ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Еве кој би требало да работи во Недела според бизнис секторот

Кои дејности во стопанството - Работник
440views

Сеуште е неизвесно кога Предлог Законот за неработна Недела ќе биде ставен пред пратениците на гласање. Од соопштувањето на Владата на одлуката дека Недела ќе биде неработен ден, па се до денес, во јавноста има разни полемики за тоа дали треба Недела да биде неработен ден и кои дејности би можеле да работат, а кои не. Познато е дека здравството, полицијата и противпожарните служби ќе бидат исклучено од овој Закон,но што е со приватниот сектор? 

Претседателот на Организацијата на Работодавачи на Македонија Ангел Димитров, за порталот Работник вели дека дејностите кои треба да бидат изземени од задолжително не работење во Недела се најпрво дејностите кои во Недела прават многу поголем промет отколку во другите денови во неделата (кафичи, ресторани, молови, хотели и сл.). Потоа следуваат дејности кај кои поради самата технологија не е возможно да се прекрати производството (печките во црната и обоената металургија и сл.) Потоа дејности кај кои временските услови многу влијаат на производството т.е собирањето на плодовите (земјоделие, градежништво и сл) и дејностите каде во Недела не смее да се запре производството затоа што ќе настанат големи загуби (откуп и преработка на млеко, краварски фарми и сл.)

Ангел Димитров – Претседател на ОРМ

„Се разбира во Недела мора да работи здравството, полицијата, војската, автобускиот и железничкиот транспорт и сл“, вели Димитров. 

Од Сојузот на Стопански комори за порталот Работник го потврдија нивниот, веќе познат на јавноста, став дека Сојузот организирал анкета меѓу своите членови која покажала дека за повеќе од половина испитаници, односно за 64,7 отсто е прифатливо решението Недела да биде неработен ден, но нагласуваат дека потребно е да се дефинираат исклучоци. 

„Од испитаниците 85 отсто сметаат дека извесни дејности за потребите на граѓаните треба да работат и во Недела, затоа потребно е да се одреди кои дејности треба да вршат дејност во Недела бидејќи се поврзани со процеси кои не може да се прекинат“, велат од Сојузот на стопански комори. 

Посочија дека од сондажата како исклучоци биле истакнати шопинг центрите кои за време на викендите ги користат граѓаните но има посетители и од соседните држави, здравствени установи, компании од прехранбена дејност, бензински пумпи, како и угостителски објекти за служење храна и пијалаци.

За тоа дека угостителските објекти треба да работат во Недела, зборува и изјавата на Мартин Ангеловски од Сојузот на стопански комори кој вчера беше гостин во емисијата „Економски Магазин“ на ТВ АлсатМ.

Мартин Ангеловски – Сојуз на Стопански Комори

Тој истакна дека денот Недела да се прогласи за неработен ден е сосема не логичено и неприфатливо решение за угостителскиот сектор, нагласувајќи дека најголемиот дел од луѓето угостителските објекти ги посетуваат токму преку викенд. Рече дека големите ресторани најголемиот промет го остваруваат претежно за време на викендите, посочувајќи дека можеби 30% од неделниот приход го прават во тој еден ден.

Во истата емисија на ТВ АластМ гостуваше и Даниела Михајловска – Василевска која истакна дека Стопанската комора на Македонија се уште не може да направи проекција околу евентуалните загуби со кои би можела да се соочи економијата ако денот Недела биде прогласен за неработен ден. Од Комората бараат што поскоро донесување на законското решние, за да можат да ги изнесат нивните видувања за истото.

Даниела Михајловска – Василевска – Стопанска Комора на Македонија

„Основното наше барање е да има прво законско решение, па да се отвори широка дебата, па во таа дебата да ги ставиме аргументите – за и – против. Во услови на корона криза, кога има сектори кои со месеци не работеа, да донесеме вакво решение мислам дека е надвор од било која економска логика. Трето, ако сепак се отиде недела да биде неработен ден, тогаш да има одложена примена од година или две, за да се направат анализи и усогласувања“, вели Михајловска – Василевска за „Економски Магазин“ на ТВ АлсатМ.

Роберт Митровски – Синдикат за угостителсво и туризам

Од друга страна, кога се работи за вработените во угостителството, Претседателот на Синдикатот за угостителство и туризам Роберт Митровски во интервју за порталот Работник посочи дека тие како работници не се консултирани во врска со законското решние. Апелираше дека вработените во угостителството би можеле да се согласат да работат во Недела, но за дупла дневница. 

Бобан Илијевски

 

Advertisement