ВМРО-ДПМНЕ изгласа амандман за буџетот, СДСМ бара да се повтори гласањето

Собраниската Комисија за финансирање и буџет попладнево ја продолжи амандманската расправа по Предлог буџетот за 2023 година, но беше објавена пауза веднаш по расправата и гласањето по првиот амандман со кој расправаа, а со кој пратениците од ВМРО-ДПМНЕ бараат 4,553 милиони денари за зголемување на платите во администрацијата за 15 проценти.

Стојановски  објави 15-минутна пауза, како што појасни „за да се смират страстите“ бидејќи нема атмосфера за работа.

Откако пратеничката од ВМРО – ДПМНЕ Дафина Стојановска го образложи амандманот, а по неа зборуваше и нејзината сопартијка Ели Панова, претседателот на Комисијата Бојан Стојановски ја затвори расправата и го стави на гласање амандманот, при што констатираше дека „за“ гласале шест члена на Комсијата, а ниту еден „против“ и „воздржан“. Додека траеше гласањето реагираа пратениците од владејачкото мнозинство барајќи пауза и обвинувајќи дека гласањето не било уредно затоа што додека се одвивало се уште не биле вратени нивните колеги кои биле на друг настан.

Марија Георгиевска од СДСМ побара Стојановски да го корегира и да го повтори гласањето, оценувајќи дека постапувањето на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ „е крајно несерозно и недостојно и оти се продаваат евтини финти во Комисијата“.

-Не е коректно, заменик координаторот ве праша колку се пријавени. Не се дојдени колеги кои се надвор на настан од Собранието, ве прашавме колку има за говор, цело време се договарате со очи како треба да настапите. Вакви финти да правите во Комисијата е крајно несериозно од ваша страна, ова е насилно што го правите. Што мислите дека ќе постигнете со ова? Најавувате дека ќе зборуваат седум луѓе и ние го слушаме тоа, а потоа ставате на гласање. Знаете дека ова ќе создаде нервоза. Ова е недостојно, продавате финти и е крајно несериозно, рече Георгиевска.

Стојановски, пак, ги отфрли тврдењата дека ја нарушил работата на Комисијата и Деловникот. Објасни дека  заклучил оти сите арументи од расправата се исцрпени по излагањето на двете пратенички, по кои и тој бил пријавен за збзор, но, како што рече, заклучил дека сите аргументи од расправата се исцрпени и нема поента да се вклучи затоа што биле исцрпени сите аргументи. Пријавените пратеници по него, појасни, се откажаа, а веднаш откао се повлекоа јас морав да постапам по сценариото и беше ставено гласање, вие не гласавте, рече Стојановски.

Амандманот со кој ВМРО-ДПМНЕ побара финансии за зголемуваење на платите на администрацијата не беше прифатен од заменик министерот за финансии Филип Николовски.

-Во кризно време Владата успеа да ги подигне платите на над 85.000 вработени во јавниот сектор во различен сегмент и со тоа покажа грижа за вработените во јавната администрација, рече Николовски во образложението.

Во претпладневниот дел од работата на Комисијата за финансирање и буџет не беше усвоен амандманот поднесен од ВМРО-ДПМНЕ со кој се бараше да се одложи зголемувањето на данокот на додадена вредност (ДДВ) за електрична енергија од 5 на 10 отсто што е планирано да стапи на сила од 1 јануари, идната година.

Во рамките на амандманската расправа за Предлог-буџетот Комисијата треба да разгледа вкупно 263 амандмани од кои 199 се поднесени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.