Замрзнати цени: Најскапото јајце може да се продава по цена до 9,8 денари
Одлука за замрзнување на цените на јајцата и на оризот донесе Владата на денешната седница. Цените се замрзнуваат на нивото на кое биле на 15 март, што значи дека не може да се продаваат по повисоки цени од тие што биле на тој датум. Ова значи дека цената на јајцата останува на нивото од 8,5 денари до 9,8 за јајце, во зависност од големината. Не беше соопштена цената на оризот но таа ќе биде „како производствена цена на 15 март“.
Премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференцијата рече дека одлуката ќе се применува со 30 април.
-Трговците кои се регистрирани да вршат трговска дејност имаат обврска редовно да прибавуваат и да продаваат свежи јајца од кокошка во количини што редовно се прибавувале во јануари и февруари 2023 година, рече Ковачевски.
Тој посочи дека изминатиот период утврдиле дека има значаен пораст на цените на оризот и јајцата како резултат на движењата во однос на извоз и увоз на овие производи. Затоа, производителите на јајца, согласно одлуката, сега имаат обврска 70 отсто од производството да го пласираат на домашен пазар што ќе значи дека можат да извезуваат максимум 30 отсто од производството.
Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека овие мерки не се носат произволно туку се аргументирани врз факти и анализи.
-Просечната цена на јајцата е околу 8,5 денари и најскапото може да оди до 9,8 денари од јајце. Зависи од пакувањето и амбалажата, зависно од компаниите во делот на трошоците кои ги имаат. Многу е важно да се наведе фактот дека е зголемена побарувачката за производство на јајца од нашата држава, а бараат нашите соседи каде цените се од 14 центи до 20 центи и нагоре. Што значи дека ако се дозволи целосен извоз, повеќето ќе го пренасочат производство до соседите. Дополнително, како одлука е ограничувањето во извозот, каде 70 отсто од целото производство или пласман кој го имале во јануари и февруари, да ги снабдуваат ланците на маркети, а да нема недостаток на овој производ за сите граѓани, ниту зголемување на цената како притисок однадвор, кажа Бектеши.
- Како македонските шивачки го одржуваат занаетот? - 25/03/2025
- Мицкоски: Расте просечната плата, пензионерите ќе го добијат покачувањето - 25/03/2025
- Нови цени на горивата - 24/03/2025