- Advertisement -
ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Градежните компании имаат интерес да помогнат во развивањето на стручен кадар

Германски компании - Работник
287views

Од Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање – СГИП за порталот Работник изјавија дека на почетокот од корона кризата некои работодавачи се обиделе да им ги намалат платите на работниците, но со нивна интервенција тоа било спречено.

Од таму посочија и дека во Македонија има лоши услови за работа, па поради тоа има големи шанси државата да остане без мајстори.

Кој е ставот на Стопанската комора за градежништвото во ек на корона криза?

Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали, при Стопанската комора на Македонија смета дека градежништвото се соочило со многу предизвици во текот на 2020 година и не останало имуно на пандемијата.

Од Здружението посочија дека доколку се направи анализа по квартали во 2020 година споредено со респективните од претходната година, придонесот на градежништвото во стапките на БДП во првиот квартал забележал раст од 1,4%, во вториот квартал забележал пад од 12 %, додека во третиот квартал раст од 3.4%.

„Градежните компании се соочија со повеќе проблеми во најголем дел поврзани со продуктивноста на трудот, организацијата на работата на тековните проекти, ликвидноста и наплатата на побарувањата. Особено беше погодена индустријата на градежни материјали каде одредени производствени капацитети беа во целосен прекин, додека други се соочија со значително намалување на нарачките од деловните партнери. Плановите на компаниите и очекуваните остварувања не се реализираа во целост, што во најголем дел се должи на намалената продуктивност на трудот и организацијата на работењто во новонастанатите услови“, велат од Здружението. 

Преку стручно образование може да се зголеми бројот на квалификувани кадри во градежништвото

Во однос на недостигот на квалификувана работна сила, велат дека и натаму тој претставува проблем за градежните компании, но со различен интензитет од почетокот на пандемијата. Истакнаа дека со оглед дека годинава потенцијалот на градежните компании не бил во целост искористен, проблемите поврзани со недостатокот на работна сила не биле толку изразени и кадровските капацитети на компаниите во најголем дел беа доволни за реализирање на тековните проекти.

„Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите активно делува во насока на надминување на проблемот поврзан со недостигот на квалификуван кадар и за таа цел има воспоставено соработка со научно – образовните установи, во доменот на стручното образование и обука. Со цел надминување на проблемот и давање конструктивен придонес во создавањето на стручните кадри, Здружението е вклучено во проектните активности на Стопанската комора на Македонија посветени на учењето преку работа, односно на реализирање на практична обука во компании и на тој начин градење на практични вештини во текот на образовниот процес“, велат од Здружението. 

Како што посочија, компаниите имаат интерес и се подготвени да помогнат во развивањето на стручните вештини и компетенции и на тој начин во создавање на квалификуван кадар преку вклучување на ученици и студенти во реализацијата на практична обука во нивните компании. Велат пандемијата на коронавирусот ги забавила активностите, а по подобрување на здравствената состојба очекуваат истите повторно да се актуелизираат и да се одвиваат со позабрзана динамика.

Потребен е долгорочен пристап за да се спречи одливот на стручен кадар од градежниот сектор

Што се однесува до спречувањето на одливот на стручен кадар, ценат дека за тоа е потребен долгорочен пристап и креирање на стратегија од страна на државата во консултација со бизнис заедницата водејќи сметка за специфичноста на пооделните економски сектори кои се соочуваат со овој проблем.

„Сепак, покрај условите на пазарот сметаме дека од големо значење за задржување на квалификуваниот кадар е и правната рамка со која се регулираат работните односи, а која треба да овозможи поголема флексибилност во организацијата на работниот процес и да остави простор за постигнување континуирана рамнотежа на интересите на работодавачите од една страна кои се стремат за остварување максимална продуктивност на трудот на работниците, поголема конкурентност и профитабилност на компаниите, и интересите на работниците од друга страна, кои се стремат да го валоризираат сработеното и да остварат повисоки примања“, заклучија од Здружението. 

Бобан Илијевски