ПравдаСветот на работникот

Вработените од „Охис“ се подготвени своите права да ги бараат преку судот во Стразбур

   Време за читање 1 минута

Конкретен одговор од Владата за вработените во „Охис“ сеуште нема на повидок. Тие повеќе од две години активно и јавно ги изразуваат своите барања пред Владата, но сеуште не знаат дали и кога ќе се исполнат нивните барања.

Драгољуб Цветковски од Иницијативниот Одбор на „Охис“ за Порталот Работник вели дека тие денеска имале состанок со советниците на Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, но не добиле конкретен одговор. Тие закажале повторна средба за во четврток.

Цветковски рече дека тие ангажирале правен застапник и дека постои можност преку Хелсиншкиот комитет за човекови права да поднесат документација за тужба во Европскиот суд за човекови права. Наведе дека ќе се консултираат и со Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство – СИЕР, за тоа какви чекори треба да преземат понатаму.

„Ние не сакаме да преземаме радикални мерки, туку сакаме проблемот да го решиме со компромис“, рече Цветковски.

Тој истакна дека „Охис“ била фабрика во државна сопственост, па поради тоа останува на државата да им ги исплати заостантите плати.

Имено, државата на работниците од „Охис“ им должи 8 плати од 2008 година и 16 плати од 2012-13 година.