Владата се премисли, наместо Мехмеди за директор на М-НАВ го предлага Хекуран Асани
Промената доаѓа откако било утврдено дека првичниот предлог, Илир Мехмеди, не ги исполнува условите за функцијата за која го предлага Владата затоа што немал валидна дозвола за надзорен контролор за летање ниту, пак, имал најмалку шестгодишно работно искуство како контролор, објави 360 степени. Новиот предлог – Хекуран Асани, е активен контролор на летање во М-НАВ и, според проверките, ги исполнувал барањата предвидени со Статутот на М-НАВ.
Владата на истата седница на која првично го утврди Илир Мехмеди за предлог за член на Управниот одбор и извршен директор за воздухопловна навигација во М-НАВ, во меѓувреме, го преиначила заклучокот и го утврдила Хекуран Асани за кандидат за таа позиција.
Промените во раководството на М-НАВ доаѓаат по насилниот упад на осуммина осомничени на чело со Беким Незири советник на директорот на ова акционерско друштво.
Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) утре нема да го затворат македонскиот возушен простор, а штрајкот најавен за утре останува во мирување, откако Владата денеска му препорача на Надзорниот одбор во Македонска навигација М-НАВ да ги разреши претседателот на Управниот одбор на М-НАВ Фахрудин Хамиди и секторскиот извршен директор во М-НАВ Љубе Стаменковски.