Вклучување на работниците од екстрактивната индустрија во справувањето од последиците со пандемијата на Ковид-19
Во текот на пандемијата предизвикана од Ковид-19, работните процеси во екстрактивната индустрија претрпеа бројни промени во работењето главно како резултат на мерките кои требаше да ги спроведат во насока на спречување на ширењето на болеста.
Справувањето со условите на работа кои ги наметна пандемијата и новосоздадените услови и ситуации, за работниците од екстрактивната индустрија не беше едноставно, но не беше лесно ниту за менаџментот на компаниите да одлучи каква реорганизација е најбезбедна, но воедно и најрационална за да се спречи губењето на профитот, а со тоа и на работните места.
Компаниите кои добро се справија со пандемиските услови научија лекција дека работниците се капиталот на компанијата. Нивното отсуство за време на боледување и изолација согледаа дека ги чини многу повеќе отколку да им се овозможат побезбедни услови за работа без да се намалува капацитетот или да се прекине целосно со производните процеси. Од друга страна пак, имаа можност да ги ревидираат одлуките и да прават нови адаптации консултирајќи ги работниците, со што го направија процесот заеднички и со тоа ја придобија довербата на своите работници.
Меѓутоа, ова не беше случај насекаде. Сепак останаа компании кои не ги вклучија работниците во процесите на реорганизација на работните процеси, ниту пак ги информираа за одлуките.
Но, овој процес имаше влијание и од трета страна- политиките на владите на земјите. Всушност, на национално ниво во сите земји владите беа тие кои во добар дел дефинираа мерки за поддршка на секторот. Ваквите мерки иако имаше тенденција државите да ги „препишуваат“ една од друга со соодветни адаптации согласно реалните потреби, сепак во некои земји не дадоа позитивни резултати и доведоа до губење на работните места. Ова главно се должеше на недоволното испитување на потребите во рамки на секторите, како и на ниво на компании, се пристапуваше со помош на компаниите да исплатат плати, наместо мерки за поддршка на продуктивноста на секторите и задржување на деловната активност. Понатаму, иако се одеше на тоа работните места и платите да се задржат, ова резултираше со немотивираност на работниците, а одреден период по почетокот на пандемијата и со „согорување“ на работниците кои беа на работите места и мораа да надоместуваат работна сила за оние работници кои беа на боледување, во (само) изолација или пак користеа други мерки без физичко приаасуство на работното место.
Во текот на првите пандемиски години имавме можност да научиме бројни лекции за функционирањето на компаниите и секторите во нестандардни услови, а денес имаме можност да анализираме кои практики се покажаа како добри, а кои како погубни за екстрактивниот сектор. Се разбира, повторно останува на одговорност на самите компании дали ќе го искористат ова знаење и искуство за да ги подобрат своите деловни актинвости и да ја зајакнат својата позиција во индустријата, или пак ќе останат во непроменета позиција и на подолг рок ќе го загубат и оној пазарен удел кој досега го имаа.
Во периодот фебруари 2021- октомври 2022, со финансиска подршка од Европската Унија, се реализира проектот „Поддршка за вклучување на работниците во справување со ефектитеод кризата поради коронавирусот“ помеѓу претставници на синдикати и работодавачи од Бугарија, Грција, Македонија, Полска, Романија, Србија и Шпанија. Препораките до кои што дојдоа се следниве:
Зајакнувањето на социјалниот дијалог е од исклучителна важност. Постојано треба да се превземаат активности во насока на обезбедување на рамноправен однос помеѓу сите социјални партнери. Дополнително потребно е и да се воведе ефикасен процес на надзор и следење (мониторинг), како и постојана оценување (евалуација) на работните услови, со цел нивно постојано унапредување.
Потребно е да се работи на подобрување на меѓучовечките односи во рамките на самите претпријатија, во рамки на синдикатите, како и генерално унапредување на односот работници – работодавачи.
Потребно е да се воведат одредени механизми кои ќе бидат насочени кон зголемување на мотивираноста на вработените за самата работа, кои ќе бидат од постојан карактер и ќе треба постојано да се надградуваат за да имаат позитивни ефекти.
Секое претпријатие во своите рамки мора да работи на унапредување на безбедноста и здравјето на работниците. Во овој контекст се препорачува да се подигне нивото на хигиената и личната заштитна опрема, постојано да се вршат проценки во однос на состојбата со кризата, но и воопшто за безбедноста на работниците и да се донесуваат соодветни мерки, во вид на одлуки, правилници, и сл. кои ќе бидат по мера за секое претпријатие посебно.
Не треба да се занемари и заштитата на животната средина- затоа одлуките на претпријатијата треба да бидат насочени кон обезбедување на целите на зелената агенда, односно намалување на емисијата на јаглерод диоксид.
Проектот е поддржан од Европската Унија. Самостојниот синдикат на работниците од енергетика, рударство и индустрија преку учество на семинари, работилници и проекти поддржани од ЕУ, ги информира, едуцира и се грижи за безбедноста и здравјето на работниците.
Екстрактивната индустрија за време на Ковид-19
Пандемијата на Ковид-19 која го затекна целиот свет во 2020 година го наруши целосно функционирањето на светот онаков каков што го знаевме дотогаш. Одеднаш сè како да замрзна, запре, предизвикувајќи сериозни последици меѓу другото на работните места.
Иако одредени работни места овозможуваа да се „преселат“ дома и работниците работеа, некои и сè уште работат од далечина, други работни места на кои е неопходно физичкот оприсуство на работниците претрпеа сериозен удар. Екстрактивната индустрија е една од индустриите во која човечкиот фактор е клучен за извршување на работните задачи.
Меѓутоа, новата светска пандемија донесе релативно непозната, нова ситуација на која требаше да се прилагоди практично целокупното функционирање на планетава, но најкритично беше т.н. „затворање“ или „карантин“, контролирани преку воведување полициски час и ограничување на движењето на луѓето што спречи и нормално одвивање на работните процеси во речиси сите индустрии.
Од друга страна пак, поради потребата од брзо делување, менаџерите на компаниите немаа време да ги консултираат вработените за реорганизација на работните процеси, туку наместо тоа одлучија да решаваат исклучиво согласно протоколите за спречување на ширењето на болеста. Ваквиот начин на постапување на самиот почеток на пандемијата беше релативно прифатлив, бидејќи никој не знаеше што ќе биде. Но, за жал, после две години од почетокот на пандемијата, многу мал број компании попатно ги консултираа вработените и направија соодветни измени и реорганизација на производните процеси, со цел да овозможат колку е можно повисоко ниво на здравје и безбедност при работа, притоа овозможувајќи максимална продуктивност и профитабилност во такви услови.
Гледано од денешна перспектива наназад можеме да воочиме дека пандемиските години особено ги извлекоа на површина проблемите во екстрактивниот сектор, како во однос на БЗР, така и во однос на почитување на работничките права и достоинствена работа на работниците. Според одредени анкети, работниците во овој сектор сметаат дека можат да дадат поголем придонес во процесите на реорганизација на работниот процес, како и дека би сакале да се поактивно вклучени во процесите на одлучување и во реализација на заеднички иницијативи со работодавачите. Ова е во насока на надминување на штетните ефекти од пандемијата и за подобрување на продуктивноста во работните процеси. Ова е легитимно размислување, со оглед на тоа што работниците, односно нивните претставници и синдикатите се всушност социјални партнери кои се рамноправни со работодавачите (и со владите кога се работи за трипартитен дијалог) на секое ниво од деловното работење. Иако често имаат спротивставени ставови, целта треба да се приближување на ставовите, компромисно решение и договор кој за крајна цел ќе ја има продуктивноста на компаниите со работни места кои гарантираат безбедност и здравје при работа и достоинствени плати.
Проектот „Поддршка за вклучување на работниците во справување со ефектитеод кризата поради коронавирусот“ финансиран од Европската Унија, придонесува за остварување на правата на работниците на екстрактивната индустрија кон зајакнување на отпорноста на вработувањето во севкупната рамка на реструктуирањето што го доживуваа екстрактивните индустрии. За таа цел, проектот собира транснационални најдобри практики за да ги осмисли методите за работниците во екстрактивната индустрија непречено да ја надминат кризата КОВИД 19.
Достапниот збирен извештај обезбедува резиме на националните извештаи (т.е. националните извештаи за Бугарија, Грција, Македонија, Полска, Романија, Србија и Шпанија) изработени од релевантните проектни партнери, и може да се најде на страната на проектот https://supporting-workers.eu/en/project .
- Боинг укинува 17.000 работни места и ја одложува испораката на 777X - 13/10/2024
- Неделков: Колективните договори ќе се потпишат најдоцна до 20 февруари, платите кумулативно ќе се зголемат за околу 50 % - 12/10/2024
- Мицкоски: Платите на наставниците и професорите се зголемуваат за 5 проценти со октомвриската плата, до крајот на мандатот ќе пораснат за 46 проценти - 12/10/2024