Правда

(Видео)Инспекциските служби се секојдневно на терен и со засилени контроли постапуваат по однос на мерките

Инспекциски совет - Работник
196views

Магдалена Филиповска-Грашкоска, претседателката на Инспекцискиот совет на Република Северна Македонија, тело кое го координира целокупниот инспекциски надзор на денешната  прес-конференција во Владата на Република Северна Македонија информираше дека инспекциските служби се секојдневно на терен и со засилени контроли постапуваат по однос на спроведувањето на мерките за справување со корона вирусот.

На прес-конференцијата, на која присуствуваа и директорот на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски, директорот на Државниот инспекторат за труд Аљадин Хавзиу, директорката на Агенцијата за лекови и медицински средства Висара Риза, директорот на Државниот инспекторат за транспорт Руфат Хусеини и директорката на Државен санитарен и здравствен инспекторат д-р Иринка Сотирова Бухова,  претседателката на Инспекцискиот совет Филиповска-Грашкоска истакна дека службите будно ја следат состојбата во битката против ширењето на вирусот Ковид -19.

„Во изминатите два дена, на 14 и 15 март, Државниот санитарен и здравствен инспекторат спроведе контрола кај вкупно 47 субјекти и тоа 29 без наод и 18 со забелешки. Извршена е контрола врз 35 деловни субјекти кои вршат јавен превоз, од кои за 18 субјекти кои немаа уреден се задолжени за спроведување на мерките, односно спроведување дезинфекција и слично. Понатаму, надзори се извршени во дополнителни 27 објекти под надлежност на овој инспекторат, како игротеки, фитнес сали, базени и слично. Сите овие ја почитуваат забраната за работење и се затекнати затворени“, нагласи претседателката Филиповска-Грашкоска.

Воедно таа соопшти дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат предложил да се преземат дополнителни мерки за заштита и на Меѓународниот  аеродром Скопје да се воведе задолжителна дезинфекција на авионите кои доаѓаат од земји со висок и среден ризик, како и во средствата за јавен превоз (автобуси и комбиња) да се обезбедат постери со препораки од ЈЗУ ИЈЗ за однесување на патници во јавен превоз, влез за патници во јавен превоз, дезинфекција и задолжително проветрување.

Претседателка Филиповска-Грашкоска информираше дека Агенцијата за лекови и медицински средства извршила 4 вонредни инспекциски контроли, при што е констатирано зголемување на цените во аптеките, меѓутоа во сите случаи како последица на зголемување на цените на набавната цена.

„Тука би сакал да потсетам дека Владата забрани покачување на основните продукти и тоа на леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезинфекциски  средства со состојба на денот на прогласување на пандемијата од Светската здравствена организација (СЗО), освен за оние за кои има доказ дека се зголемени влезните фактури. Следуваат високи казни за сите тие што ќе се обидат да им наштетат на граѓаните, вклучувајќи и кривични пријави“, истакна претседателката на Инспекцискиот совет Филиповска-Грашкоска.

Таа информираше дека Државниот пазарен инспекторат во изминатите два дена изврши инспекција во вкупно 80 маркети и аптеки, каде што е констатирано дека нема покачување на цените.

„Во однос на спроведување на владините мерки за заштита од корона вирусот реализирани се повеќе од 3.000 надзори. Најголем дел од објектите ги почитуваат владините одлуки, со исклучок на 3 угостителски објекти два во Скопје и еден во Битола, кои беа затворени од инспекциските служби. Ги повикувам сите граѓани доколку имаат сознание за објект кој работи спротивно препораките на Владата да го контактираат Државниот пазарен инспекторат на следниот телефонски број: 02 3220 547“,  истакна претседателката на Инспекцискиот совет Филиповска-Грашкоска.

Врз основа на податоците од Државниот инспекторат за транспорт,  таа соопшти дека меѓуопштинскиот превоз на патници е редуциран од 60-70% на целата територија на Северна Македонија, а меѓународниот линиски превоз е целосно прекинат и се почитува препораката на Владата.

Исто така информираше дека е минимален протокот на граничните премини, а голем дел од патувањата се откажуваат, што укажува и на поголема свест кај патниците.

Претседателката Филиповска-Грашкоска наведе дека Државниот инспекторат за труд спровел 264 контроли во поглед на платено отсуство на родител на дете до 10 години, самохран родител, бремени жени и хронични болни.

„Од нив, донесени се 12 укажувања на работодавачи кои не постапиле по препораките на Владата. Тука би сакал уште еднаш да апелирам до сите работодавачи да им овозможат на вработените да ги остварат своите права, а државата активно работи на мерки со кои за поддршка и на компаниите. Ги повикувам сите граѓани кои имаат сознание за непочитување на овие мерки, да пријават на телефонскиот број на Државниот инспекторат за труд – 151 31. Нема да се толерираат какви било отстапки. Се работи за здравјето на граѓаните, за јавното здравје и тука не смее да има компромиси“, нагласи претседателката на Инспекцискиот совет Филиповска-Грашкоска.

Таа уште еднаш упати апел до сите граѓани, компании и институции да се однесуваат одговорно и без исклучок да ги следиме препораките, бидејќи тоа е единствениот начин заедно да се добие битката против ширењето на корона вирусот.

Директорката на Агенцијата за лекови и медицински средства Висара Риза информираше дека инспекциските служби ја проверуваат залихата на маските, ракавиците и дезинфекциските средства, при што наведе дека е забележан тренд на зголемување на цените на овие производи, но причина за тоа се новонастанатите глобални економски фактори и зголемените увозни цени на овие производи.

Advertisement