МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

Заобиколени од сите страни: Новинарите и медиумските работници се плашат за сопственото здравје, но и за работните места

Заобиколени од сите страни - Работник
73views

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници направи истражување за работењето на новинарите и медиумските работници во ек на корона кризата.

Според истражувањето на ССНМ, на 62 % работењето во ек на пандемијата им влијаело на менталното здравје. На 17 % од медиумските работници им била намалена платата; на 22 % сопствениците не им обезбедиле заштитна оперма; на 45% им е потребна дополнителна заштитна опрема и сега и во следниот период; на 25% од испитанциите најголем проблем при известувањето за КОВИД-19 им била намалената транспаренстност на институциите; на 48% им е потребна психолошка поддршкa.

Пандемијата силно ја погоди медиумската индустрија во земјава. Новинарските куќи се принудени да носат тешки одлуки: Kој ќе остане, а кој ќе си оди? Новинарите, пак, се соочуваат со финансиски, психолошки, социјални, но и етички и професионални проблеми повеќе отколку пред пандемијата, велат од ССНМ.

„Двајца медиумски работници досега ја загубија битката со коронавирусот, што покрај стравот за економско-социјалната безбедност го зголемува нивото на страв кај медиумските професионалци кои секојдневно при извршувањето на своите редовни работни задачи се ставаат во ризик од заразување“, истакнаа од ССНМ.

Ова се дел од заклучоците извлечени од истражувањето на Синдикатот на новинари и медиумски работници направено во текот на јуни на репрезентативни 150 испитаници, вработени во различни медиуми. Загрижува фактот што дури 30% од анкетираните одговориле дека познаваат некој што останал без работа за време на корона пандемијата. Седумнаесет проценти од медиумските работници одговориле дека им била намалена платата. Помали плати пристигнале на трансакциските сметки кај дваесет и пет од анкетираните . На седуммина платата им била скратена за 30%, посочија од ССНМ.

“Заради интервју со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски бев казнет со 15% од плата еден месец”.

Ова е одговор на новинар кој бил казнет на своето работно место, поради сработеното. Градоначалникот излезе позитивен, па потоа негативен на коронавирусот, а новинарот заработил небулозна казна за која речиси никој и не разбра. Причините останаа непознати. Најголемиот страв на сите граѓани го делат и медиумските работници. Губењето на изворот на егзистенција. Овој шок бил приреден на четворица медиумски работници кои останале без работа во најголемиот пик на пандемијата. Промените со коронавирусот се одразија на сите полиња. Четириесет и пет проценти oд испитаниците одговориле дека им е потребна заштитна опрема и сега и во следниот период, додека 22 посто дека сопствениците не им обезбедиле заштитна опрема.  Медиумските работници се жалат и на намалување на квалитетот на животот. Дури 62% одговориле дека овој начин на работа им влијае врз менталното здравје.

“Три месеци работам втора смена до 23 часот навечер за да готвам, чувам деца и да учам со нив додека дојде сопругот”, вели една новинарка.

Новинарите се во макотрпна битка во вителот на лажните вести, се троши последниот атом енергија за да се дојде до точни и навремени информации. Најчестите одговори на испитаниците во врска со транспарентноста на институциите се дека во текот на ковид кризата голем дел од прашањата до институциите останувале неодговорени. Дополнително, во обид да ги заштитат граѓаните од дезинформации, ја губат силата да се изборат во сопствениот “двор”. Се наѕира канонада од тешки удари врз работничките права. Насекаде. Новинарите веќе гласно бараат помош од синдикалната организација, стои во воведот на истражувањето на ССНМ.

Целосното истражување можете да ја погледнете тука