ПравдаСветот на работникот

Димитров: Организацијата на работодавачи е формирана согласно Законот за работни односи

Левица денеска излезе со соопштение во кое прашува дали Организацијата на работодавачи на Македонија е формирана противправно.

„Организацијата на работодавачи, која ги застапува интересите на крупниот капитал, делува спротивно на сите прописи и без легитимитет е ставена во позиција да ги оштетува работниците од цела Македонија. ОРМ, спротивно на Законот за работни односи, е основана од физички лица наместо од работодавачи (!?) – видно од Одлуката за основање и Тековната состојба издадена од Централниот регистар. Ова доведува до заклучок дека нивното учество во Економско социјалниот совет е противправно и од истата причина треба веднаш да им биде поништена репрезентативноста, бидејќи истата им е доделена спротивно на законот. Тие, спротивно на позитивните прописи, се стекнале со права кои ги користат да ги кочат реформите и да ги оштетуваат работниците, а Владата и Министерството за труд и социјална политика – доколку веднаш не преземат мерки и не ја укинат репрезентативноста – се директни соучесници во овој нелегитимен процес“, се вели во соопштението на Левица.

Порталот Работник побара коментар од првиот човек на Организацијата на работодавачи на Македонија Ангел Димитров. Тој вели дека не му е познат „интересот“ на Левица за оваа тема, потенцирајќи дека очигледно изјавата е дадена од „ракав“.

„Законот за работните односи во членот 5, покрај останатите дефиниции, ја дава и дефиницијата за ‘Работодавач’ и прецизира дека ‘Работодавач е правно и физичко лице, како и друг субјект (орган на државна власт, орган на единица на локална самоуправа, подружница на странско друштво, дипломатско и конзуларно преставништво), кои вработуваат работници врз основа на договор за вработување’“, вели Димитров. 

Истакна дека од тука е сосема јасно дека под поимот „Работодавач“ законот подразбира и правно и физичко лице. Физичките лица кои се основачи на Организацијата на работодавачи се во својство на Овластени лица на компаниите кои ги преставуваат и лица кои потпишуваат Договори за вработување со работниците.

Бобан Илијевски