Колумни

Додека некои заработуваат двојно, некои немаат леб да јадат

Додека некои заработуваат двојно - Работник
484views

Автор: Бобан Илијевски

Не знам темава колку е важна во ова кризно време, кога погледите се насочени кон ситуацијата со корона кризата, но сепак јас мислам дека е важна. И додека сите зборуваат за короната, јас ќе си дадам себеси слобода да зборувам повторно за проблемите на работниците, на кои им нема крај. Овојпат ќе се осврнам на една појава којашто се случува на пазарот на трудот, а е особено застапена во градовите во внатрешноста на Македонија, но не е исклучок ниту во главниот град.

Морам да признаам дека појавава за којашто во продолжение ќе дадам мое видување, до недоглед ми оди на живци, поради тоа што е очигледна, но и очигледно е дека никој не презема ништо за да ја сузбие. Имено, појавата што премногу ме живцира е кога некој пензионер работи на „црно“ во некоја област од стопанството, наместо некој млад човек кој не може да врзе крај со крај, да работи на тоа работно место за да може да заработи за пристоен живот. Значи некој може да зема пензија и плус плата, а некој да гладува и да зема минимална социјлна помош. Па, мислам луѓе ова го нема никаде. Никој во јавноста не ни зборува на оваа тема, па затоа решив јас да обрнам внимание и да им укажам на инспекторите од трудовиот инспекторат дека треба повеќе да се движат по микро и малите претпријатија низ државата и да видат дали има нерегуларности во однос на статусот на работниците. Жално е некој да се полни со пари на сметка на млади и невработени луѓе кои не можат да најдат работа, токму поради ваквите случаи. Не знам дали знаат, но доколку бидат фатени дека работат на „црно“, ќе ја изгубат пензијата, е во тој случај ќе мора да работат и ако се разболат, ама тогаш нема да можат. Затоа нека се држат кон тоа што го имаат. Алчноста секогаш излегува низ нос. Само кажувам.

Јас би апелирал до сите „пензионери – работници“ дека нивниот работен век е завршен и да си најдат хоби доколку не можат да седат дома, а работните места да им ги отстапат на младите и невработените луѓе кои допрва треба да се здобијат со работен стаж, за да можат и тие кога ќе дојде времето да земаат пензиичка. Не сум јас некој фактор кој може да влијае врз сузбивањето на оваа појава, немам таков авторитет, но ги имам зборовите и критиките, кои без разлика дали делувале или не, кога можам ќе ги споделувам. На истата тема ако треба ќе пишувам и по сто пати, дури и да станам здодевен и повеќе да не ги чита никој моите колумни. Вакви теми треба да се третираат во јавноста, за да се крена свеста кај луѓето дека со некои нивни постапки предизвикани од нивната алчност, им наштетуваат на други луѓе кои не можат да си дозволат достоинствен живот. Инаку, морам да кажам дека за темава се инспиривав од еден случај во мојот роден град. Нема да откривам повеќе детали, постојат надлежни институции кои треба да ги откријат.

Газдите носат голема вина во целава оваа ситуација, затоа што тие дозволуваат да работат пензионери, наместо млади, односно невработени луѓе. Тоа го прават од очигледни причини. На пензионерот нема да треба да му платат придонеси, на обичниот работник ќе треба, па за да си заштедат пари, со помислата дека никогаш нема да ги фатат или дека кога ќе дојде инспкеција ќе се преправаат дека им се баби, дедовци, вујни, тетки…, вработуваат пензионери. Вработувањето на пензионирани луѓе е особено застапено во малите и микро компании, најчесто мали продавнички каде што има вработено до пет работници. Според ова кога ќе размислиш подобро, ќе си речеш: „најмалите се и најопасни“. Има толку многу работи кои го отежнуваат наоѓањето на работа за невработените, оваа е само една од нив.

Се надевам дека корона кризава ќе не научи доста работи. Мислам дека ќе ги научи и оние коишто работат непријавни, да бараат да бидат пријавени за да не бидат невидливи и да можат да ги бараат своите права. Работниците се најважната алка во општеството, бидејќи поради нив напредува економијата, па поради тоа заслужуваат и посебен удел во јавноста.

Колумната се базира на ставови на авторот и во ниеден случај не ги изразуваат официјалните ставови на Порталот Работник