НовостиСветСиндикат

Во Грција денеска генерален штрајк

   Време за читање 3 минути

Најголемите грчките синдикати на вработените во државниот сектор (АДЕДИ) и на вработените во приватниот сектор (ГСЕЕ) прогласија 24-часовен генерален штрајк, во кој учествуваат федерации, синдикати и здруженија од приватниот и јавниот сектор, барајќи, меѓу другото, зголемување на платите, колективни договори за работа, враќање на 13-тата и 14-тата плата во јавниот сектор и мерки за справување со станбената криза.

Повикувајќи на масовно учество во штрајкот, ГСЕЕ го закажа својот централен митинг за утрото во среда, во 11:00 часот, на плоштадот Клафтмонос во Атина, додека штрајкувачкиот митинг на АДЕДИ ќе се одржи во Синтагма, пред Министерството за финансии, во 10:30 часот, а ПАМЕ ќе одржи митинг во 10 часот во Солун, кај статуата на Венизелос, а во исто време повикува на учество и на останатите штрајкувачки собири во сите градови.

Конкретно, ГСЕЕ ги повикува сите работници, невработени, пензионери, млади мажи и жени во земјата масовно да учествуваат на денешниот 24-часовен генерален штрајк, како и на протестните собири во поголемите градови во земјата.

Конфедерацијата тврди дека минималната плата не треба да се одредува со владини одлуки, туку со слободно колективно договарање. Главните барања на АДЕДИ се да се преземат мерки за вистински покачувања на платите во јавниот сектор и Владата да донесе законска регулатива за враќање на 13-тата и 14-тата плата во јавниот сектор.

Од своја страна, Работниот центар во Атина одлучи да учествува на денешниот 24-часовен генерален штрајк на ГСЕЕ.

На 24-часовниот штрајк учествуваат и железничарите меѓу кои и Приградската железница. Според соопштението на Хеленик Трејн денеска нема да работат никакви услуги низ целата мрежа, вклучително и приградските линии.

Бродовите исто така нема да пловат денеска бидејќи Панхеленската поморска федерација одлучи да учествува во 24-часовниот национален штрајк на ГСЕЕ.

Според соопштението на синдикатот на морнари, мобилизацијата се однесува на сите категории на бродови, почнувајќи од 00.01 часот наутро до 24.00 часот на полноќ, а меѓу нивните поконкретни барања се и оние за зголемување на казните изречени за прекршување на работното време и времето за одмор на морепловците, како и верно почитување и строга примена на законската регулатива што го уредува морепловството, како за работното време и времето за одмор, така и за двојните посади, особено на брзите бродови.

Како што информираат од овој синдикат, „на средбата со тогашниот министер за национална одбрана, Стилијанидес и официјални лица, беше препознаена легитимноста на нашите барања и имаше заложба од владата дека ќе се обезбеди решение, не затоа што тоа се економски и синдикални барања, туку затоа што три од четирите се нераскинливо поврзани со безбедноста во поморскиот транспорт и заштитата на човечкиот живот на море“.