ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Вработените во казината нема да земат дел од платата, а вработените во обложувалниците се во се’ поголема неизвесност

   Време за читање 8 минути

Бобан Илијевски 

Рестриктивните мерки коишто ги воведе Владата за поттикнување на вакцинацијата оставија големи последици по угостителските објекти, спортските обложувалници и казината, а за тоа сведочат самите тие.

Владата на Р. Македонија започнувајќи од 16 август одлучи во угостителските објекти да влегуваат само лица коишто имаат примено барем една доза на вакцина и коишто ќе приложат сертификат за тоа, како и за лица кои во последните 45 дена го прележале вирусот Ковид – 19. Потоа, овие мерки започнаа да важат и за спортските обложувалници и казината, па револтот од угостителите се префрли и кај нив.

Казината изгубиле 70 % од прометот, а на обложувалниците приходите им се преполовени

Од Новоматик Групацијата под којашто спаѓаат казината Адмирал, Астра и Фламинго, во изјава за порталот Работник истакнаа дека последните рестриктивни мерки го намалиле влезот на посетители во нивните објекти, со што прометот паднал за 70 %. Посочија дека падот, освен на профитот на компанијата, индиректно ќе се одрази и на платите на вработените.

Screenshot 20200626 094357 Chrome

„Не станува збор за нивната основна плата и надоместоците на плата согласно закон. Основната плата на вработените во нашата групација им беше исплаќана и за време на целосниот ‘lockdown’ на нашите објекти, што траеше повеќе од три месеци“, велат од Групацијата Новоматик.

Велат дека на ниеден вработен досега не му бил откажан Договорот за вработување, иако групацијата преживувала тежок период.

Заради падот на прометот како резултат на најновите рестриктивни мерки, вработените со сигурност нема да можат да остварат дел од платата за работна успешност, што како што велат ќе го намали нивниот семеен буџет и нивната куповна моќ.

Од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија – АСОМ за порталот Работник велат дека откако Владата ја донела мерката со која задолжително пред влегување во спортска обложувалница играчите треба да покажат сертификат за вакцинација или потврда за прележан ковид во последните 45 дена, приходите се речиси преполовени. Според нив, со овие мерки се загрозени работните места на повеќе од 3,500 директно вработени во обложувалниците и над 50,000 вработени во други стопански гранки кои зависат од работата на спортските обложувалници.

Што ќе биде со вработените во казината и обложувалниците?

Од Групацијата Новоматик посочија дека ниеден вработен не е отпуштен од работа од почетокот на корона кризата, како и дека групацијата постојано инвестира во растот на нејзините компании, со што се креираат повеќе работни места.

Сепак, спортските обложувалници не се оптимисти дека ќе се спречи отпуштањето на вработени, доколку продолжат мерките.

„Со оваа мерка, факт е дека станува се понеизвесно за повеќе дејности, вклучително и нашата, како да се задржат сите вработени, во услови кога бизнисот паѓа. Вработените се со право загрижени за својата егзистенција. Ние не сакаме да отпуштиме вработени и досега не сме отпуштиле, дури ни во оние два месеци од минатата година, кога бевме целосно затворени со мерките на Владата за превенција од коронавирусот“, велат од АСОМ.

Покрај тоа што ги задржале сите вработени, откако се отворени работат по најстроги протоколи кои бескомпромисно ги почитуваат, истакнаа од АСОМ. Потенцираа дека заради финансиските резултати кои ги бележат, во неколку наврати апелирале до Владата и Комисијата за заразни болести да направат итна промена на мерките за спортските обложувалници, односно истите да бидат изземени од објектите во кои при влез задолжително треба да се поседува и покаже споменатиот сертификат, поради тоа што, како што велат, во спортските обложувалници речиси и да нема задржување. Посочија дека работат преку шалтерски систем под строго утврдени протоколи.

Доколку Владата не ги исполни нивните барања, од АСОМ велат дека треба да се донесат економски мерки за помош на спортските обложувалници, но и на сите други субјекти кои се соочуваат со истиот проблем, а со цел да се зачуваат работните места и да се поддржи бизнисот.

На прашањето дали овие мерки ќе придонесат луѓето да го изгубат интересот за работа во овој сектор, од АСОМ велат дека во ваква неизвесност, сосема е разбирливо луѓето да бараат алтернатива.

„Земете предвид дека кај нас работат многу млади луѓе, на кои ова им е единствен начин на егзистенција, а работат и цели семејства. Жално е кога имате дејност која вработува, плаќа придонеси, исплаќа плати, платено е празничното работење, ноќните часови на работа и многу сериозно придонесува во државниот буџет по сите основи на своето работење, државата да не покаже слух за нашите барања“, велат од АСОМ.

oblozuvalnica 1 2

Од Групацијата Новоматик не сметаат дека овие мерки на било каков начин можат да придонесат луѓето да изгубат интерес да работат во нивните компании, затоа што, како што велат, со години градат углед на посакуван работодавач.

„Во 2019 година македонските компании од оваа групација, беа наградени со значајно Признание за унапредување на човековите права во бизнисот, кое според однапред анализирани и потврдени критериуми им го додели Проектот за општествено одговорни проекти поддржан од Европската Унија. Од самиот почеток на своето бизнис делување, ги имаме имплементирано и ги спроведуваме и негуваме добрите општествено одговорни практики во целост, вложуваме не штедејќи во нив и тоа вложување повеќекратно ни се враќа, луѓето тоа го знаат и чувствуваат и покажуваат лојалност спрема нас како работодавачи, така што овие мерки кои ги сметаме за привремени не очекуваме дека можат да ни ја загрозат стекнатата репутација“, велат од Новоматик.

Дали и каква финансиска помош ќе им биде потребна?

Групацијата Новоматик вели дека финансиската помош секогаш е добредојдена, нагласувајќи дека таа треба да биде вистинска, без замки и прикриени услови. Посочија дека таа би можела да биде во вид на неповратни средства, како грант за санирање на финансиската штета предизвикана од рестриктивните мерки.

На целата економија, овде и во светот, ќе и треба многу време за да закрепне од последиците од ковид кризата којашто се уште не е завршена, потенцираат од АСОМ. Велат дека на краток рок, најмногу е важно да се измени мерката и да продолжат да работат и да придонесуваат, како и да се овозможат онлајн игри на среќа преку домашните лиценцирани приредувачи, како безбедна опција за играчите и услуга која ќе помогне да се одржи бизнисот. Од друга страна, велат тие, тоа ќе значи уште поголем прилив во државниот буџет и повеќе средства коишто понатаму ќе се вложуваат во подобрувањето на квалитетот на животот на граѓаните.

Немањето на можност играчите легално да ги користат онлајн игрите на среќа преку домашните лиценцирани приредувачи, придонесува тие да играат на странски сајтови, што според АСОМ, предизвикува одлив на средствата надвор од државата во вредност од 40 до 50 милиони евра на годишно ниво, по сите основи. Како што велат, со тоа губат и приредувачите и државниот буџет.

Побаравме став во однос на овие прашања и од Независната угостителска комора, но до објавувањето на овој текст не добивме одговор. 

Имено, Владата нема намера да ги попушти рестриктивните мерки, туку напротив, доколку има потреба, таа има намера да ги зајакне повеќе.