Бојчевски во СТУДИО 10: Здравството е пред колапс и бараме линеарно зголемување на платите од 30 отсто
Да не сум вработен во здравството последниве 30 години би помилил дека здравствените работници земаат 1000 евра плата. Но, не е така, ние сме на работ на преживување. Нашиот синдикат постои само шест месеци и догодина ние ќе бидеме репрезентативен синдикат. Медицинска сестра зема 25, 26 или 27 илјади денари додека потрошувачката кошничка е 56.000 денари. Па како да преживеат тие луѓе?, вели Боби Бојчевски од Независниот синдикат на здравство во СТУДИО 10 на ТВ 24.
– Ние бараме универзален колективен договор. Не може специјалист во Струмица со ноќни дежурства да зема 75.000 денари плата а во Скопје да зема дупло. Истиот проблем е со медицинските сестри и техничкиот персонал. Во здравството ќе дојде до колапс. Еден судија зема почена плата 130.000 денари, а доктор 45.000 денари, вели Бојчевски.
Бојчевски вели дека репрезентативниот синдикат 30 години не направил ништо за здравствените работници.
– Ние сакаме нов колективен договор кој е подготвен и ќе го доставиме. Со него бараме унифицирана плата во цела Македонија. Бараме линеарно покачување на платите во здравството за 30 отсто на коефициентот на медицинските сестри и техничката служба, како и на докторите, вели Бојчевски.