ВАКЦИНАЦИЈА ИЛИ КАПИТУЛАЦИЈА
Колумна на: Бобан Илијевски, Главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk
Што според мене значат новите мерки на Владата за заштита од Ковид – 19? – Пред се сметам дека значат отпуштање на вработени од дејностите, како угостителството и игрите на среќа, поради намалениот промет кој ќе го имаат сопствениците чиишто бизниси спаѓаат токму во овие дејности.
Овие мерки значат и капитулација на угостителскиот сектор и секторот на игри на среќа, од една страна, додека од друга страна, им наметнуваат на граѓаните да се вакцинираат. Испаѓа дека вакцинацијата „не е задолжителна“, но дека сепак на крајот ќе биде потребно да се вакцинираме. Тука би сакал да потсетам дека јас немам ништо против вакцините и мислам дека треба да се имунизираме, но исто така мое мислење е дека секој треба да има свој сопствен избор за тоа дали ќе се вакцинира или не. Со ваквите мерки се крши ова право на избор. Сега, сигурно ќе си помислите: „нека не одат по угостителски објекти, обложувалници или казина оние кои не сакаат да се вакцинираат“. Во ред, но тоа не ми е поентата, туку поентата ми е дека граѓаните се условуваат за нешто, за што самите треба да одлучат дали сакаат да го направат или не. Можеби малку филозофски делува, но тоа е реалноста.
Да се вратам на мерките. Добро е Владата да се обиде да ги мотивира граѓаните да се вакцинираат, но мерките коишто се на сила не делуваат мотивирачки, туку мислам дека го имаат токму спротивниот ефект.
Имате и огорчени сопственици на бизниси од дејности коишто се засегнати од овие мерки. Истите тие беа едни од најпогодените во ек на пандемија и едвај успеаја да ја „одржат главата над вода“. Мислам дека е крајно несериозно да се воведуваат вакви мерки, кога овие сектори не се ниту закрепнати од кризата предизвикана од пандемијата со Ковид – 19. Тука се и вработените во овие сектори. Што ќе биде со нив? Не само што ќе има отпуштени работници, туку голем дел и од нив нема ни да сакаат да се вратат да работат во овие сектори, па ќе сменат професија или ќе заминат надвор, а потоа овие сектори ќе имаат уште поголем проблем со недостаток на кадар.
Вчера прес – конференција по повод мерките одржаа од Туристичкото – угостителската комора при Сојузот на стопански комори, на која свое обраќање имаше потпретседателот на истата Мартин Ангеловски. Она што тој го предложи мислам дека е навистина добра идеја и дека треба да се примени, за да им се помогне на угостителите, а тоа е следново:
„Сметаме дека тука треба да се создаде можност за влез во овие објекти и за лицата кои прележале ковид-19 во изминатите 6 месеци или кои ќе приложат резултат од негативен PCR тест или антиген тест. На тој начин повторно се внимава на заштита на здравјето, но се создава дополнителна можност за да не бидат изолирани лицата кои не се вакцинирани, а сепак имаат стекнат имунитет или со тест докажуваат дека не се носители на вирусот. Одлуката предвидува од 1 септември за влез во државата да се приложи сертификат/потврда за вакцинација или потврда за прележан вирус во последните 45 денови. Сметаме дека и тука барањето за потврдата за прележан вирус во последните 45 дена, треба да биде заменета со потврда за прележан вирус во последните шест месеци, како што е во поголем број од државите и што е согласно препораките на стручната јавноста“, истакна Ангеловски.
Потребно е во предвид да се земат барањата на сите коишто се засегнати од овие мерки, бидејќи удираат токму по нивните џебови, како и по џебовите на нивните вработени.
Од Асоцијацијата на спортски обложувалници пак побараа да им се овозможи онлајн обложување, како што беше во текот на пандемијата, што лично сметам дека треба да се примени, бидејќи и тие вработуваат голем број на луѓе коишто би можеле да ги изгубат своите работни места.

