МакедонијаНовостиПравдаСветот на работникотСиндикат

Вработените во ЈСП во исчекување на нова седница на Советот на Град Скопје: „Немаат ни душа ни срце тие луѓе“

   Време за читање 3 минути

Доколку, сепак, денеска не се одржи дополнителна седница на советот на Град Скопје, на која треба повторно да се најде точката за субвенции за ЈСП, тогаш, како што вели претседателот на Синдикатот на ЈСП, нема да има ниту автобуси на скопските улици

Откако на вонредната седница на советот на Град Скопје денеска не беше изгласано барањето за субвенции на ЈСП „Скопје“, вработените во ова претпријатие, кои од утринава се на протест пред градското собрание, се во исчекување на нова вонредна седница во текот на денот на која повторно би се расправало за истото прашање.

Претседателот на Синдикатот на ЈСП, Миќо Стојановски, вели дека според нивните информации, новата вонредна седница на советот на Град Скопје е закажана за 14:45 часот.

„Не помина за еден глас. Веројатно, во меѓувреме, се јавил некој што му е криво што сите овде мрзнеме и ќе мрзнеме, а јавен градски превоз ќе нема, па сака својата воздржаност да ја преточи во гласање ‘за’. Остануваме тука и ќе ја чекаме дополнителната вонредна седница“, изјави Миќо Стојановски, претседател на Синдикатот на ЈСП Скопје. 

Доколку, сепак, денеска не се одржи дополнителна седница на советот на Град Скопје, тогаш, како што вели Стојановски, нема да има ниту автобуси на скопските улици.

По неуспешниот обид да се изгласаат субвенциите за ЈСП, еден од вработените во претпријатието пред медиумите оцени дека советниците треба да се засрамат поради ваквата одлука.

„Немаме коментар. Немаат ни душа ни срце тие луѓе внатре. Бараат гласови, а плати не даваат. Срам нека им е, треба да се засрамат. Како ќе им објаснат на нивните жени и деца дека не ги изгласаа субвенциите, дека не им дадоа плата на вработените во ЈСП. Нивните деца ќе одат во школо, ќе ги возат со нивните коли, а ние што немаме земено пари, со што да ги носиме ние нашите деца. Треба да се засрамат. Нека ја дадат субвенцијата, а после нека се расправаат, што сакаат нека прават. Мене ме интересира платата, ништо друго. Претходно кога протестиравме исто така се обвинуваа меѓу себе – кој колку крадел, што правел – мене не ме интересира тоа“, изјави еден од вработените во ЈСП пред медиумите.

Советниците на Град Скопје претходно денеска не успеаја да го усвојат барањето за субвенции за ЈСП – пари со кои вработените во ова претпријатие треба да ги добијат своите плати за декември 2023 година.

Барањето за доделување на субвенции го поддржаа 22 членови на Советот, 11 гласаа „воздржано“, а советници кои се изјаснија „против“ немаше. За да поминеше барањето за субвенции за него требаше да гласаат 23 од вкупно 45 советници, колку што брои Советот на Град Скопје, односно одлуката не беше донесена за еден глас.