петтиот пакет на мерки веќе не зборуваме само за помош, туку и поттикнување на нови инвестициии активности на овие производствени компании. Тука би ги истакнал Фондот за поддршка на извозни компании, бескаматните кредити од Развојна банка, но и Законот за државна гаранција за кредитирање, кој ќе донесе дополнителна ликвидност за компаниите, а државата ќе гарантира за влогот.  Преку отворен пристап и дискусија со сите релентни чинители сторивме се во рамките на можностите да ги ублажиме последиците и успеавме во тоа”, нагласи Битиќи во изјава за медиумите.

Зборувајќи на панел дискусијата Вицепремиерот нагласи дека улогата на владите, како во нашата земја, така и во другите земји во светот, е да креира макроекономски политики за поддршка на стопанството и на граѓаните, за да се овозможи одржлив и побрз економски развој.

„Постојат два начина во креирањето на политиките. Едниот е Владата да креира политики со коишто државата ќе ги носи на грб стопанствениците, што значи дека политиката ќе го трасира патот во економијата и државата ќе ги носи компаниите по него, додека вториот пристап е да се изгради патот, а бизнисот сам да го најде начинот да го помине тој пат. Верувам дека вториот пристап е вистинскиот и додека сум на оваа позиција, верувам дека заедно со сите чинители ќе го трасираме патот по кој потоа стопанството полесно ќе се движи”, започна во своето излагање Битиќи.

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања додаде дека отворениот пристап за соработка, со вклучување на сите релевантни чинители во креирањето на економските политики, се покажа како успешен модел во креирањето на краткорочните политики, особено значајни за справувањето со економската криза, а истотот важи и за создавање на долгорочни политики за развојот на економијата.

„Државата, а тоа сме сите ние, не е само Владата и ние во изминатиот период покажавме дека кога има дискусија помеѓу сите чинители во општеството, мерките и политиките даваат соодветен резултат”, додаде Битиќи.

Вицепремиерот заклучи дека наодите од публикацијата во голема мера се совпаѓаат со резултатите од анализите направени од страна на Владата и министерствата и дека веќе се започнати повеќе процеси со кои се прават напори за надминување на одредени предизвици, со кои се соочуваат извозно-ориентираните компании.

„Требаше да се случи ковид кризата за да ние сите почнеме да размислуваме и гласно да дебатираме по едно многу важно прашање: Дали сакаме да креираме економија која се заснива на трудоинтензивни дејности или економија којашто се заснива на високи технологии, дигитализација и повисока продуктивност? Студијата јасно покажува која е разликата помеѓу извозно ориентираните компании и оние компании кои не се насочени кон извозот, а кои се однесуваат токму на технолошкиот развој, продуктивноста и работната сила. Клучно е што извозните ориентираните компании се дел од глобалните синџири на вредности, додека домашните компании многу тешко може да станат дел од овие глобални ланци на снабдување. Токму затоа зборуваме за вклучување на се повеќе компании во глобалните синџири на вредности, но мора да се почне од домашниот пазар, па преку регионалните пазари и потоа на глобалниот вредносен ланец”, рече Битиќи.

Вицепремиерот потсети дека на последниот Самит за Западен Балкан, кој се одвива во рамките на „Берлинскиот процес”, во дискусиите кои се однесуваат за економска соработка на земјите од регионот, но и со Европската Унија, ја отворил дилемата дали земјите од регионот треба да продолжат да создаваат меѓусебна конкуренција или да се создадат процеси со кои ќе се подигне конкурентноста на целиот регион.

„Треба да работиме заедно на подигнување на регионалната конкурентност, наместо дополнително да создаваме меѓусебна конкуренција. Само така ќе им дадеме можност на нашите компании, да станат дел од вредносните ланци, на локално, регионално или глобално ниво”, додаде вицепремиерот.

Битиќи покажа дека ковид кризата покажа дека да се биде дел од вредносните ланци, може да биде и предизвик и предност, од една страна покажа колку извозно ориентираните компании се ранливи при вакви кризи, но исто така, покажа и дека овие компании имаат многу помал период на опоравување.

„Извозно ориентираните компании беа силно погодени од кризата, но најбрзо се опоравуваат, затоа што многу брзо може да се прилагодат и да ги субституираат пазарите кои се физички далеку. Во овој момент имаме четири иницијативи од странски компании, за нови инвестиции од странски компании, кои со своето производство ќе субституираат друго производство кое претходно било извршувано во Кина или други далечни земји. Ние како мала земја имаме голем потенцијал, но само ако креираме предвидливи политики, предвидливо деловно опкружување и заедно да работиме на овозможување на услови за развој на компаниите, а со тоа и на економијата генерално”, заврши во своето излагање вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, а за време на дискусијата со присутните укажа на тоа дека државата прави сериозни чекори за да овозможи уште подобри услови за извозно ориентираните компании, при што посочи дека веќе се донесени автономни мерки за намалување на царини на околу 100 царински стапки, а веќе во процедура е и целосно усогласување на Царинскиот тарифник со ЕУ.

 

На панелот заедно со вицепремиерот  дебатираа и претседателот на Асоцијацијата на компании со технолошки напредно производство и директор на компанијата „Костал”, Виктор Мизо, како и генералниот директор на домашна извозно ориентираната компанија „Раде Кончар ТЕП”, Горан Антевски, а настанот го отвори амбасадорката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Република Ирска, Н.Е. Рејчел Галовеј.